Рубини: Раскол во ЕУ по Брегзит

Ројтерс
Еден од најголемите светски економисти прогнозира раскол во Европската Унија по Брегзит и ги согледува позитивните тенденции во економската политика на Русија.

Американскиот економист Нуриел Рубини, кој ја претскажа светската криза во 2008 година, инаку раководител на сопствената експертска агенција Roubini Global Economics, одржа предавање за најголемите предизвици на светската економија на Меѓународниот финансиски конгрес во Санкт Петербург.

Рубини го започна своето предавање со шега: „Кога го прашале Горбачов кога отишол во посета на САД во каква состојба е економијата на Русија, тој одговорил со само еден збор: Good. Западните лидери побарале да објасни со барем два збора, тој прецизирал: Not good“. Според Нуриел Рубини, светската економија сега се наоѓа во слична состојба. „Добрите вести за светската економија се состојат во тоа што по финансиската криза 2008 година започна рецесија, по што следуваше економски пораст“, рече економистот. Кинеската економија го забави темпото на пораст, но не доживеа колапс, благодарение на што беше избегната втора глобална рецесија.

Брегизт ќе доведе до раскол во ЕУ

„Брегзит останува регионален, а не глобален шок. Тој не може да се спореди со банкротот на Lehman Brothers со кој во 2008 година беше започнат светскиот колапс“, уверен е Рубини. Според него, светските пазари умерено реагираа на резултатите од гласањето во Британија. За волја на вистината, Брегзит веќе предизвика финансиска волатилност и слабеење на јапонскиот јен, но влијанието на британскиот референдум на активите на САД и на земјите во развој досега беше прилично ограничено. Сепак, понатамошните последици можат да бидат мошне посериозни, зашто Брегзит може да предизвика верижна реакција.

„Желбата на Велика Британија да ја напушти ЕУ може да предизвика дезинтеграција на силите во Европа“, смета Рубини. Брегзит е криза која може да го загрози единствениот пазар на ЕУ и да доведе до распад на Шенгенскиот договор, смета познатиот економист. „Да претпоставиме дека Велика Британија ќе излезе од ЕУ. Тогаш Шкотска и Ирска, исто така, ќе сакаат да се одвојат. Во согласност со ваквото сценарио, Каталонија ќе посака да се одвои од Шпанија, Шведска и Данска можат да кажат дека Европа без Велика Британија е еврозона, а тие не сакаат да бидат во еврозона, па и ти ќе се одделлат“, смета Рубини.

Освен тоа, земјите од ЕУ се изморени од политиката на цврста економија. Според Рубини, најмногу штета од Брегзит ќе има економијата на Велика Британија, која ќе се соочи со забавување на економскиот пораст и со слабеење на инвестициските активности.

Како ќе се прилагоди Русија?

„И покрај постојните економски проблеми, во Русија тековниот економски систем е многу помалку ранлив и е постабилен за разлика од пред неколку години. Во текот на изминативе две години руската економија не страдаше само поради западните санкции и поради падот на цената на фосилното гориво, ами и поради побавниот пораст на економијата на Кина“, смета Рубини. Според него, скоро руската економија може да забележи пораст од 1 до 2%.

„За разлика од Саудиска Арабија која смета дека падот на цената на нафтата е привремена појава и не презема ништо, Русија реагираше добро“, смета Рубини. Конкретно, во услови на ниски цени на нафтата руските власти ја сменија кредитната политика и се ориентираа на таргетирање на инфлацијата, а не на економскиот пораст. Рубини смета дека Русија и понатаму е загрозена од намалените приходи на населението и од социјалната нестабилност.

Освен тоа, и понатаму се присутни глобалните ризици кои се карактеристични за земјите во развој. „Денес од глобализацијата имаат полза земјите кои поседуваат висококвалификувани стручњаци, способни да произведат технички сложена стока. Земјите со нискоквалификувана работна сила ја губат трката во глобализацијата“, вели Рубини. Од друга страна, стареењето на населението во развиените земји ги редуцира инвестициите, ја намалува динамиката на потрошувачка на стока и го кочи порастот на светската економија. Населението не старее само во САД и во Јапонија, ами и во Кина и во Русија, смета Рубини. Сепак, според него, денешните глобални ризици не можат да предизвикаат нова светска криза.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња