Руските нафташи го одобрија замрзнувањето на експлоатацијата

Евгениј Вјатлов / РИА Новости
Властите се надеваат дека ваквата мерка ќе доведе до пораст на цената на јаглеводородите.

На средбата со рускиот претседател Владимир Путин со првите луѓе на најголемите нафтени компании беше договорено да се замрзне експлоатацијата на нивото од јануари 2016 година. Во замена за тоа тие можат да добијат даночни олеснувања од државата. Средбата беше затворена, а за одлуката на нафтените компании извести министерот за енергетика на Русија Александар Новак. Според него, позицијата на учесниците на средбата „била позитивна“. Замрзнувањето на експлоатацијата на нивото од јануари 2016 година не значи и нејзино намалување.

Како резултат на ваквата одлука цените на нафтата можат да се зголемат или барем да се стабилизираат, се надеваат во руската влада, иако експертите предупредуваат дека цената на јаглеводородите зависат од поголем број фактори.

„Замрзнувањето на моменталното ниво на експлоатација во Русија е можно, и згора на тоа, е мошне исплатливо, доколку членовите на ОПЕК и другите земји што експлоатираат нафта се договорат на намалување на количеството на експлоатацираната нафта“, - вели Иван Капитонов, доцент на Руската академија за народно стопанство и државна администрација, институција блиска до владата. Според него, ползата за руските нафтени компании се состои во тоа што при моменталното ниво на оданочување разработката на нови наоѓалишта е нерентабилна, а во новите услови тие можат да ги намалат своите инвестициски програми.

Предмет на договорот

Средбата на претседателот со нафташите се одржа во салата за состаноци на Советот за безбедност во Кремљ, каде се одржуваат најважните и затворените преговори. Според податоците на изворот на агенцијата РБК, нафтените компании се согласиле дека ќе бидат обврзани да ја намалат експлоатацијата или извозот на нафтата, на што тие не биле подготвени.

Ваквата одлука би значела загуба на дел од пазарот и отсуство на враќањето на инвестициите. Како што објасни Владимир Путин, руските нафтени компании во 2015 година експлоатирале рекордни 534 милиони тони нафта, односно 1.4% повеќе во однос на 2014 година. „Нашата задача е да ја задржиме позицијата на нафтената гранка и да обезбедиме нејзин развој“, изјави Путин.

Во замена на согласноста за замрзнување на експлоатацијата нафтените компании можат да добија даночни олеснувања или барем да добијат намалување на товарот на претходното ниво, без оглед на намалените приходи во буџетот, изјави по средбата министерот за енергетика Александар Новак за РИА Новости. Сепак, според него, прашањето за даночното регулирање за нафтената гранка допрва ќе се разгледува во владата. 

Влијание врз цените

Во февруари 2016 година Русија, Саудиска Арабија, Катар и Венецуела се договорија за задржување на експлоатацијата на нивото од јануари 2016 година, под услов и другите производители да се приклучат на иницијативата. Подготвеност за замрзнување на експлоатацијата веќе изразија Еквадор, Алжир, Нигерија, Оман, Кувајт и ОАЕ, но никакви договори во врска со тоа не се потпишани. Згора на тоа, Иран, кој излезе од санкции, се заканува со зголемување на експлоатацијата.

„Замрзнувањето на нивото на експлоатација на нафтата, за кое Русија се договори со Саудиска Арабија претставува еден вид интервенција, а не реален фактор кој влијае на цената“, вели аналитичарот на ГК „Финам“ Алексеј Калачев. Според него, земјите се договориле за замрзнување на експлоатацијата на нафтата на јануарското ниво, кое е едно од највисоките во целата историја.

Згора на тоа, цената на нафтата во современиот свет зависи не само од производителите, ами и од побарувачката на клучните купувачи, во прв ред Кина, вели началникот на аналитичкиот оддел на ИК Рус-Инвест Дмитриј Беденков. Според него, побарувачката од страна на земјите во развој за нафта постојано опаѓа. „Дисбалансот на побарувачката и понудата засега е на ниво од 1.5 милиони барели дневно, и до крајот на година тоа ќе ја задржи цената“, додава Георгиј Вашченко, начелник на управата за операции на руската берза на ИК Фридом Финанс.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња