Фотографија: Eкатерина Туришева
Македонија е земја што е привлечна за голем број странски туристи, но особено е значајна за оние од словенските земји. Ваквата заинтересираност се должи, пред сѐ, на заедничките корени во историјата, блискоста на јазиците и на културите, како и на поранешните тесни врски, кои извесно време беа разлабавени по менувањето на државниот систем во словенските земји.
Заинтересираноста е уште поголема со развојот на технологијата. Денес Интернетот е прозорецот кон светот, кој има безграничен поглед. Русите сѐ повеќе добиваат информации за Македонија, за нејзините природни убавини, како и за нејзините туристички места.
За да се даде одговор зошто повеќе нема директна линија Москва - Скопје, потребно е да се испитаат демографските и социо-економските услови кои владеат во одреден регион, кој би бил потенцијално опслужено подрачје за оваа линија.
Петар И. Димитров
магистер по воздушен сообраќај
Во Република Македонија веќе подолго време функционира Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, чија главна цел е привлекување странски туристи, меѓу кои и од Русија. Директорот на оваа организација, Кристијан Џамбазовски, во Руската Федерација гледа голем туристички капацитет. „Според светските економски експерти руската економија во последниве неколку години бележи значителен раст, а со тоа и бројот на руски туристи во светот се зголемува. Значајно е да се спомене зголемувањето на руските инвестиции во Македонија и засилувањето на соработката меѓу овие две држави. Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот неколку години по ред ги претставува туристичките потенцијали на Македонија на рускиот пазар, препознавајќи потенцијал и перспектива пред сè поради поврзаноста на рускиот и македонскиот народ, преку религијата, сродните јазици и културните вредности. Граѓаните на Русија почесто доаѓаат во Република Македонија со цел посета на Охрид како центар на словенската писменост и посета на културните знаменитости на градот и пошироко“, вели Џамбазовски.
Македонија веќе неколку години се обидува да се пробие на рускиот туристички пазар, со оглед на тоа дека, освен што станува збор за огромен број туристи, треба да се земе предвид и волјата на руските државјани за патување надвор од земјата. Секако дека промоцијата на Македонија во Руската Федерација е многу важна, а презентацијата пред пошироката публика е најважниот сегмент од неа. „Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) континуирано веќе неколку години по ред настапува на Меѓународниот саем за туризам (МИТТ) во Москва. На овој саем Македонија се промовира со свој штанд соодветен на рускиот пазар, промотивни материјали на руски јазик, како и промоција на македонската храна и вино. Поттикнати од потребата и зголемениот број руски туристи оваа година започнавме со медиумска кампања, чија цел е претставување на македонската туристичка понуда, а со тоа и привлекување на поголем број руски туристи. Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот организира инфотури за туроператори и новинари со цел запознавање со културните и природните богатства на нашата земја“, ги сумира накусо активностите Џамбазовски.
Во оваа насока Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот од годинава започнува со засилена маркетинг-стратегија за рускиот пазар, за која вработените сериозно се подготвуваа. Станува збор за соработка со Асоцијацијата на туроператори на Русија за отпочнување медиумска кампања, која би се состоела од поставување банери, како и од објавување репортажи за Македонија во печатени и во онлајн-магазини, на портали, како и во дневни весници и списанија. Исто така, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во јули годинава ќе организира и промотивни тури за туристичките оператори и за новинари.
Од македонска страна постојат неколку олеснувања што се однесуваат на руските државјани. Пред сѐ, тука е одлуката на Владата на Република Македонија за укинување на визите за влез во државава за државјаните на Руската Федерација, што претставува огромен плус, кој ги ослободува туристите од бирократските процедури. Второто олеснување се однесува на субвенциите за туристичките оператори што ги доделува Владата на Македонија. Висината на субвенции за рускиот пазар со авионски превоз изнесува 65 евра по донесен руски турист.
Во поглед на последново секако е важна и соработката со руските туристички агенции. На Интернет можат да се најдат многу понуди за Македонија од различни туристички агенции, и тоа не само од Москва туку и од другите градови на Руската Федерација. „На Меѓународниот саем за туризам во Москва годинава се остварија голем број контакти со руски туроператори, а Македонија веќе ја има во нивната понуда. Во изминатиов период беа организирани повеќе успешни инфотури за туроператори и новинари од Руската Федерација. Во Македонија тие остварија бизнис-средби со македонскиот туристички сектор во насока на отпочнување и континуирано збогатување на туристичката понуда наменета за рускиот пазар“, изјавува директорот на Агенцијата, Џамбазовски.
Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот неколку години по ред ги претставува туристичките потенцијали на Македонија на рускиот пазар, препознавајќи потенцијал и перспектива пред сè поради поврзаноста на рускиот и македонскиот народ, преку религијата, сродните јазици и културните вредности.
Кристијан Џамбазовски
директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот
За руските туристи се заинтересирани и македонските туристички агенции, кои во иднина планираат да организираат специјални програми наменети за руските граѓани. Во овој контекст се планираат повеќе видови тури низ Македонија. Она што е навистина интересно за руските граѓани е верскиот туризам, а кој во Македонија е многу малку развиен. Русите се заинтересирани за македонските цркви и манастири, но за нив не постојат посебни организирани тури, што значи дека и руските и македонските туристички оператори би требало да обрнат поголемо внимание на овој сегмент. Руските туристи се заинтересирани и за традицискиот туризам, за кој, исто така, не постојат посебни понуди. Тие можат или случајно или на сопствена иницијатива да ги посетат настаните какви што се Галичката свадба, Вевчанскиот карневал, Струшките вечери на поезијата и други.
Голем минус за Македонија претставува и непостоењето на директна линија Москва-Скопје. Откако во 2001 година авиокомпанијата „Аерофлот“ го напушти македонскиот пазар на авионски превозници, до Скопје може да се стаса единствено со транзитирање. Ваквата состојба со авионскиот превоз ја коментира и Петар И. Димитров, магистер по воздушен сообраќај. „Основното прашање кое се поставува на почетокот е прашањето за оправданоста на ваква една линија. Основата за воспоставување се заснова на предвидливите движења на економските параметри (бројот на жителите, вработеноста, националниот доход, обемот на стоковната размена, бројот на туристите, воспоставен визен режим и сл.) и понатаму се дефинираат можностите за одржлив развој на истата. Потребите на луѓето за воздушен превоз произлегуваат од сите човечки активности, а задачата на транспортните елементи е таа потреба да биде задоволена. Влијаат многу фактори - политиката, оперативните приходи и расходи на дадена авиокомпанија како и бројот на потенцијални опслужени патници (туристи, патници кои одат дома, студенти и сл.), односно исполнетоста на еден воздухоплов за даден период на време (два пати неделно, еднаш неделно и сл.). За да се даде одговор зошто повеќе нема ваква линија, потребно е да се испитаат демографските и социо-економските услови кои владеат во одреден регион, кој би бил потенцијално опслужено подрачје за оваа линија“, вели Димитров.
Во врска со ова Џамбазовски не губи надеж: „Ние проблемите ги гледаме како предизвик и затоа најголемиот предизвик, но не и нерешлив, е поставувањето директна линија Москва-Скопје. За таа цел ги покануваме заинтересираните авиокомпании и туроператори на заедничка средба за поттикнување на оваа иницијатива и нејзина реализација“. На овој проблем постојано работи и амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија, која се обидува да најде авиопревозник што би бил заинтересиран да организира летови на оваа маршрута.
Според податоците на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, во последниве неколку години забележан е пораст на странските туристи за 14%, а споредбено во последниве три години бројот на руските туристи е зголемен, што претставува дополнителна мотивација за промоција на Македонија во Руската Федерација.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче