Русија и Балканот – време за нова стратегија

Извор: ИТАР-ТАСС

Извор: ИТАР-ТАСС

Повлекувањето на Русија од регионот, кое беше резултат на распадот на СССР и Југославија, е штетно и за двете страни. Русија мора да го врати своето политичко влијание во регионот.

Кризата во Руската Федерација, по распадот на СССР, како и војните кои следеа по растурањето на Југославија, отворија простор главен фактор на Балканот, за прв пат во историјата, да станат – САД. На таквиот расплет кумуваше и некадарноста на ЕЗ да се справи со последиците на нецивилизираното раздружување на југо-републиките. Неспремна да се конфронтира со САД, Русија, практично, се повлече од регионот.  

Периодот на распад на бившиот социјалистички блок го искористи САД, за прв пат во историјата да станат доминантен фактор на Балканот.

На почетокот, улогата на Вашингтон беше – драгоцена. Без нив, најверојатно, и Хрватите, и Србите, и Бошњаците - ќе се изедеа меѓу себе. А, не може да се исклучи ни евентуалната авантура на Милошевиќ, за “враќање“ на Македонија во трлото? Набргу, меѓутоа, се виде дека улогата на САД не е мотивирана од хуманитарни причини туку заради нивните повеќе слојни стратегиски интереси на Балканот. Меѓу нив, веројатно, била и очекуваната долгорочна нестабилност на регионот, гледана како можност за валоризација на улогата на НАТО. По расформирањето на Варшавскиот пакт, алијансата немаше причини за опстанок и тоа беше одличен повод за осмислување на нејзината идна улога. Потоа се појавија и Авганистан, и Ирак... како поле за нејзино делување ама Балканот ја пополни празнината која се појави по драматичните, историски промени на европскиот исток. 

         Поминаа веќе преку 20 години од тогаш и време е да се прашаме до каде стигна овој традиционално невралгичен дел на Европа? Веднаш мора да се признае дека се постигнати значајни резултати, во многу области. Арно ама, неспорно е исто така дека останаа нерешени неколку клучни проблеми, битни за безбедноста. И не само тоа: можностите тие да се надминат во релативно кус период се – рамни на нула: 

И после повеќе од дваесет години од распадот на СФРЈ, просторот останува нестабилен без изгледни перспективи тоа да се подобри.

- состојбите во БиХ не само што не се подобруваат туку одат по надолна линија. Република Српска тера како да е независна држава и отворено работи тоа да стане. Во Бошњачко-Хрватската Федерација не е можен договор за што било позначајно... Има заложби за редефинирање на Дејтонскиот договор ама тоа не може да помине во Бања Лука. Решение на повидок – нема! Демонстрациите во повеќе градови, од почетокот на 2014 година, само покажуваат дека состојбите можат да експлодираат во било кој момент. А дали некој, и зошто, стои зад нив – ќе покаже времето;

         - дефинитивно етаблирање на Косово на меѓународната сцена е невозможно без прием во ООН и суштинско напредување кон ЕУ а двете, засега, се – невозможни. Затоа, опасноста тамошните криминални структури да играат се’ позначајна улога во државата се – реалност. А таквиот развој директно ќе се рефлектира и на сите соседни земји;

         - проблемот со името на Македонија е заглавен во ќор-сокак, од кој не се согледува излез. Така, сликата станува доволно јасна. Евро-атлантските аспирации се блокирани со цел да зајакне албанскиот фактор и така, од внатре, да се руши земјата. Неспорно е дека САД продолжуваат со финализирање на големоалбанскиот проект, а додека тоа трае - во Македонија нема да има мир. Името е само покритие за реализација на туѓи интереси и планови.

         Капак на состојбите е маргинализацијата на процесот на проширување на ЕУ, од страна на Брисел. Иако, формално, тој не е запрен, со сигурност може да се тврди дека додека трае кризата во Унијата, а таа е долгорочна, примањето на нови членки максимално ќе се одолжува. Исклучок може да биде Црна Гора: а) поради нејзината големина (600 илјади жители); б) со оглед на големиот продор на руски капитал; в) како демонстрација (привидна) дека Унијата е - отворена. Аспирантите не само ќе ја губат мотивациите за тешките и болни реформи туку ќе бидат и дезориентирани.

И најопшта анализа покажува дека и за регионот, ама и за пошироко, се потребни нови опции. Унијата докажа дека не е способна да го стабилизира Балканот. А САД, користејќи го НАТО, настапуваат со свои тесни интереси кои долгорочно можат да бидат погубни. Целосната американска посветеност  на градење на стратегиско партнерство со Албанците, веќе се покажува како контрапродуктивна. Со голема сигурност може да се тврди дека тоа се’ повеќе ќе доаѓа до израз. Да не забораваме дека, по Втората светска војна, Албанија прво имаше “братски“ односи со СФРЈ, потоа со СССР а следеше Кина. Сите тие, подоцна, испаднаа најголеми душмани. Дали традицијата ќе се одржи, ќе покаже времето.  

         Американскиот влог на Балканот е веќе огромен (Косово...) а преиспитување на нивните приоритети, не е реална опција. Големите (никогаш!) не признаваат грешки особено кога сметаат дека успеваат (како во случајов). Наша задача е постојано да ги повторуваме аргументите и фактите за погрешната американска ангажираност на Балканот. Работите не ги бива. И за нас, и за нив, и за сите.

За стабилен Балкан, на него мора да се појави сериозен „играч“ која ќе биде коректив на политиките на НАТО и ЕУ. Таков фактор може да биде само Русија.

Се’ ќе беше поинаку доколку уште некој меѓународен фактор играше улога на Балканот. А, тоа може да биде само – Русија. Москва мора погласно да ги артикулира своите ставови за регионот. Без оглед што тој, засега, изгледа како чиста американска епархија. Долгорочно, така не може да остане. Сериозна грешка е ако Москва смета дека, со енергетскиот продор, ќе ги постигне своите цели. Тоа е само одличен симбол на значајната улога која Русија објективно ја игра во Европа. Толку. Се’ друго би било крајно контрапродуктивно. Потребен е и политички ангажман.

         Русија, на пример, не може да биде индиферентна на третманот на кој е Македонија изложена и од НАТО, и од ЕУ, иако тоа директно не ја засега. Таа мора да има свој јавен став по тоа прашање и без Македонија да го бара тоа. Се работи за флагрантно кршење на правниот поредок и принципите во меѓународната политика. Москва мора одлучно да ги осудува таквите манипулации, ако навистина сака да си ја врати позицијата на силен фактор на светската сцена и, зошто не, на – супер сила. Ако Македонија смогне сили да побара преиспитување на нејзиниот случај во СБ на ООН, Русија мора да биде носител во исправањето на неправдата. Така ќе и расте рејтингот, овој пат исчистен од идеолошки примеси и калкулантски математики. Само така ќе ја максимализира својата меѓународна улога.

         Со решителна одбрана на меѓународниот правен поредок, Москва ќе биде вистинска алтернатива на сегашната униполарност на светот и злоупотребите кои се случуваат. Во реализацијата на една таква политика, и многу други земји ќе сакаат да играат своја улога. На тој начин може да се создаде неформален сојуз на многу голем број држави. На сите кои се целосно подготвени да се борат – а) за вистинска правда; б) за неприкосновени принципи и в) за непроменливи процедури. За било каде, и за било кого. Тоа е стратегиски интерес на сите мали, средни и сиромашни земји, кои се и најбројни. На истата линија ќе може да се мобилизираат и Кина, и Индија, и Бразил... што значи и БРИКС... Само така може да се реструктурира длабоко корумпираната светска политичка сцена. Само така, Русија може да биде природен водач на голем дел од светот.

         Токму преку одбрана на легитимните права на македонскиот народ, базирани на универзалните принципи и правдата, Русија може да ги зајакне и својата принципиелна меѓународна позиција, и влијанието на Балканот. Со силата на нашите неспорни аргументи, може да се бие секој противник.

         Обидите на НАТО (САД) да ја опкружи Русија со свои членки, продолжуваат. Инсталирањето на новите ракетни системи напредува. Индикаторите за нова студена војна, чија цел е изолација на Русија, се се’ побројни... За да се парира, потребни се нови иницијативи. Со нив, на време, можат да се спречат сите овие негативни тенденции, кои Европа ја враќаат со децении наназад.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња