Палачинки и маски

23 февруари 2017 Максим Рубченко
Во неделата во која се одбележува рускиот народен празник Масленица, „Руска реч на македонски“ се осврнува кон паганските обичаи и нивната поврзаност со христијанството.
Brazil Russia Carnival
Извор: Imago stock&people/Global Look Press; Авилов Александар/агенција Москва

Најмаркантните културни појави во христијанскиот свет, кои се составени од пагански обреди, световни забави и религиозни традиции, не само што имаат заедничко потекло, ами и заедничка духовна суштина.

И покрај распространетите заблуди, христијанството во многу наврати не се борелo со оган и со меч со паганските традиции на народите. Многу почесто христијанската црква ги зачувувала датумите на традиционалните празнични денови и обредите кои се поврзани со нив, но и ги адаптирала на своите норми. Како резултат на тоа, многу христијански свечености станале наследство на паганските традиции, и со своите корени датираат од времињата кои се многу далечни од христијанската ера.

Еден од традиционалните пагански празници кај мнозинството народи во древна Европа бил испраќањето на зимата, кој обично се одбележувал на денот на пролетната рамноденица. Овие датуми се многу блиски до христијанскиот Велик пост, на кој му претстои „подготвителната недела“. Според католичката традиција таа на латински се нарекувала carne vale, што се преведува како „збогум, месо“! Оттука е и зборот „карневал“, кој станал спој на паганските празници на испраќањето на зимата и христијанските подготовки за Великиот пост. Во официјалните документи на Венециската република веќе во 11 век карневалот се споменува како празничен настан, кој претходи пред религиозниот пост пред Велигден.

Од Венеција карневалот се распространил низ целата Јужна Европа, а по откривањето на Америка, заедно со португалските преселници тој дошол во Бразил, И сега секоја година во февруари, пред почетокот на Великиот пост, цел Бразил се придружува на најгласниот, најмаркантниот и највеселиот празник на планетава.

Во православната традиција аналог на carne vale е Масленица. Овој древен словенски празник на испраќањето на зимата, кој своите почетоци ги има во претхристијанската ера, се карактеризира со обилна и разновидна трпеза, но без месни јадења. Главен симбол на масленицата станале палачинките, кои со својот облик потсетуваат на пролетно сонце.

Затоа и таинствените маски, кои ја пресекуваат мирната вода на венециските канали, и бразилските карневалски прошетки на улиците на Рио, и жителите на Русија, кои со апетит јадат палачинки, се дел од една традиција – паганското испраќање на зимата и подготовката за главниот христијански настан – Велигден, Светлото Воскресение Христово. Долговечноста и грандиозната популарност на овие народни празници уште еднаш сведочат за заедничките христијански корени на современата светска култура.

Авторските права на материјалите се во сопственост на редакцијата. При објавувањето на материјали од порталот „Руска реч на македонски“ во друг медиум, задолжително треба да се постави активен линк кон страницата од која е преземен текстот.
+
Лајкнете нѐ на Фејсбук.