Богојавление во Русија: некогаш и сега

19 јануари 2017 Емил Ниами
Богојавление, или како што на руски се нарекува Крещение Господне (Крштевањето Господово – заб. прев.) е еден од најголемите христијански празници. Со Богојавление завршуваат Божиќните празници. „Руска реч на македонски“ ви раскажува како овој празник се славел некогаш и како се одбележува денес во Русија.
People queue to take a dip in icy water during Orthodox Epiphany celebrations in Yaroslavl
Извор: Ројтерс

Денот пред големиот празник Богојавление, кој се нарекува Водокрст или Крштевна Вечер, е ден со строги пости. Овој ден претставува подготовка за големиот празник со кој се одбележува крштевањето на Исус Христос во реката Јордан. Во Русија постојат многу обичаи поврзани со Богојавление, а некои датираат уште од времето на покрстувањето.

Стари руски богојавленски обичаи

Според народните верувања на Водокрст, вечерта пред Богојавление, се бркаат нечистите сили. Во овие таканаречени „некрстени денови“ злите сили се обидуваат да навлезат во домот. Затоа Русите на вратите од своите домови поставувале крстови, за кои се верувало дека ќе ги исплашат демоните и ќе ги прогонат од домот. Крстови се ставале и на прозорците, и на сите влезови од имотите, со цел нечистата сила да не може да продре од ниту едно место. Во старите времиња се сметало дека доколку не се постави крст на вратата оваа вечер во домот ќе зацарува лошото.

Доколку домаќините навреме не го заштителе својот дом и во него ја „пуштиле“ нечистата сила, тогаш постоело решение и за тоа. На подот од куќата требало да се најде пукнатина од дрвото. На тоа место до домалиот прст од десната рака се „цртал“ триаголник. Потоа на ова место се стапнувало со левата нога и се кажувале следниве зборови: „Христос воскресе, а не ти, демону! Амин!“. На тој начин злите сили го напуштале домот, а семејството се ослободувало од лошото.

Луѓето, особено младите девојки, многу се плашеле на овој ден од појавувањето на врколакот кој бил наречен „Огнен змеј“. Овој врколак се појавувал вечерта пред Богојавление во вид на прекрасно момче. Девојките се вљубувале во него на прв поглед, а потоа не можеле да живеат без него. Освен крстот од овој врколак се штителе и со тоа што собирале грст снег на Водокрст и го фрлале во печката од домот.

Вечерта пред Богојавление се сметала дека е многу добра за предвидување на иднината. Најчесто се собирале младите девојки и на различни начини гледале што ќе им се случи во иднината. Исто така мошне често во домовите доаѓале гатачки и на членовите од семејството им кажувале што ќе им се случи следната година.

Со Богојавление во стара Русија се поврзани и многу верувања за судбината на човекот. Доколку некој бил крштеван на овој ден, се сметало дека тој човек ќе биде среќен сиот свој живот. Исто така се сметало дека е многу добро на овој ден да се прават веридби или да се договори свадбата. Се сметало дека на тој начин љубовта помеѓу младите ќе биде вечна и дека нивното семејство ќе биде среќно.

Младите девојки, пак, кои сè уште немале младоженец вечерта на Богојавление излегувале од своите домови и го повикувале судениот. Доколку на девојката ѝ се појави младо момче, тоа значело дека ќе ја следи среќа, а доколку се појавел старец тоа било лош знак.

Постоел и обичај кој со задоволство го правеле и момчињата и девојките. Имено тие ќе сретнеле некој минувал и ќе ги прашале да кажат некое име: девојките прашувале за машко, а момчињата женско. Според народните верувања според името што ќе биде кажано се знаело како ќе се вика нивниот иден маж или жена.

Доколку вечерта на Богојавление била ведра, девојките се упатувале кон црквите. Таму низ затворените врати слушале: доколку чуеле венчален хор, тоа означувало среќа, а доколку слушале упокоителна служба, тоа претставувало лош знак. Доколку слушнеле звук на камбана, пак, тоа значело дека наскоро ги очекува свадба, а доколку чуеле немо тропање тоа означувало скора смрт.

За девојките исто така на овој ден било многу важно и фрлањето чевла. Тие излегувале на улица и со левата нога ја фрлале чевлата. Потоа ќе виделе каде е свртен носот на чевлата и дознавале од која страна ќе дојде нивниот младоженец и во кој правец ќе се упати невестата. Доколку носот на чевлата бил свртен кон селото на девојката, тоа значело дека таа нема да се омажи во следната година.

Богојавление во современа Русија

Денес во Русија главниот настан се случува утрото на 19 јануари кога во црквите се организираат процесии. Парохијците одат во своите цркви и земаат учество во процесијата, а потоа со себе земаат светена вода. Се верува дека оваа вода има лековити својства и дека оној што со неа ќе се измие ќе се ослободи од болестите и од лошите сили. Исто така чест е случајот кога со светената вода се попрскува и домот, со цел тој да се ослободи од душите што во него влегле во текот на некрстените денови. Во големите градови во Русија каде има многу народ светена вода се разнесува и по улиците на населбите во кои живеат луѓето, па секој може да си земе од неа за себе и за својот дом.

Уште една руска традиција за Богојавление е капењето во ладна вода. Оваа традиција зема сè поголем замав денес во Русија, а од година в година се зголемува бројот на учесниците во богојавленското капење. Водата за капење понекогаш се подготвува и во храмовите или капелите, но за капење најчесто служат отворите во мраз, кои во облик на крст се прават во езерата и во реките. Во секој отвор се врши осветување на водата, а во непосредна близина постојат шатори со греење, каде луѓето можат да се преоблечат и да се згреат по капењето.

ТАССТАСС

Како и за Божиќ, така и за Богојавление семејствата се собираат на свечен ручек, а трпезите се преполни со вкусна храна. На масата задолжително се поставува и погача на која од тесто е изработен крст, со што се симболизира крштевањето на Исус Христос. Секако, и во овие денови не треба да се заборави на оние што се сиромави и до нив да се поделат вкусните нешта што се наоѓаат на богојавленската трпеза.

Авторските права на материјалите се во сопственост на редакцијата. При објавувањето на материјали од порталот „Руска реч на македонски“ во друг медиум, задолжително треба да се постави активен линк кон страницата од која е преземен текстот.
+
Лајкнете нѐ на Фејсбук.