Евровизија на раздорот: реакции на Русија и на Украина

Томас Хансес
Најпознатиот музички натпревар на Европа ги судри Русија и Украина. Содржината на победничката песна и работата на жирито ги предизвикаа коментаторите на двете земји, претворајќи го аполитичното шоу во уште еден фронт на информациска борба.

Победничката песна на Џамала на Евровизија „1944“, говори за депортацијата на кримските Татари од полуостровот Крим, која ја организираше Сталин во 1944 година. Тогаш, во мај, наводно во соработка со нацистичка Германија, за само неколку дена оттаму се отселени околу 250 илјади луѓе.

Победничката на Евровизија јавно изјави дека во нејзината песна не треба да се бара политичка заднина. Сепак, кога на Џамала ѝ се јавил рускиот пранкер Лексус, претставувајќи се како помошникот на украинскиот претседател Петро Порошенко, пејачката во разговор се согласила дека песната може да се нарече „2014“ (годината кога Крим влезе во состав на Русија и кога односите помеѓу двете земји сосема се влошија). Но, „тогаш песната сигурно нема да влезе на Евровизија, зашто би се гледало на неа како на политичка акција“, рекла таа, додавајќи „Секако, политичка парола има во песната. Ние тоа тајно го знаеме“.

Руската реакција на резултатите

Главниот музички натпревар во Европа дури не се ни обидува да ја скрие својата политизираност, се зборува во руските медиуми и на социјалните мрежи, по добиените резултати. Целото што е како некое политичко оддолжување на земјите што се пријатели, а не релна оценка на музичкиот талент.

„За мене, секако, беше изненадување дека жиријата на некои земји бојкотираа“, изјави за изданието „Лајф“ рускиот учесник на Евровизија Сергеј Лазарев, кој го освои третото место. Песната на Лазарев „You are the only one“ доби најмногу гласови од гледачите, но конечниот резултат беше збир од гласот на жирито и на гледачите.

Претседателот на комитетот за надворешни работи на Советот на Федерацијата Константин Косачов, смета дека минскиот мировен процес сега веќе е сосема изгубен, со оглед на тоа дека претседателот на Украина Петро Порошенко има уште помалку стимул да го исполни договорот. „Зошто да се менуваат законите, да се договараме, кога 'Европа е со нас' и 'Западот ќе ни помогне'.

Познатата продуцентка Јана Рудковскаја (продуцентка на песната на Дима Билан во 2006 година кога тој го освои второто место) повика да се испрати жалба до Европскиот радиодифузен совет и да се сменат правилата на натпреварувањето. „Несфатливо е според кој принцип гласало жирито, кога 21 земја не ни даде ниту еден поен, а телевизиските гледачи ни дадоа најголем број поени“, вели таа за „Комсомољскаја правда“. Потребно е упатство со јасно утврдени критериуми (на пример, вокал, композиција, интерпретација), смета Рудковскаја.

Што мислат за натпреварот во Украина

Во Украина победата на Џамала беше дочекана со восхит. „Цела Украина ти е срдечно благодарна, Џамала“, напиша на својот Фејсбук-профил претседателот Петро Порошенко, а поранешниот премиер Арсениј Јацењук изјави: Украина победува и ќе победува, Крим ќе биде украински!

Дел од украинските аналитичари сметаат дека победата на Џамала воопшто не е поврзана со политика. „Победата не е политизирана, таа е искрена и заслужена. Тоа е народна, културна дипломатија“, забележа политикологот Владимир Фесенко во коментар за „Украински национални вести“.

Првото место на кримската Татарка Џамала предизвика бран повици за враќање на украинскиот суверенитет над Крим. Пратеникот на Радата и новинар Мустафа Најем на Фејсбук напиша: Праведно би било следната година Евровизија да биде организирана во историската татковина на Џамала – на украински Крим.

Треба ли да се очекува скандал следната година

Следната Евровизија ќе се одржи во Украина. На многу културни работници од Русија им е забранет влез во земјата поради поддршката за присоединувањето на Крим и на сепаратистичките републики од Донбас. Пратеникот на Радата Антон Герашченко во емисија на радиото „Говори Москва“ веќе се изјасни дека на натпреварот ќе можат да учествуваат само оние изведувачи кои не го сметаат Крим за Руски.

Впрочем, Кремљ веќе побара да не се разгоруваат страстите во врска со следната Евровизија. Тоа е меѓународен натпревар, постојат правила за влез, а тие се исти за сите земји, па Киев ќе мора да го земе тоа предвид, рече порт-паролот на претседателот на РФ Дмитриј Песков.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња