Сергеј Лазарев: 8 години ја одминував Евровизија

Сергеј Лазарев

Сергеј Лазарев

Вјачеслав Прокофјев / ТАСС
Оваа година Русија на Евровизија ќе ја претставува Сергеј Лазарев – пејач кој на почетокот на минатата деценија пееше песни од типот на оние на култната група Wham!, а потоа ги покори странските продуценти.

Песната „You Are The Only One“ на Сергеј Лазарев за Евровизија 2016 е производ на интернационален тим автори. Шансите се големи: На Јутјуб видеото веќе има 7.5 милиони прегледи, а букмејкерите уверено зборуваат за негова победа.

Станува збор за песна со порака која е едноставна, но мошне важна, а која е традиционална за руските учесници на Евровизија: „Секој од нас е уникатен и неповторлив, а ние треба тоа да го помниме“, вели Лазарев.

Над композицијата работеа грчкиот композитор Димитрис Контопулос, рускиот пејач, композитор и продуцент Филип Киркоров, Англичанецот Џон Балард и Швеѓанецот Ралф Чарли.

Лазарев признава дека песната го натерала да замине на Евровизија, која тој веќе 8 години ја одминува. Критичарите велат дека на пејачот кој ги има сите услови за успех – продуцентска куќа, глас, искуство и репертоар на англиски јазик – му станало тесно на руската поп-сцена. „Секогаш недостасува петтиот елемент... пробивањето“, признава Лазарев.

Руски Wham!

Но, до европската слава, која треба да му дојде на 33-годишниот Лазарев во Стокхолм, патор му беше долг. Во деведесеттите години од минатиот век Сергеј се занимавал со музика во детските групи, а отскочна штица е групата „Непоседи“фабрика за кадри на руската естрада, од која имаат излезено многумина шоумени и пејачи. Заедно со Лазарев во „Непоседи“ растеа и солистките од групата „Тату“ (со својот лезбејски имиџ тие ја претставија Русија на Евровизија во 2003 година), и неговиот иден партнер во дуетот Smash!! Влад Топалов.

Овој дует стана главна музичка сензација на почетокот од минатата деценија, а Лазарев и Топалов станаа идоли на средношколките. Идејата за дует ѝ се припишува на мајката на Влад – таа предложила да се сними заедничка песна како подарок за таткото за неговиот роденден. Момчињата започнале веднаш од високи ноти – ја снимиле аријата Belle од мјузиклот „Ѕвонарот на Богородичната црква во Париз“ и победиле на натпреварот на млади пејачи во Јурмала (Латвија).

Потоа се појавија насловни страници во најдобрите руски списанија и серуска слава. Ги нарекуваа „Обратни Тату“ или „Wham! на 21 век“- во прво време со дуетот се занимаваше Сајмон Нејпер-Бел, поранешен менаџер на кралевите на британските топ-листи од осумдесеттите години од минатиот век, дуетот Wham!

Сепак, молскавичната слава на дуетот Smash!! исто така брзо и згасна, повторувајќи ја судбината на своите браќа од Велика Британија. Во 2004 година Сергеј и Влад се разделија. По една година Лазарев започна со солокариера, и до денес има издадено 4 солоалбуми и 27 видеоспотови.

Сета заработка во шоу

Првиот солистички албум „Don’t be Fake“ се појави во 2005 година. Од него започна и соработката на Лазарев со познатиот продуцент Брајан Роулинг (кој ги создаде хитовите „Believe“ на Шер и „Bailamos“ на Енрике Иглесијас), По две години тие заедно го снимија вториот албум „TV Show“, во кој како композитори се приклучија повеќе од десетмина познати имиња од Велика Британија, Скандинавија и САД (тогаш на блескавиот тим му се приклучи и Роб Девис, еден од творците на „Can’t Get You Out Of My Head“ на Кајли Миног).

Во 2010 година тој се искачи уште повисоко и потпиша договор со американското студио SONY Music за следните два албума „Electric Touch“ и „Лазарев“ (2012). Со овој свој албум Лазарев ги има направено своите најдобри шоу.

Инаку, пејачот сите заработени пари ги вложува во шоу. Тој вели дека нема ниту скапи часовници, а и само една кола има. „Костимите, сценографијата – сето тоа чини многу пари, така што останав со празни џебови. Треба добро да работам за да си ја вратам заработката“. А, тој е навикнат да работи многу.

Поради набиениот распоред неодамна Лазарев изгуби свест за време на концертот – виновни за тоа, како што вели тој, се подготовките за Евровизија и притисокот од неговата втора професија – театарски актер. Преоптоварувањето не треба да влијае на настапот во Стокхолм: „Подготвен сум!“, уверено вели Лазарев.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња