Зошто се скараа тигарот Амур и јарецот Тимур?

Виталиј Анков / РИА Новости
Овие двајца поранешни другари, за кои веќе пишуваше „Руска реч на македонски“, сега живеат одделно. Се запрашавме зошто тие се скарале, а одговорот го добивме на терен.

Не е сè идилично во Приморскиот сафари-парк на Далечниот исток на Русија. Во односот на тигарот Амур и на јарецот Тимур, кои му докажаа на сиот свет дека е можна дружба помеѓу грабливец и неговиот потенцијален ручек, настапи криза.

Тигарот Амур и јарецот Тимур за првпат се скараа и сега живеат во различни живеалишта. По сè изгледа причина за конфликтот е безобразниот однос на Тимур, кој постојано го бодеше и му пречеше на Амур. Тигарот не издржа, го фати јарецот за врат и го фрли, по што спокојно си продолжи да се одмора.

„Тимур не настрада, но доживеа силен шок, зашто не е навикнат на тоа дека тигарот може да му покаже отпор. Решивме засега да ги сместиме во различни живеалишта, а исто така и да организираме ветеринарен преглед за Тимур“, изјави за информациската агенција ТАСС директорот на Приморскиот сафари-парк Дмитриј Мезенцев. 

Средбата со ветеринарните лекари не беше баш згодна за Тимур: во последно време тој се здебелил неколку десетици килограми. Вработените во сафари-паркот се загрижени дека тоа може да биде сериозен проблем за неговото здравје.

Сепак, вистинската причина за караницата помеѓу другарите можеби е нешто сосема друго. Неколку дена пред „несреќниот случај“ вработените во сафари-паркот предупредија дека тигарот Амур може да стане поагресивен. Тигрицата Тајга што живее во близина е во период на парење, а тоа може на непредвидлив начин да се одрази на однесувањето на Амур. Можеби избраничката на Амур не му се допаднала на неговиот другар Тимур, па тоа да е причина за нивното несогласување?

Засега Тимур живее одделно и се враќа на себе. За и нему да не му биде тажно, вработените во сафари-паркот решија да се погрижат и за неговиот личен живот. Дмитриј Мезенцев ги повика сопствениците да испратат фотографии од кози кои би можеле да му станат невеста на Тимур.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња