Две рози – ова е убаво и романтично, но не и во Русија. Доколку одите на гости или на состанок, проверете дали во букетот што го подарувате има непарен број цветови. Во спротивен случај девојката или домаќинката ќе се онерасположи, зашто парен број рози или каранфили се носат на гробишта.
Доколку состанокот минал успешно, тогаш сосема е можно да ве повикаат на гости. Пред да излезете од дома погледнете се во огледало, зашто доколку сте облекле нешто наопаку, тогаш тешко вам. Прво треба да се преоблечете, а потоа да замолите некој од блиските да ве чукне по грбот: според суеверието, ваквата симболична казна ќе ве спаси од вистинска непријатна ситуација.
Доколку сте излегле од дома и сте забележале дека нешто сте заборавиле, не враќајте се, зашто тоа е лош знак. Но, доколку морате да се вратите, постои начин да избегнете непријатност: пред повторно да излезете од дома задолжително погледнете се во огледало.
Сте стасале на гости, домаќините ја отвораат вратата, но без разлика на тоа колку сте среќни, најпрво треба да влезете внатре, а потоа да ја подадете раката за поздравување или за гушкање. Не треба да се поздравувате, да се прегрнувате или да се бакнувате со домаќините преку прагот: на тој начин може да го растревожите духот што живее под куќата, а тоа може да предизвика непријатности.
Не треба да подарувате на своите пријатели од русија ножици или нож, оти ќе се скарате. За да не се случи тоа земете симболична сума пари, на пример една рубља. Марамче за нос е, исто така, лоша идеја, зашто тоа значи солзи. А, доколку сте решиле да подарите паричник, ставете во него монета за никогаш да не биде празен.
Доколку на гости еден до друг седат две личности со исти имиња, обидете се да седнете меѓу нив. Во Русија тоа и не е толку сложено, со оглед на тоа дека бројот популарни имиња е ограничен. Откако ќе седнете помеѓу две Саши, Лени или Маши, смело замислете си желба, но не кажувајте ја никому оти нема да ви се исполни.
Доколку преку масата подавате некому сол, бидете внимателни да не ви се истури, оти тоа може да предизвика кавга. Впроем и за ова постои излез: прстофат од паднатата сол фрлете ја преку рамо – тогаш сé ќе биде во ред. А, доколку на гости ви се стори дека јадењето е пресолено, не нервирајте се, зашто тоа значи дека домаќинката се вљубила, а можеби вие сте среќникот.
Тешко дека вакво нешто ќе ви падне на ум на гости, но дури и дома не треба да се јаде од нож: според руското суеверие, тоа значи дека ќе се налутите. Секако, можете и да се пресечете.
Како одговор на традиционалните руски желби за среќа – „ни пуха, ни пера“ (на пример пред испит, пред разговор или пред некој важен настап), не треба да се вели „Благодарам“. Единствен вистински одговор е „К черту“ („По ѓаволите“), инаку среќата ќе си замине од вас.
Кога содржината од шишињата ќе се разлее по чашите, таа веднаш треба да биде тргната од масата, инаку нема да има пари. Велат дека ваквата традиција се појавила во времето на војната со Наполеон: демек руските Козаци по заземањето на Париз во 1814 година забележале дека количеството на испиеното во рестораните се сметало според празните шишиња што останале на масите, а потоа веднаш ги ставале под нив. За вистинитоста на легендата не можеме да гарантираме, но советот веројатно ќе ви се најде, зашто во Русија постои и традиција дека сите отворени шишиња задолжително треба да бидат испиени до крај.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче