Извор: Алексеј Куденко / РИА Новости
Според податоците на социјални истражувања, основни причини за стрес кај Русите се: растот на цените, невработеноста, криминалот, проблемот со домување, нервозите поради здравјето. Кај жените стресот се јавува двапати почесто отколку кај мажите.
Јади, моли се, љуби
Најдостапниот и наједноставен начин да се преживее стресот е - да јадете кога ќе доживеете стрес. Оваа типично руска навика се формира во детството, кога мајката, за да заборави детето, на пример, на удреното колено, му дава како утеха нешто благо. Навиката да се оттргнеш од мачни мисли со помош на храната кај многумина се задржува и кога ќе пораснат. „Исхраната е еден од најефикасните начини да си го поправиш расположението“, вели психологот Анета Орлова. „По развод или губење на работното место жените, како по правило, многу се здебелуваат. Како што покажува практиката, кога заработката се намалува за 15-20%, жената накачува до 10% од својата тежина“, вели таа.
Уште една традиционално руска метода да се преживее стресот е - да се исповедаш или да поразговараш искрено. Притоа не е важно со кого – дали со пријателите, со родителите или со свештеник. Често на луѓето дури не им треба конкретен одговор или совет, туку едноставно им е потребно да се искажат. Токму поради оваа причина во Русија апсолутно не се барани психолозите, затоа што луѓето не гледаат смисла да плаќаат за разговор.
За оваа недоверба има две причини, објасни познатиот руски психијатар-криминолог Михаил Виноградов. „Првата е неразбирањето на она што значи психолошката помош. Тука нема ништо чудно, и на западните експерти долго им требаше да се здобијат со доверба кај населението, вели тој. – Во историјата на Русија психијатријата не се користела секогаш за една иста цел. Ако човек потпаднел под надзор на психијатар, тогаш тој ги губел правата, не му дозволувале да вози автомобил, да има оружје итн. Тоа ги плашело луѓето, затоа што ограничувањата настапувале независно од дијагнозата“. Сега веќе системот изгледа поинаку, но луѓето сè уште го паметат стариот. „Се појавија психолози во обичните реонски поликлиники, но тоа се случи на почетокот на 2000-те, луѓето сè уште не навикнале на тоа. Ние имаме искривоколчена претстава за психолошките и психијатриските проблеми, тоа до ден-денес се смета за срамно“, - вели психијатарот. Како втора причина што предизвикува недоверба спрема психотерапијата, Виноградов го наведува менталитетот. „Кај нас се сметаше за срамно да им се раскажува за психолошки проблеми на непознати луѓе, и поради тоа предност им се дава на разговори со пријатели и роднини. Се одеше и кај свештеник, ама ретко кој, вели тој. – Некои луѓе одат со психолошки проблеми кај јасновидци или бајачи, но овие суеверија се зачувале поради недостиг на општо културно ниво“.
Љубовта како начин на борба со стресот ја практикуваат во Русија како мажите, така и жените. Притоа на вториве им е важно да чувствуваат поддршка, грижа – тоа е веќе доволно за да се смират после бурата од емоции. На мажите поважна им е физичката блискост.
Пиј, удирај, оди во бања
Најопасниот и најпопуларен начин да се надмине стресот во Русија е алкохолот. Според податоците од анкетата на Левада-центарот, 40% од Русите го сметаат овој начин за дозволив. „Тоа е опасна метода за борба. Организмот постепено престанува да се бори со нервозата сами и почнува да се привикнува. Се зголемуваат не само дозите алкохол, туку и зачестената употреба. Човек веќе почнува да пие без повод и ја заборава причината што го натерала да се фати за шишето“, раскажува психологот Елена Галицкаја.
Желбата да се пцуе или да се удри во момент на стрес е во крвта на Русите. Борбите со тупаници е старинска забава која се зачувала во целост до средината на 20 век. „Се тепаа куќа со куќа, улица со улица и не само во Москва, се потсетува во својата книга „Грешни записи“ 82-годишниот руски актер Лев Дуров. – Потоа ги прашував моите врсници од разни руски градови и излезе дека така се забавувале сите. Кога во парен котел се крева критичниот притисок, треба итно да се намали, инаку котелот едноставно ќе експлодира“.
„За жената е нормално да поплаче некое време, да се пожали, а ако почне да крши и да мава – ќе речат за неа дека е ненормална, објаснува Анета Орлова. – Ако маж почне да плаче и да се жали, тогаш тоа ќе бидат општествено недозволени емоции и ќе влијае на неговото себевреднување. Затоа мажот може да си дозволи гнев, лутина, раздразнетост – остро да каже нешто, да скрши нешто, да удри“.
Руската бања е сигурен начин да се исклучиш и да заборавиш на проблемите. Во прв ред, топлата пареа го смирува нервниот систем и помага да се опуштиш. Експертите за бања велат дека брезовото гранче како ништо друго на светот ги избива негативните емоции и го прочистува не само телото, туку и мислите.
„Традиционалното одење во бања не е само желбата да се третираш со пареа, тоа е и пригода и друштвото, вели Анета Орлова. – Тоа е исто кога жената оди во спа-клуб да си помуабети со другарките, да оди на масажа. Двата начина се многу ефикасни“.
Одмор и релаксација
Жителите на светските мегалополиси се многу слични едни на други. Сепак персоналот на хотелите се има научено без грешка да препознае Руси меѓу гостите. „Намуртените, нерасположени лица моментално ги прават различни од европските туристи“, раскажува сосопственичката на Dunes Unawatuna Hotel на Шри Ланка Евгенија Амарасинг.
„Кај нас пристигна руска група, кога се сместуваа изби цел скандал, ништо не им чинеше – на едни не им се допаѓаа собите, други се жалеа на скалите, велеа, ноќе сигурно ќе паднеме и ќе се повредиме. Ресторанот не им се допаѓаше, храната им беше невкусна, океанот со бранови, водата студена. А на заминување тоа беа други луѓе, сè им беше прекрасно, дури ни подарија и руска вотка и многу се извинуваа што пристигнаа во такво стресно, раздразнето расположение“.
Масажа, добра храна, сончање и пливање се единственото нешто што го бараат руските туристи на одмор во егзотичните земји подалеку од цивилизацијата. Според признанието на Евгенија Амарасинг, „нив минимално ги интересираат екскурзиите и знаменитостите, после ненормалната нервоза во Русија, најважно им е едноставно да легнат и да се одморат“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче