Првите хорор филмови се појавиле уште пред револуцијата во 1917 година, но, за жал, ниту еден од нив не е зачуван. Ова е во голема мера поврзано со процутот на симболизмот и на други декадентски правци во литературата кои активно се приклонувале кон мистиката. Подоцна, во СССР, каде социјалистичкиот реализам бил единствениот дозволен метод, не се снимале хорори. Екранизацијата на приказната на Гогољ „Виј“ од 1967 година до денес е единствен пример на советскиот хорор. Обновувањето на интересот за овој жанр започнува во времето на перестројката. Оттогаш е снимен голем број филмови на стравот и ужасот, но тоа се најчесто малку познати, нискобуџетни филмови.
Виј
Година: 1967
Режисер: Константин Ершов
Се смета дека ова е првиот (и единствен) советски хорор. Снимен е според повеста на Николај Гогољ. Ова е еден од најгледаните советски филмови во 1968 година (32.6 милиони гледачи).
Во една ноќ, главниот јунак Хома Брут случајно убива вештерка. Набргу го повикуваат да отслужи опело за една млада госпоѓица, за која излегува дека е истата таа вештерка. Опелото трае три ноќи, зашто госпоѓицата сака да му се освети на Брут.
Десет мали Црнци
Година: 1987
Режисер: Станислав Говорухин
Неколку луѓе кои претходно не се сретнале, доаѓаат на фиктивниот Нигер Ајленд. Меѓу нив се и еден војник во пензија, учителка, полицаец, судија, една госпоѓа во поодмината возраст, главно луѓе од различни општествени слоеви.
Откако ќе пристигнат со чудење ќе откријат дека на островот го нема домаќинот кој ги поканил, туку дека таму се само слугите кои немаат поим кој ги повикал да работат. Поради лошото време врската со копното се прекинува; бродот со кој тие пристигнале повеќе не се враќа по нив. Новите гости се сместуваат по куќите и чекаат ситуацијата да стане подобра.
Господин дизајнер
Година: 1989
Режисер: Олег Тепцов
Дејствието на оваа таинствена приказна кој е снимена во стилот на модерната, се случува на почетокот на минатиот век. Еден генијален (или луд?) уметник одеднаш сретнува една прекрасна жена која како да е пресликана од едно од неговите дела.
Пци
Година: 1989
Режисер: Дмитриј Светозарев
Пуст град. Порано се наоѓал на брегот на морето, но водата го повлекла и сега околу него има само пустина Тука се појавува глутница диви кучиња што ги напуштил човекот. За да се истребат кучињата, во градот заминува група ловци.
Допир
Година: 1992
Режисер: Албер Мкртчјан
Истражниот судија Андреј Крутицки добива задача да истражи еден случај за мистериозно самоубиство на една млада мајка. Пред да си ги исече вените, Ољга Маљцева си го задушила со перница својот син. Љубовникот на Ољга тврди дека до самоубиството ја довел духот на нејзиниот татко кој загинал пред 12 години во една несреќа во комбинатот. Имено, тој се појавувал секој ден и ја наговарал да го убие својот син и себеси. Веднаш по разговорот со истражниот судија и мажот извршува самоубиство.
Змиско легло
Година: 1997
Режисер: Николај Лебедев
Провинциска приказна прекрасно претставена во духот на тегобниот детективски жанр. Градот во кој на практика доаѓа Дина, студентка од педагошкиот факултет, е сиот во страв. Поради низа мистериозни убиства на девојки, жителите мислат дека во градот има манијак.
Мртви ќерки
Година: 2007
Режисер: Павел Руминов
Заработка во Русија: 1.418.200 долари
Постои таканаречена клетва на трите ќерки: оној што ќе го стигне клетвата ќе умре за три дена. Проклетството го имаат донесено три „чудни“ сестри кои ги има убиено нивната сопствена мајка: во моментот на смртта проклетството настанало од голем гнев.
Во Русија филмот го имаат видено повеќе од 247.000 луѓе.
Товар 200
Година: 2007
Режисер: Алексеј Балабанов
Заработка во Русија: 570.000 долари
СССР. 1984. Крај на советската епоха. Провинција. Исчезнува ќерката на секретарот на комитетот на партијата. Нема сведоци. Виновниците не се пронајдени. Истата вечер во една куќа на крајот од градот се случува свирепо убиство. Сопственикот на куќата е откриен. И двете истраги му се доделени на капетанот на полицијата Журов...
Чудо
Година: 2008
Режисер: Алексеј Прошкин
Заработка во Русија: 50.656 долари
Дејствието се темели на приказната која верниците ја пренесувале со прераскажување. Во 1956 година, за време на еден празник во едно советско зафрлено место, девојката Татјана ја зграпчува иконата на свети Никола и почнува да танцува со неа. И веднаш замрзнува. Пријателите во ужас бегаат од куќата. А девојката продолжува да стои така замрзната неколку недели.
Јуленка
Година: 2009
Режисер: Александар Стриженов
Заработка во Русија: 2.928.436 долари
Московскиот професор Андреј Белов се преселува од главниот град во провинција. Андреј се вработува во локалната женска гимназија. Наскоро забележува дека девојките во класот во кој предава се однесуваат чудно. Излегува дека имало барем едно самоубиство во училиштето – Соња Јалинска скокнала низ прозорецот. Во дневникот на една од ученичките Андреј наоѓа белешка на која пишува „Спасете нè!“. Тогаш тој сфаќа дека ученичките кријат некаква страшна тајна.
Носферату. Ужас во ноќта (цртан филм)
Година: 2010
Режисер: Владимир Мариничев
Заработка во Русија: 45.482 долари
Младиот свештеник Џонатан заминува на крајот од светот, во државата Трансилванија, во подножјето на Карпатите, каде, според легендите, живеат врколаци, вампири и мрачниот гроф Дракула.
Фобос. Клуб на стравот
Година: 2010
Режисер: Олег Асадулин
Заработка во Русија: 585.388 долари
Дождлива летна вечер. Младите луѓе излегуваат во ноќниот клуб Фобос, во подрумот на една поранешна скривница. Секој од нив има своја причина за да оди во клубот.
Најпрво сè е во ред, но по извесно време се затвораат вратите и снемува струја. Луѓето што се наоѓаат во таа ситуација не ја сфаќаат опасноста од она што им се случува. Се шегуваат, се застрашуваат, но наскоро излегува дека немаат ниту сигнал на мобилните телефони. За својата намера да одат во клубот не кажале никому...
А, што мислите вие за овие филмови?
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.