Наталија Бороникова на терасата на Универзитетскиот конгресен центар во Охрид, каде традиционално се одржува семинарот за македонски јазик, литература и култура. Фото: Емил Ниами.
Како дојдовте до идејата да започнете да го изучувате македонскиот јазик?
Македонскиот започнав да го изучувам уште во 1992 во студентските години, кога во Перм по одбраната на својата кандидатска дисертација на Московскиот државен универзитет „Ломоносов“ дојде доцент Марина Поварницина. Тогаш ние, студентите, сосема ништо не знаевме ниту за Македонија, ниту, пак, за јазикот. Нашата професорка ни раскажа и за особеностите на јазикот, и за историјата и културата на оваа земја, нè заинтересира за јазикот и за литературата. Оттогаш започна нашата љубов кон оваа чудесна земја.
Што значеше за Вас вашето прво доаѓање во Македонија?
Првпат дојдов во Македонија во 1995 година на Меѓународниот семинар по македонски јазик, литература и култура како учесничка по три години студирање дома, во Перм. Оттогаш се заљубив во македонскиот јазик, во убавините на прекрасниот Охрид, во гостопримството на домаќините и се трудам, кога имам можност, редовно да доаѓам тука.
Каква е состојбата со македонскиот јазик во Русија?
Македонскиот јазик во Русија се проучува во неколку славистички центри. На Московскиот државен универзитет е отворен лекторат по македонски јазик. Студенти-слависти го изучуваат јазикот во тек на пет години и добиваат диплома со специјализација по македонски јазик. Таму работи и предава најстариот и најреномиран македонист во Русија, академик на МАНУ Рина Усикова, доцент Елена Верижникова и лекторот Дејан Митевски. Други јазични центри се претставени во Санкт Петербург, Воронеж и Перм. Кај нас јазикот се изучува во рамките на курсот „Современ словенски јазик“ по избор во тек на две години. Студентите имаат вежби по македонски еднаш неделно, но можам да речам дека секогаш има заинтересирани и често по завршувањето на студиите студентите продолжуваат самостојно да го усовршуваат јазикот.
Македонија подолго време има проблеми со своите соседи во врска со својот идентитет. Каков е ставот во Русија во врска со ова прашање и каков е вашиот став?
Рина Усикова: Македонија ми е во срцето - Интервју |
Во Русија Македонија се признава под своето уставно име уште од почетокот на нејзиното формирање како самостојна држава. Што се однесува за мојата лична позиција, сметам дека идентитетот на еден народ се формира преку неговиот јазик. Македонскиот јазик е јазикот со богата изворна писмена традиција, со своите специфични особини, тој непрекинато се развива и живее во говорот на своите родени говорители.
Вие, освен со македонскиот јазик, природно сте запознаена и со македонската култура. Што е она што за вас ја одбележува културата на Македонија?
Секако се музичките фолклорни традиции. Кога го слушаш звукот на кавалот или гајдата, пред очите ти поминуваат типични балкански пејзажи со високи планини, зелени шуми, мирисливи треви, езерски површини. И, се разбира, ритамот на македонските ора кој се чувствува насекаде. Инаку сакам сè што е поврзано со Македонија.
Кои се нештата што ве пленат во нашата земја?
Посебна моја љубов е Охрид, многу го сакам стариот дел на градот, а покрај езерото можам да седам со часови. Другата моја љубов е Скопје со неговиот урбан ритам, универзитетот, музеите, театрите. Градовите сосема се различни по својата атмосфера, меѓутоа, од овој мозаик се создава целосна слика на земјата.
Каква е вашата проекција како професионалец и како научник за македонскиот јазик, литература и култура?
За литературата и културата ќе кажат стручњаци, неколку збора можам да кажам за јазикот. Јазикот како жив организам секогаш се наоѓа во постојано движење, во растеж и развивање. Македонскиот јазик се развива по типичниот пат за еден европски јазик кој се наоѓа во услови на глобализација, особено од интернационален карактер. Сепак, неговата местоположба во балканскиот контекст, каде меѓу јазиците постојат тесни врски, го прави особено уникатен и од лингво-типолошки и од културолошки аспект. Врз примерот на македонскиот јазик можат да се проследат појавувањата на многу јазични единици и категории.
Како гледате на руско македонските односи во современ контекст?
Во современиот свет културните односи меѓу народите треба да се зајакнуваат врз основа на економските и на политичките врски. Сметам дека нашите народи ќе најдат заеднички точки во сите аспекти.
Кои се вашите планови за иднина?
Имам многу планови. Пред сè треба да го завршам научното истражување што го бев започнала пред неколку години. Втората задача е работата над речникот на извици, кој започнавме да го работиме со Елена Верижникова пред три години. Од веќе завршените проекти, ќе го споменам учебникот по превод врз материјали на македонски текстови посветени на филмот кој го изработивме со мојата колешка од Москва Елена Верижникова и кој е наменет за рускојазичните студенти, а треба наскоро да излезе од печат.
Има ли нешто да им порачате на читателите на "Руска реч" од Македонија?
На читателите на „Руска реч“ би им посакала средби со нови интересни луѓе, кои ја даваат душата за својата работа. И статии што ќе содржат информации кои ќе им даваат само позитивни емоции.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче