На „Гаспром“ му најдоа алтернатива

Shutterstock
ЕУ планира нови гасоводи на Балканот.

Европската комисија, која по откажувањето на „Јужен тек“ беше принудена по итна постапка да бара нови варијанти за снабдување со гас за Југоисточна Европа, ги претстави своите први предлози. Брисел предлага да ги обезбеди Грција, Бугарија и Србија со азербејџански гас, а Унгарија и Словенија со течен природен гас од идниот терминал во Хрватска. Ова создава реална алтернатива на рускиот гас, но не и целосна замена за него. Напротив, новиот гасовод ќе може да го користи и „Гаспром“ при реализацијана гасоводот „Турски тек“.

Европската комисија (ЕК) одбра четири приоритетни гасоводни проекти на Балканот кои треба да го зголемат протокот на гас меѓу земјите во регионот и да ја намалат нивната зависност од сегашниот единствен испорачател – „Гаспром“. Минатиот петок се одржа вториот состанок на групата за зголемување на гасната поврзаност на земјите од Централна и Југоисточна Европа (CESEC) – тоа се поранешните земји-учесници во проектот „Јужен тек“ на кои по покана од ЕК им се придружија претставници на Украина, Молдавија, Србија, Босна и Херцеговина, како и Македонија. Страните во последните осум месеци го разгледуваа прашањето како да се осигура безбедноста на испораките во Југоисточна Европа по откажувањето на „Јужен тек“, и сега ги претставија првите практични резултати.   

ЕК предлага за балканските земји два нови извора на испорака – азербејџански гас по гасоводот TAP (изградбата веќе започна), како и течен природен гас од предвидениот ТПГ-терминал во Хрватска.

Според ова, како приоритетна мерка ЕК предлага изградба на три гасоводи-интерконектори: од Грција во Бугарија и од Бугарија во Србија (што ќе овозможи испорака на гас во овие земји преку TAP), како и од хрватскиот терминал за ТПГ во Унгарија (капацитетите веќе се делумно подготвени) и Словенија. Овие мерки ќе им дадат на Бугарија и Србија алтернатива за рускиот гас, а во случај на зголемување на капацитетите на ТПГ-терминалот во Грција ќе добијат пристап и до пазарот на СПГ.

Украина, макар што присуствуваше на состанокот и ги потпиша заедничките документи, не е на прво место во плановите на Европската комисија. Ниту еден проект кој подразбира изградба на нови гасоводи во западна Украина и користење на украинските подземни резервоари за гас не беше наведен како приоритетен. ЕК вети дека ќе помогне во отворањето на физичкиот реверс на гасот за Украина од Романија и на виртуелниот – од Словачка. На тој начин, таа ќе „придонесува во напорите на „Укртрансгас“ за склучување директни договори со операторите на системите за транспорт на гас од Словачка, Романија и Унгарија“, и ќе биде изработен специјален пристап кон тоа прашање до 30 септември. Сега функцијата оператор со украинскиот систем за транспорт на гас на западната граница на Украина делумно ја врши „Гаспром експорт“, и тоа му пречи на Киев да го отвори виртуелниот реверс на гасот.   

Иако најавените интерконектори од ЕК обезбедуваат подобра поврзаност на балканскиот пазар на гас, нивниот капацитет е недоволен за целосно исклучување на испораките на руски гас. Освен тоа, фактичките обеми на алтернативниот гас засега отсуствуваат: од 10 милијарди кубни метри гас преку ТАР Грција и Бугарија ќе добијат по 1 милијарда кубни метри (околу 40% и 35% од потребите поединечно), останатиот гас ќе оди за Италија. По 2025 година Азербејџан планира да ја зголеми испораката во Европа уште за 10 милијарди кубни метри, но соговорниците на „Комерсант“ од оваа гранка се сомневаат во способностите на земјата толку брзо да ги стави во експлоатација сложените наоѓалишта во Каспискиот басен . За терминалот за ТПГ во Хрватска, за чија изградба се дискутира последниве пет години, одлука за инвестирање засега  не е донесена поради сомнежите на инвеститорите за исплатливоста на проектот. ЕК ветува за приоритетните гасни проекти „клучна поддршка“ од страна на ЕБРД и Европската банка за инвестиции во привлекувањето пари за изградба, меѓутоа точната финансиска структуа е неизвесна и треба да биде изработена до крајот на 2016 година.

„Изградбата на интерконекторите во Југоисточна Европа може да се поздрави, но за нивно функционирање потребни се нови ресурси на гас кои ги нема“, вели Алексеј Гривач од Фондот за национална енергетска безбедност (ФНЕБ). Тој исто така ги потенцира проблемите со финансирањето на таквите проекти, затоа што не може да се гарантира нивната реализација во отсуство на договори за испорака на гас и, соодветно на тоа, да се привлечат кредити со тие гаранции. Според мислењето на аналитичарот, некои од тие проекти, особено интерконекторите Грција-Бугарија-Србија, може да ги искористи „Гаспром“ при реализацијата на „Турски тек“. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња