Транссибирската магистрала е градена дел по дел на крајот на XIX век. Пругата наишла на само една пречка - Бајкалското езеро. До отворањето на Околубајкалската железничка пруга, патниците на Транссибирската железница го минувале езерото со траект. Во зимските месеци мразокршачот „Ангара“ го правел преминот за патничкиот траект.
Мразокршачот е произведен во Велика Британија и спуштен во вода во 1900 година во населбата Листвјанка, а се користел на Бајкалското езеро до 1906 година. По револуцијата бил прилагоден за патнички сообраќај. Учествувал и во случувањата во Граѓанската војна. Денес е закотвен на пристаништето, а во него се наоѓа музеј.
Во Иркутск се зачувани голем број дрвени зданија во самиот центар на градот. Меѓу нив има станбени згради со неколку станови, како и вили со интересна историја.
Особено се издвојува вилата на трговското семејство Шастини во улицата „Енгелсова“ или „Куќата од чипка“. Разновидната и богата резба на прозорците, каква што се среќава овде, е вистинска реткост.
Некои од овие куќи се поврзани со имињата на Декебристите. Во XIX век тука во егзил живееле Сергеј Трубецкој и Сергеј Волконски заедно со нивните семејства. Во нивните куќи се зачувани лични предмети и документи од таа ера.
Уште повеќе стари куќи може да се видат во етнографскиот музеј „Таљци“ на 50 километри од градот.
Воено-историскиот музеј на Александар Расторгуев се наоѓа во близина на градската депонија и сите негови експонати се направени од отпад.
Во музејот можете да видите фантастични возила слични на оние од сагата за Трансформерите и цело бојно поле на вонземјански чудовишта. Централното место, сепак, го зазема реконструкцијата на битки од Втората светска војна. Има вистински тенкови, авиони, артилерија.
Иркутск е создаден во средината на XVII век на големата сибирска река Ангара. Овде, на брегот на реката во центарот на градот, се чувствува атмосферата од минатото. Прошетајте по Долниот кеј долг 900 метри. Ќе ги видите Московската порта, црквата „Богојавление“ и споменикот на основачот на градот. Најпознатите фотографии од Иркутск се направени токму на ова место!
Иркутск, како и многу сибирски градови, настанал од воено утврдување. Во 1661 година тоа се наоѓало на брегот на реката Ангара и во него служеле 20 козаци. Но, неколку години подоцна, дрвеното утврдување почнало да пропаѓа и тогаш била изградена големата Иркутска тврдина поблиску до центарот на денешниот град.
Во тоа време градот бил претежно од дрво и пожарите биле честа појава. Тврдината исто така неколку пати изгорела, по што била обновувана, а кон крајот на XVIII век целосно била отстранета и на нејзино место бил создаден парк.
Единствената градба што останала од тврдината до ден-денес е Спаската црква, чии темели биле удрени во 1706 година. Тоа е најстарата камена градба во Источен Сибир.
Вилата на сибирскиот трговец и милионер Александар Второв наликува на камен дворец од руска бајка. Меѓу луѓето од неговиот сталеж овој неоруски стил бил многу популарен на крајот на XIX век. Вилата е проектирана од московски архитекти. Изградбата на вакво здание во далечниот Иркутск бил вистински потфат! И ден-денес меѓу жителите на градот кружат легенди за скриено богатство и подземни премини под оваа градба.
Друга не помалку импресивна градба е камената вила во центарот на Иркутск - куќата на трговецот Исај Фајнберг. Мали аголни кули, балкони и колоритнаta фасада се само дел од иновативноста на ова здание. Во 1902 година тоа веќе имало сопствен водоводен систем и катно греење, додека градскиот водовод се појавил дури неколку години подоцна.
Во Иркутската област живеат повеќе од 130 народи. Во самиот град има храмови на различни религии. Има и православни цркви, католички катедрали и будистички дацани.
Казанската црква е еден од најимпресивните храмови во Сибир. Изградена е во предградието на градот во 1892 година со прилози од верници. На изградбата работеле најдобрите каменоресци, иконописци и занаетчии.
За време на советскиот период во неа била сместена фабрика за сувенири. Дури во осумдесеттите години на ХХ век црквата беше обновена со доброволни прилози. Денеска во неа повторно се одржуваат богослужби.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче