10 места во близина на Петербург што вреди да се посетат

Legion Media
Средновековни тврдини, дворци и екопатеки – околината на Петербург и на Ленинградската област нудат убави и интересни места за сечиј вкус.

Црквата Андреј Првозвани на реката Вуокса

Црквата е подигната во 2000 година на монолитна карпа среде вода, односно храмот буквално се издигнува на малечко островче на реката Вуокса.

Во текот на првите години од работата парохијците и аџиите на служба доаѓаа со чамци, но неодамна е изграден мост што го поврзува островот со брегот, поради што пејзажот изгледа уште побајковито.

„Линдуловска шума“

Во заштитениот парк на природата „Линдуловска шума“ се наоѓа најстарата вештачки подигната шума на ариши. Идејата на ова место да се посадат дрвја е на Петар Велики, а дрвото било наменето за изградба на бродови. Сто години подоцна оваа територија е прогласена за резерват.

Денес можете да се прошетате по екопатеката, за што ќе ви бидат потребни околу половина час. Патчињата имаат скали, видиковци, клупи за одмор, накусо, сето она што е потребно за уживање на планински предел со раскошни стари ариши. 

Шепељовски светилник

Светилниците отсекогаш ги привлекувале патниците, иако влезот во нив е забранет. Во ленинградската област луѓето пред сѐ одат на Осиновецкиот светилник поради соседната плажа, додека на љубителите на помирните прошетки им го препорачуваме Шепељовскиот светилник.

Светилката е направена во 1910 година во Франција и е поставена на кула од тули на Шпељовскиот ‘рт на полуостровот Гора-Валдај. Пред светилникот се дава прекрасен поглед на морето, а назима тука можете да се прошетате по мразот.

Лосевски слап

Најголемиот вештачки слап во Русија не настанал случајно. Во 19 век било решено Суходољското езеро да се поврзе со езерото Ладога, така што порано мирната притока на реката Вуокса станала брза и брановита. Оттогаш населбата Лосево во Приозерскиот реон ги привлекува љубителите на водните спортови. Тука може да пловите на сплав, да возите кајак и чамци по рути со различни тежнини.

Налето тука се одржува еден од најнеобичните фестивали во Ленинградската област - Bubble Baba Challenge. Стотици луѓе истовремено влегуваат во реката на секси кукли на надувување и се натпреваруваат кој побрзо ќе мине растојание од 600 метри. Во 2023 година на оваа забава учествуваа над 400 луѓе.

Тврдината Орешек

Историјата на тврдината на островот во езерото Ладога е стара над 700 години. Првата одбранбена тврдина тука е подигната по наредба на внукот на Александар Невски Јуриј Долгоруки.

Островот во 1702 година од Швеѓаните го освоил Петар Велики и му го сменил називот во Шлиселбург (град-клуч), а сто години подоцна на него е подигнат затвор познат како „руската Бастилја“. Во различни времиња тука биле затворени декабристи, револуционери, па дури и царското семејство. Токму на ова место, на пример, е погубен братот на Владимир Ленин.

Денес на островот се стасува со бротче од градот Шлиселбург кој се наоѓа недалеку. Во самата тврдина има музеј на историјата на затворот.

Кронштадт и неговите тврдини

Градот Кронштадт е подигнат како линија за одбрана на Петербург од море, а во текот на два века растел и по краиштата го окружиле тврдини. Денес ги има 17, секоја со своја уникатна историја. Една, на пример, ја кренале во воздух пијани француски морнари, а друга се користела како место за создавање лек против чума.

Сите легенди за ова место можете да ги дознаете во најдобро зачуваната тврдина под назив „Константин“. Таа денес се користи како современ културно-историски кластер. Тука ќе се запознаете со историјата на ова место, а оттаму потоа можете да одите на екскурзија со бротче под останатите тврдини и да го посетите Музејот на светилници со уникатни експонати. 

Дворски комплекси и Царско село

Во Ленинградската област се наоѓаат најголем број дворски комплекси надвор од градот кои се поврзани со династијата Романови. Еден од најпознатите е Царское село во околината на градот Пушкино.

Тука е и раскошниот Екатеринински дворец со легендарната Килибарна соба. Тоа е архитектонско ремек-дело на барокот кое го опкружува огромен парк со павилјони и фонтани. 

Виборг и паркот „Монрепо“

Виборг е град во којшто ќе почувствувате како да сте се вратиле во далечното минато. Тука можете да прошетате по Риночниот плоштад со калдрма, да уживате во архитектонските ремек-дела на северната сецесија и да пробате перек направен според рецепт стар 400 години.

Но, вистински бисер на Виборг е големиот парк „Монрепо“. Пријатно е да се шета во живописното опкружување со кинески мостови и чајни павилјони, а задолжително погледнете ги и импресивните гранитни карпи. 

Музејот на Иљја Репин „Пенати“ 

45 километри од Санкт Петербург живеел и творел рускиот сликар Иљја Репин. Неговата куќа подоцна е претворена во прв меморијален музеј во земјата.

Во куќата можат да се видат лични ствари на големиот сликар. Во неа исто така се изложени околу 600 дела на Репин, неговиот син и од други автори. Посетата опфаќа и прошетка низ паркот околу куќата. Влезниците треба да се купат однапред преку сајт.

Еколошката велосипедска рута „Грјада Вјарјамјансељкја“

Љубителите на велосипедизмот сигурно ќе уживаат во возењето по резерватот „Грјада Вјарјамјансељкја“. Долга е 11 километри и оди преку разновиден терен: од борова шума до мочуришта, карактеристични за оваа област. Рутата ќе им одговара и на почетниците и на искусните велосипедисти.

Можете да дојдете со кола или со приградски воз до станицата „Петјајарви“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња