Десет клучни градови на рускиот Урал

Andrey Chizh/Getty Images
Планините Урал се наоѓаат географски на границата меѓу Европа и Азија. Тоа е подрачје со многу природни богатства и современо индустриско производство. Дури четвртина од милионските руски градови се наоѓаат токму овде.

Екатеринбург (1,54 милиони жители)

Градот се смета за престолнина на Урал. Основан е во 1723 година врз основа на указот на Петар Велики и именуван во чест на сопругата на императорот, Екатерина Прва. До крајот на XIX век тука се ковал најголемиот дел од металните пари на Руската империја.

Екатеринбург денес е град на тешката машиноградба. Неговиот архитектонски изглед главно го дефинираат згради изградени во стилот на советскиот конструктивизам. А во 1991 година беше отворено единственото метро на Урал.

Чељабинск (1,18 милиони)

Градот, основан во 1736 година, исто така стана и еден од најважните индустриски центри во земјата. Меѓутоа, Чељабинск е интересен и поради неговата специфична географска положба, сместен на местото каде што се спојуваат Урал и Сибир. Низ неговиот центар тече реката Миас, чиј лев брег е уралски, а десниот сибирски. А фактот дека бреговите на истата река припаѓаат на различни геолошки структури се гледа и со голо око.

Покрај тоа, во Чељабинск живее вистински суперхерој, кој чисти ѓубре во парковите, криејќи си го лицето под маската на Чистомен.

Уфа (1,16 милиони)

Главниот град на Република Башкортостан е еден од најзелените градови на Урал. Тука има десетици помали градски паркови, како и неколку парк-шуми, арборетуми, ботанички градини, па дури и расадник каде што успеваат најразновидни видови цитруси.

Градот е основан во XVI век. Денес, основата на неговата стопанска дејност е петрохемиската индустрија.

Перм (1,03 милиони)

Историјата на овој град започна со изградбата на топилница за бакар во 1725 година. Веќе во првата половина на XIX век Перм станува важен транспортен центар. Главна стока била солта, која таму се ископувала во големи количини, така што и имињата на градовите, како што се Соликамск или Усољја, укажуваат на исконската поврзаност со солта.

За време на Втората светска војна, во Перм и околните градови беа евакуирани повеќе од 120 индустриски претпријатија. Перм беше еден од главните индустриски центри на Советскиот Сојуз.

Денес, овој град е еден од културните центри на Русија. Пермскиот театар за опера и балет е единствената сцена во Русија каде што се поставени сите десет опери и трите балети на Петар Чајковски. Во уметничката галерија можете да видите уникатни дрвени скулптури на Рускиот Север, а можете да го посетите и Музејот на современа уметност PERMM.

Ижевск (621 илјада)

Што мислите, што е заедничко за главните градови на Русија и Удмуртија? Одговорот е точен, двата града имаат свој Црвен плоштад. За волја на вистината, ижевскиот плоштад порано се нарекувал Михајловски, по Михајловскиот соборен храм што се наоѓал таму. Но, веќе во 1918 година го смени името во Црвен, а неколку години подоцна на плоштадот беше откриен споменик на црвеноармејците. На почетокот на 2000-тите на плоштадот беше реконструиран Михајловскиот соборен храм кој беше уништен од болшевиците.

Основан во 1760 година, Ижевск е познат како оружарска престолнина Русија првенствено поради концернот „Калашников“ што се наоѓа тука.

Оренбург (539 илјади)

Марамите од козјо влакно од Оренбург важат за еден од симболите на Русија, заедно со матрјошката и балалајката. Тие се лесни, но многу топли. Поентата е во локалниот вид на кози кои се одгледуваат само во тој регион. Нивното влакно е најтенко на светот и во исто време многу силно. Оренбург е и индустриски центар на Урал во кој се наоѓаат претпријатија за производство и преработка на гас.

Магнитогорск (411 илјади)

Втор по големина град во Чељабинската област, центар на црната металургија. Во 1931 година Магнитогорск стана еден од првите општествени градови во земјата што никнуваа околу големите индустриски претпријатија. Градските квартови не само што имаа задача брзо да го решат проблемот со станови за работниците, туку и да станат пример за новиот пролетерски начин на живот. Пионер на овој тип на градба беше познатиот германски архитект Ернст Меј (повеќе прочитајте овде).

Нижни Тагил (333 илјади)

Втор по големина град во Свердловската област (по Екатеринбург). Неговиот настанок е поврзан со наоѓалишта на бакарна и железна руда откриени на почетокот на XVIII век. Покрај разни видови производи од црната металургија, тука се произведуваат и вооружување за руската армија и товарни вагони.

Курган (306 илјади)

Според официјалната верзија, Курган е основан во 1679 година од селанецот Тимофеј Невежин, а статусот на град му го доделила Екатерина Велика во 1782 година.

Курган е административен центар на Курганската област. Тука се наоѓа светски познатиот центар за трауматологија и ортопедија именуван по Гаврил Илизаров, академикот кој го измисли апаратот за сраснување на фрактури на коските.

Стерлитамак (277 илјади)

Во XVIII век Стерлитамак започнал забрзано да се развива со изградба на пристаништето за транспорт на сол, низ градот интензивно поминувале трговски каравани со сол. Дека градот бил навистина богат сведочат зачуваните стари трговски куќи.

Вториот по број на жители град во Башкортостан, како Уфа, денес е центар на хемиската индустрија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња