На почетокот од 20 век, рускиот хемичар и фотограф Сергеј Прокудин-Горски развил сложен процес за живописна, детална фотографија во боја. Неговото видување на фотографијата како облик на образование и просветлување со посебна јасност се демонстрира низ неговите фотографии на средновековната архитектура во историските населени места североисточно од Москва, како Владимир, коj го посетил летото 1911 година.
Успенски соборен храм во Владимир
Сергеј Прокудин-ГорскиМеѓу неколкуте прикази на градот има две фотографии на монументалната Успенска црква од варовник. Завршена во 1158 година Успенската соборна црква подоцна е обновена во поголем и посложен облик. Поттикот за проширување произлегол од пожарот во 1185 година кој уништил поголем дел од Владимир и тешко го оштетил овој централен храм.
За време на реконструкцијата на Успенската црква во 1185-1190 година, градителите демонтирале некои галерии, но ги задржале мазните варовнички ѕидови од првобитната структура како јадро на обновената црква, со три страни обложени со нови приоди. Црквата ја крунисале четири секундарни куполи поставени дијагонално во однос на главната купола.
Добиената голема структура била во склад со издолжениот план со голема централна купола типична за главните светињи во Новгород, како што е соборниот храм на Света Софија, изграден речиси 150 години порано. Иако се градени од различен материјал, овие две цркви покажуваат значајни сличности во прилагодувањето на византиските традиции на територијата на раносредновековната Русија (како што заеднички се нарекувале земјите на Источните Словени).
Велики Новгород – северозападен руски град во близина на езерото Иљмен, претставува величествено јадро на средновековната руска уметност, со повеќе од педесет цркви и манастири коишто датираат од 11 до 17 век. Во 1992 година ова богатство на историски споменици – со средиште во Новгородскиот Кремљ – е внесено во Списокот на светско културно наследство на УНЕСКО.
Средновековните хроники за првпат го споменуваат Новгород помеѓу 860 и 862 годија, кога Источните Словени го повикале варјашкиот водач Рјурик да ја преземе контролата над нивните работи. Иако владетелите од династијата Рјурикович ја пренеле власта на Киев кон крајот на 9 век, Новгород продолжил да врши контрола над огромното подрачје на северна Русија.
Во 989 година, по официјалното прифаќање на христијанството во областите на великиот кнез Владимир Киевски, Новгород го посетил Владимировиот црковен пратеник, епископот Херсонски Јоаким. Епископот ги фрлил паганските идоли во реката Волхов и нарачал изградба на првата камена црква посветена на светите Јоаким и Ана, како и дрвената црква Света Софија, со тринаесет „врвови“ (кубиња).
Политичката историја на Новгород била далеку од мирна, зашто градот не само што често ги предизвикувал своите водачи, вклучувајќи го и Рјурик, туку и учествувал во кнежевските судири кои ја уништиле Киевската држава. Сепак, Новгорд напредувал во текот на 11 и на 12 век како дел од Днепарскиот трговски пат од Балтичкото до Црното Море. Со своето трговско богатство, градот имал средства да создаде цитадела и импозантна архитектонска целина на црквата.
Реката Волхов којашто градот го раздвојувала на „трговска страна“ и „софиска страна“ (по црквата Света Софија), претставувала суштинска врска за трговијата и за истражувањето во мрежата на пловните патишта што воделе во сите насоки. Обемот на оваа комерцијална активност произвел писмени граѓани независни од Киев и од неговиот претставник во Новгород (најчесто братот или синот на великиот кнез во Киев).
Најстариот зачуван и најимпозантен споменик во градот е Соборниот храм на Света Софија (Божествена мудрост), изграден помеѓу 1045 и 1050 година и се наоѓа во Новгородскиот Кремљ на западната страна на брегот на реката Волхов. Изградбата на храмот ја нарачале Владимир Јарославович, кнез на Новгород, како и неговиот татко, великиот кнез Јарослав Мудриот и архиепископот Новгородски Лука.
Точно е дека Јарослав, чија сопствена Софиска катедрала во Киев во тоа време влегувала во завршна фаза на изградбата, требал да има улога во создавањето на новгородската Света Софија. Новгород бил основа за неговата моќ за време на владеењето на неговиот татко, великиот кнез Владимир Киевски.
Со изградбата на големите ѕидани храмови посветени на Божествената мудрост и во Киев и во Новгород, Јарослав ѝ оддал почест на една од најсветите мистерии на православната црква и воспоставил симболична врска помеѓу двата големи града во своето царство и Константинопол.
Освен тоа, учеството на Јарослав би било од суштинско значење од практична гледна точка. Ѕиданата градба била ретка во Новгород пред средината на 11 век, а храм со таква величина и сложеност би можел да биде изграден само под надзор на искусни градители.
Го примениле методот на поставување блокови на локалниот груб сив варовник во малтер од добрена тула и варовник којшто давал виолетова нијанса на фасадите со груба текстура. За внатрешните лакови и сводови, како и за другите сегменти коишто изискуваат конструктивна прецизност, се користела тесна плинтина (богата со железо, а сиромашна со хумус мешавина на глина со кварц и други минерали) потпора. Штукатурката најпрво е применета само во внатрешноста, која потоа е покриена со фрески кои ја сликале домашни и странски мајстори од Грција и од Балканот.
На надворешноста, ѕидовите на храмот имаа мошне текстуриран изглед, дури и по облагањето со малтер со цел да се намалат нерамните површини. Најрано се споменува нанесувањето варовник на ѕидовите во Новгородската хроника од 1151 година.
Новгородскиот соборен храм опфаќал затворени галерии прицврстени на северната, западната и јужната фасада. Галериите во текот на изградбата еволуирале во составен дел на структурата на двете нивоа. Северната и јужната галерија имале капели во приземјето, додека западната галерија ја опфаќа кружната скалеста кула којашто води до горните нивоа на галеријата, вклучувајќи ја и хорската галерија во главната структура.
Фасадата над западниот портал прикажува фрагменти на средновековни фрески со приказ на старозаветното Тројство. Самиот портал содржи бронзана магдебуршка или сигтунска врата, произведена во Магдебург во 1050-тие, којашто новгородските јуришници ја однеле како плен од варјашката тврдина Сигтуна во 1117 година.
Кулминација на новгородскиот соборен храм на Света Софија е неговиот ансамбл куполи, чиј првобитен облик имал понизок наклон од куполите во облик на шлем кои се сега на место. Куполата над централниот премин преовладува со висината и пречникот, но четирите помошни куполи се толку тесно поставени што изгледаат како дел од една совршено осмислена целина. Самата конструкција претставува визуелна основа за куполата, со недостаток на површинска декорација и остро врежана покривна линија со шилести и лачни забати („закомари“).
Соборниот храм бил опкружен со затворени галерии, прицврстени на северната, западната и на јужната фасада. Галериите еволуирале во составен дел од структурата на двете нивоа. Северната и јужната галерија содржат капели во приземјето, додека западната галерија има скалеста кула којашто води до горните галерии. Нагласувањето на висината е задржано во внатрешноста каде што столбовите на главните приоди се издигнуваат директно до бочвестите сводови на плафонот.
Новгородските хроники укажуваат дека внатрешноста е осликувана со фрески во текот на неколку децении.
Според Третата новгородска хроника, набргу по завршувањето на изградбата „иконописците од Цариград“ го насликале Христос со раката крената во знак на благослов (веројатно слика на Пантократор во централната купола) и други претстави на Спасителот. Откриени се фрагменти на дела од 11 век – вклучувајќи слика на царот Константин и неговата мајка Елена во целина, како и фрески од раниот 12 век.
Поголемиот дел од оригиналното сликарство на внатрешноста исчезнал во текот на вековите реновирања (сегашните фрески потекнуваат првенствено од 19 век).
На новогордскиот соборен храм му недостасувале разработени мозаици карактеристични за главната црква во Киев пред средината на 12 век, но постоел декоративен мозаик на подот и во олтарскиот простор.
Соборниот храм на Света Софија е опкружен со низа историски споменици коишто вклучуваат масовна катедрала со камбанарија (15-18 век), Саат кула (од седумдесеттите години на 17 век) и Архиепископски одаи – исто така познати како Фасетирани одаи, првобитно изградени во триесеттите години од 15 век и суштински обновени во 19 век.
Ѕидовите и кулите на тврдината се одржани и вратени во изгледот од 15 век, иако некои од кулите датираат од доцниот 13 век.
Свртен кон катедралата Света Софија на југот се наоѓа гигантски споменик на камбана познат како „Милениум на Русија“. Дизајниран од страна на вајарот Михаил Микешун и други, споменикот е откриен во 1862 година во чест на еден милениум од основањето династиска власт кај старите Руси.
На врвот на споменикот има масивен бронзен глобус надвишен од ангел кој држи крст. Околу сферата има шест статутарни групи коишто ги означуваат клучните моменти од историјата на руската државност, од Рјурик, основачот на првата династија, до Петар Велики, основачот на Руската Империја.
На дното на камбаната има сцени со претставителни личности од духовната, културната, државната и воената служба.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче