За вас составивме прилично густ дводневен распоред за да можете максимално да уживате во сè што нуди овој град. А како да стигнете до Тула, прочитајте на крајот од текстот.
09:00
Ви препорачуваме да го започнете патувањето од имотот Јаснаја Полјана. Таму е роден, живеел и ги напишал речиси сите свои главни дела Лав Толстој.
Прошетајте го прекрасниот овоштарник под јаболкниците што ги насадил лично писателот (исто така можете да купите сок од јаболко од имотот). Во куќата на големиот писател ќе најдете лични предмети и амбиент во кој живеел Толстој (може да одите само на организирана турнеја, затоа задолжително пријавете се однапред).
14:00
Време е за освежување. Непосредно пред влезот на имотот има мал кафе-ресторан каде што можете да каснете нешто. Задолжително пробајте ја Анкеовата пита со лимон која Толстој невообичаено ја сакал. Доколку во кафулето нема слободни места, малку подалеку се наоѓа хотелот со ресторан „Благороднички имот“, каде што можете да нарачате јадења направени по рецепти на Софија Андреевна Толстој, сопругата на писателот, чијшто готвач е зачуван.
16:00
Доколку не сте уморни, продолжете го денот во висок стил и посетете го Тулскиот уметнички музеј.
Погледнете ја изложбата на дела од Ајвазовски, Серов и Шишкин. Поставката не е голема, така што за нејзина обиколка ќе ви бидат доволни час до час и половина.
18:00
Музејот се наоѓа непосредно пред влезот во паркот „Белоусов“. На оваа голема зелена површина можете да сретнете верверички и џогери (или скијачи).
Има и забавен парк. По прошетка во паркот (околу дваесет минути) ќе стигнете до ресторанот „Петар Петрович “. Таму можете да вечерате и да пробате домашен ликер или пиво од нивната пиварница.
21:00
Ако сé уште сте полни со енергија, време е за пешачката улица „Металци“. Забавата овде трае до раните утрински часови. Тука можете и мирно да испиете пијалак (има многу ресторани со градини кои работат кога е убаво времето) и да уживате во танц.
23:00
Добра ноќ! Утре е нов ден, ве чекаат нови впечатоци.
9:00
Во утринските часови упатете се кон Казанскиот кеј на реката Упа. Прошетајте по ѕидините на кремљот, посетете го самиот кремљ и Успенскиот соборен храм во прекрасна јоргован боја. Напијте се кафе во локалниот синџир кафетерии Mr. Cup и не заборавајте да земете тулско медено колаче.
11:00
Додека сте уште одморни и бодри, време е за Туслкиот музеј на оружјето. На другата страна на реката ќе видите зграда во вид на богатирски шлем. Сметајте барем еден час за најповршно разгледување.
13:00
Време е за ручек. На десет минути пеш од музејот се наоѓа гастрономската област Искра, релативно нов простор во историскиот центар со бројни кафетерии и ресторани. Посебно е пријатно во летната сезона, секој ресторан има градина, а насекаде има лежалки.
После тоа можете повторно да прошетате по пешачката улица „Металци“ за, на пример, да купите сувенири, тулски медени колачиња, како и бељовска пастила (познат локален деликатес). На плоштадот „Ленин“ има споменик на Тулското медено колаче, каде сите прават селфи.
16:00
Вистинско време е подобро да се запознаете со историјата на Тула. Пред неколку години овде беше отворен интересен простор, креативниот индустриски кластер Октава. Се наоѓа во неискористените простории на истоимената фабрика на познатиот производител на електроакустична опрема.
Во кластерот се одржуваат предавања, мајсторски работилници, изложби на современа уметност, има заеднички простор за работа, библиотека, книжарница, како и тонско студио. Покрај тоа, тука функционира и Музејот на алатни машини со уникатна мултимедијална поставка. Ако се приклучите на рутата „Тула, работилницата на Русија“, ќе дознаете како овој град станал главен град на медените колачиња, самоварите, оружјето и други индустрии. И на децата ќе им се допадне! Се организира секој ден од 14:00 до 18:00 часот.
Не помалку интересна е и „Историјата на индустријата“, која зборува за главните насоки на светската индустријализација, вклучувајќи ги Русија и Тула (секој ден од 19 и 20 часот).
Во „Октава“ има и кафетерија каде што можете да се напиете кафе и добро да вечерате. Во близина има уште неколку кафулиња и голема сала за храна.
20:30
Можете да одите до железничката станица во правец на Москва. Последниот воз тргнува околу единаесет навечер, така што ќе го стигнете.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче