Погледнете како се реставрирани два павилјона на московскиот изложбен комплекс ВДНХ!

Павилјоните на ВДНХ имаат богата историја, а секој од нив повеќе пати ги има менувано својот изглед и содржина. Неодамна детално се реконструирани уште две историски зданија: „Месна индустрија“ и „Житарки“.

Павилјон „Месна индустрија“  

Имаше две верзии на овој павилјон. Првата беше изградена во 1939 година, но по војната тоа полудрвено здание беше демонтирано. Во 1950-тите зданието беше повторно обновено на ново место во стилот на сталинскиот ампир со елементи на барок и класицизам.

До 1956 година павилјонот се викаше „Главмјасо“ (кратенка од „Главна управа на месната индустрија“), а потоа „Месна индустрија“. На приземјето имаше изложба посветена на достигнувањата на советската месна индустрија, а на првиот кат имаше соба за дегустација, каде што гостите можеа да ги пробаат и да ги купат дефицитарните производи од месните комбинати.

Во 1990-тите изложбата на месната индустрија беше затворена, а самиот павилјон почна да се издава на трговски и други претпријатија.

По реставрацијата, беше одлучено на павилјонот да му се врати атмосферата од педесеттите години. Реставрирани се уникатните керамички ѕидни слики на ентериерот, мермерот на ѕидовите, бронзените лустери, како и керамичката фонтана во една од салите.

Реставриран е и главниот симбол на павилјонот – големата скулптура на бик на покривот. Оригиналот беше направен уште во 1930-тите, но скулптурата беше оштетена при транспортот.

Изгледот на бикот е реконструиран според архивски фотографии, како и орнаментите во форма на бикови на фасадата.

Павилјон „Житарки“

Овој павилјон е трет по висина меѓу сите згради на ВДНХ, само „Космос“ и „Централниот“ се повисоки од него. Тој, како и многу други зданија, неколкупати е реконструиран. Првиот проект „Житарки“ беше урнат во 1938-1939 година.

Во зградата има поставка посветена на производството на житарки и зеленчук во СССР. И оваа изложба беше затворена во деведесеттите, а павилјонот даден за изнајмување. Реставрацијата му ги врати позлатениот шилец висок 3,5 метри и украсната црвена ѕвезда. Повторно е составена од остатоците на старата ѕвезда, пронајдени на таванот на павилјонот и оригиналниот носач.

Патем, една од ретките работи кои се практично целосно сочувани се витражите. Во една од салите реставраторите ги обновија и уникатните слики кои создаваат ефект на отсуство на таван - овој метод често се користел при сликањето замоци и храмови во епохата на Ренесансата. На муралот се прикажани небо со облаци и развени црвени знамиња.

Сега во овој павилјон ќе биде отворена изложба на Московскиот политехнички универзитет.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња