„Таквото искуство многу го менува човекот. Се сеќавам дека мислев дека вакви авантури преземаат само други, необични луѓе и дека не би можела да го направам тоа. Уште првото возење ги прошири границите на мојата свест. Сфатив дека ако можам да ја поминам цела Русија на велосипед, тогаш можам да постигнам и многу други работи кои не се поврзани со патување“, вака денес размислува новопечената авантуристка.
Ана Роднишчева на свои 25 години никогаш не се занимавала сериозно со спорт, а велосипед возела само во блискиот парк. Но, еднаш толку многу ѝ здодеа монотониот градски живот (работеше како фотограф во Москва) што реши да преземе нешто надвор од вообичаеното. Заштедените пари реши да ги потроши на големо патување. Во 2022 година изведе подготвително возење од Москва до Сочи (2947 километри), а во 2023 година тргна на големо патување од Владивосток до Сочи, кое изнесува 11601 километар.
„Почетната точка беше Владивосток, каде што пристигнав со воз. Не заради заштеда или удобност, туку затоа што тоа е посебна авантура. За речиси 7 дена поминати во воз, човек може да размислува за целиот свој живот - тоа е терапевтско искуство. Кога заминував, работата ми беше здодеана, но веќе на крајот од патувањето бев подготвена повторно да го земам фотоапаратот в раце“, вели Ана.
Пристигнувајќи во градот, девојчето отиде до светилникот Токаревски и ја вклучи апликацијата за мерење на поминато растојание.
Кога тргна од Владивосток, Ана сè уште не знаеше каде ќе патува. Имаше 4 цели, а крајната дестинација не ѝ беше толку важна: „Мојата прва цел беше да ја поминам цела Русија од море до море. Втората - да се пробам на големо растојание. Третата - да поминам време сама со себе и да размислам за многу работи. И четвртата, се разбира, да ги посетам големите градови!“
Тргнуавјќи на такво патување, треба да се биде подготвен на сé. Ана најчесто спиеше во шатор, еднаш мораше да преспие на автобуска станица, а со себе понесе цел комплет за растерување диви животни: „На Далечниот Исток сите патници ги плашат со приказни за мечки и тигри, па понесов бибер спреј со мене, ловечки сигнален пиштол и рачни факели - за среќа, ништо од тоа не ми требаше. Но, не понесов ништо за одбрана од кучиња, имено, велосипедистите често се напаѓани од кучиња. Не ме каснаа, но кога ќе се залета големо куче кон вас, не ви е сеедно. И, секако, имав со мене шатор, подлога, резервни делови за велосипедот и друго“.
Ана, исто така, жали што не тренирала повеќе пред патувањето: „Поминував околу 100 километри на ден, а за патување по Русија, тоа е мошне малку - понекогаш не можете да стигнете каде што сте тргнале, толку е долг патот од едно до друго село“. Не одеше сè без проблеми, но Ана научи да не паничи, туку да ги решава проблемите.
„Се случуваа вонредни ситуации со велосипедот - некои можев сама да ги решам, но понекогаш морав да одам кај мајстор. Еднаш велосипедот ми се расипа во планините – тогаш стопирав некого да ме однесе до најблиската работилница. Така луѓето ми помогнаа неколку пати“, вели девојката.
Во пространствата на Русија, Ана сретнуваше различни луѓе: „На моето патување запознав три типа на луѓе. Првите беа обични минувачи (на пример, возачи кои превезуваат автомобили меѓу градовите), кои ме видоа во една област, а потоа повторно ме сретнаа во друга. Ми велеа: Ние веќе го превезуваме третото возило, а ти уште патуваш?! Обично ќе ми понудеа храна, ќе ме почестеа, ми даваа вода. Вториот тип беа патници како мене. Понекогаш велосипедисти, а понекогаш автостопери. Меѓу нив беше и единствениот странец на моето патување - Иранец. Тој сакаше од Москва да стигне до Магадан, но за жал му истече визата и му недостасуваа пари за да го заврши патувањето.
Третиот тип се локалните жители. Понекогаш ме канеа да преноќам, ми го покажуваа градот – ги паметам со голема благодарност.
Но, сепак мора да бидете внимателни со сите. Наидував и на не многу пријатни луѓе. Лично, не им советувам на луѓето да се впуштаат во разговор со улични продавачи и да бидат внимателни со камионџиите“.
Ана, како што сакаше, посети многу големи градови: Ставропол, Волгоград, Саратов, Чељабинск, Улан-Уде, Чита. Во некои од нив преноќуваше во моторџиските кампови на локалните мото-клубови. Помина уште неколку дена во Иркутск, каде го прослави роденденот - објави и фотографија со торта покрај Бајкалското Езеро!
На крајната дестинација на своето патување, во Сочи, Ана пристигна на 10 октомври и наскоро се враќа дома, во Москва. Му се радува на тоа и сега со ентузијазам размислува за седечкиот живот: „Можеби звучи чудно, но се уморив од патувањето. Постојано на пат, постојано во комуникација со други луѓе - за 5 месеци тоа ве изморува. Сега се враќам дома, да ги видам родителите и повторно да појдам на работа. Не планирам нови патувања“.
Еве што Ана би ги посоветувала оние кои би сакале да се впуштат во слична авантура: „Прво - сé е можно! Еден обичен здрав нетрениран човек, ако сака, може да помине толкав пат. Се надевам дека многу луѓе, особено девојките, ќе ја прочитаат мојата приказна и ќе сфатат дека можат да патуваат сами. Второ, таквото искуство многу го менува човекот. Се сеќавам како некогаш мислев дека на такви авантури се решаваат други, необични луѓе, а дека јас не би го можела тоа.
Првото патување многу му ги прошири границите на свеста - сфатив дека ако можам да ја поминам цела Русија на велосипед, тогаш можам да постигнам и многу други работи, кои не се поврзани со патување. Но, ако сте паднале во депресија, не треба да очекувате дека таквото патување ќе ве врати во живот. После тоа сепак се враќате во градот и му се препуштате на секојдневието.
Трето, финансиски ваквите патувања се достапни за секого. Доволни ви се 15-20 илјади рубли (150-200 евра) месечно, додека со поголем комфор, се разбира, ќе биде поскапо - изборот е ваш“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче