Како функционира една од најсеверните железнички пруги на светот

Павел Кузмичев
Никаде на светот никогаш не постоел патнички железнички сообраќај толку оддалечен на север како во Нориљск. Каде води оваа пруга и зошто е изградена?

Жителите на Нориљск сите останати региони на Русија ги нарекуваат „копно“, на тој начин споредувајќи се себеси со остров. Станува збор за тоа дека овој индустриски град на 69 паралела нема никаква копнена поврзаност со останатите делови на земјата. Но, посетителите на градот најмногу ги изненадува железничката пруга којашто на прв поглед не се разликува од истите такви ширум Русија.

Железничка пруга за Нориљскиот комбинат

Со цел среде шумската тундра да се подигне град најпрво требало да се довезе градежен материјал, суровина и гориво. Единствен начин за габаритниот товар да се превезе бил по воден пат преку реката Енисеј. За тоа во 1935 година изградено е пристаниште во градот Дудинка, 90 километри од Нориљск.

Испораката на товарот преку Карско Море траеше премногу долго, така што веднаш беше одлучено од Дудинка да се изгради железничка пруга. Ја градеа, како и Нориљск и пристаништето во Дудинка, затворениците на Нориљскиот логор на ГУЛАГ.

Старата станица во центарот на Нориљск

Кога во 1937 година беше пуштена во сообраќај тоа беше пруга со тесен колосек. Кога времето беше убаво возот растојанието од пристаништето до фабриката го минуваше за 10-12 часа (додека во просек беа потребни 24 часа зашто времето тука не е убаво толку често). Снежните наноси, доколку не се расчистува на време, достигнуваа височина на човек, а за борба против нив по должина на железничката пруга се поставени специјални дрвени огради. Тие го добија називот „Потапови штитови“ по презимето на инженерот кој ги конструирал.

Неколку години подоцна Нориљската железничка пруга преминала на широк колосек, вообичаен за Русија, што овозможи брзината на возовите да се зголеми. Освен тоа, беше планирано да се поврзе со друга пруга.

Велика северна железничка пруга

Воз Дудинка - Нориљск, 1984.

Еден од последните „големи градежни проекти“ што ги има осмислено Јосиф Сталин, но кој не беше остварен, беше Трансполарната железничка магистрала. Стручњаците работеа на проектот од крајот дваесеттите години, а идејата потекнува уште од царско време. Железницата требаше да мине низ градовите Чум (Република Коми), Салехард, Надим, Нови Уренгој (Јамал) и Игарка на реката Енисеј (Краснојарски крај) – вкупно 1.300 километри по арктичките реки и мочуришта.

Во перспектива железницата требаше да ги поврзе Баренцово и Охотско Море, односно буквално клучните територии на Русија зад поларникот. Овој проект го добил називот „Голема северна железничка пруга“.

Патници на возот Нориљск - Дудинка, 1987 година.

Кога во 1947 година започна изградбата на Трансполарната магистрала, Нориљската железничка пруга веќе функционираше. Од Дудинка до Игарка има помалку од 300 километри, па се појави идеја овие две линии да се поврзат. Меѓутоа, по смртта на Сталин во 1953 година проектот за Трансполарна магистрала беше напуштен и Нориљската пруга остана изолиран „остров“.

Железничка станица од којашто никаде не се стасува

Со цел посетителите на Нориљск да сфатат дека се наоѓаат во најубавиот град на Заполарјето, на почетокот на педесеттите години од минатиот век изградена е зграда на железничката станица во стилот на „сталински ампир“.

Денес во ова здание се наоѓа железничкиот оддел на Заполарната филијала на „Норникел“, а во некогашната чекалница на приземјето од 2011 година е сместен музеј.

На отворено се изложени возови, локомотиви, електрични возови, па дури и два шинобуса коишто сообраќале по оваа поларна пруга. Ентериерот на самата зграда има столбови со гипсени орнаменти, тешка врата, широки прозорци. Ви се чини дека во секој момент преку разгласот ќе се објави поаѓање на воз и дека со него лесно ќе можете да стасате, да кажеме до Краснојарск или дури до Москва.

Една од првите парни локомотиви во Нориљск

Станицата практично не е ни користена за својата намена. Сепак, градот растеше и интензивно се развиваше. Железничката пруга е префрлена на електичен погон, а во 1961 година отворен е и патнички сообраќај. Перонот се наоѓал во самиот центар на Нориљск, на Октомврискиот плоштад. Билети се продавале во мал дрвен павилјон.

Електричниот приградски воз ги поврзувал Нориљск со Талнаха, Каеркан, со аеродромот Аликељ. Најоддалечена станица била градот Дудинка.

Како што раскажуваат локалните жители, приградскиот воз патувал долго, околу 4 часа. И иако со автомобил за истото растојание било потребно двојно помалку време, железничкиот превоз бил многу баран. Во тоа време ретко кој имал кола и патиштата често биле завеани, додека чистењето на железничката пруга било приоритет.

По распадот на СССР патничкиот сообраќај постепено беше редуциран зашто беше скап и нерентабилен. Освен тоа, чистењето на патиштата беше подобро организирано. Последниот патнички воз стаса во Дудинка во 1998 година.

Товарен транспорт по вечниот снег и мраз

Денес Нориљската железничка пруга се користи само за товарен превоз меѓу претпријатијата на комбинатот и пристаништето Дудинка. Без неа е невозможно да се обезбеди работа на фабриката во текот на целата година.

Должината на пругата заедно со сите одвојувања изнесува 333 километри. Товарните возови сообраќаат секојдневно по сите временски услови.

Одржувањето на железничката пруга во функционална состојба во Нориљск е вистински предизвик. Потребно е постојано да се проверува поради вечниот мраз да не „’рѓосаат“ шините. Ширината на колосекот секаде треба да биде 1.524 километри. Денес во тоа, секако, помага специјалната техника.

Никаде на светот на 69 паралела не постоела, ниту постои ваква железничка пруга. Посеверно од Нориљск се протега само пругата кон полуостровот Јамал која води до Карското Море. Таа е отворена во 2010 година и обезбедува функционирање на наоѓалиштата на природен гас.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња