Најдобрите места за селфи во Москва (ФОТО)

Зиков Кирил / Агенција „Москва“
Од овие локации сигурно ќе ги направите најдобрите фотографии од главниот град на Русија!

Како да го видите целиот град од еден видиковец и што има необично во обичен деловен центар!

Лебдечкиот мост во Зарјадје

Паркот „Зарјадје“ во строгиот центар на Москва, веднаш до Црвениот плоштад. Лебдечкиот мост во вид на латинското „V“ се издига над реката Москва и од добро избран агол можете да го фатите Кремљ или облакодерот на кејот „Котелнически“.

На мостот секогаш има многу луѓе, така што морате да се потрудите да ги избегнете на снимката.  

Видиковецот на Воробјеви гори

Се наоѓа веднаш спроти главната зграда на МГУ и од него се пружа панорамски поглед на Москва. Оттаму се гледаат Москва сити, Белиот дом, Лужники, сталинистичките облакодери и Новодевичјиот манастир.

Од видиковецот можете да направите снимка со позадина цела Москва, а потоа да се свртите и да се фотографирате со МГУ во позадината.

Кремљот во Измајлово

Оваа играчка Кремљ е направена во 2003 година и денес може да  се видат црква, ателјеа, музеи и кафулиња. Влезот во овој простор не се плаќа, така што можете да направите фотографија со позадина од секоја зграда на ансамблот. Ако сакате во кадарот да го фатите целиот Кремљ, застанете на црвено-белиот пешачки мост.

Красногвардејските езерца

Оваа многу модерна фото локација за многумина кои го виделе Њујорк ги потсетува на Централ парк поради спојот на зеленило и високи згради. За да имате добар агол, одете на дрвената платформа околу езерото, застанете блиску до оградата и проверете дали е зад вас градилиштето.

Видиковецот на кулата „Федерација“

Селфи на висина од 327 метри и панорамски поглед на Москва може да се направи на видиковецот на една од кулите на Москва сити „Panorama 360“.

Билетот чини до 2290 рубли (20-25 евра) во зависност од возраста на посетителот.

Зградата на наркомфин

Една од најпознатите конструктивистички згради од советската ера е омилено место на модните фотографи. Првично зградата била изградена за вработените во Министерството за финансии на СССР па така и го добила своето име (наркомфин е кратенка од Народный комиссариат финансов СССР или Народен комесаријат за финансии на СССР). Денеска, освен организирани тури, во зградата можат да влезат само станарите. Меѓутоа, дозволено е фотографирање надвор, а влезот во просторот околу куќата е исто така слободен.

„Белиот плоштад“

Тоа е всушност име на деловен центар, но така почнаа да го нарекуваат и просторот околу него. Локацијата е интересна затоа што модерната деловна зграда се наоѓа непосредно преку патот на староверска црква.  Ако добро се избере аголот, можете да го фатите одразот на храмот во рефлектирачките фасади на модерниот деловен центар.

„Artplay“

Креативниот кластер е изграден на местото на поранешна фабрика. Тука се сместени продавници, кафулиња, деловни простории и образовни институции. Просторот е украсен со графити и скулптури од современи уметници. За да фатите поголем дел од кластерот, најдобро е да се искачите повисоко, на пример, да тргнете во обиколка на просторот со качување на покривот. Но, имајте предвид дека турите не се секој ден и дека билетот треба да го набавите однапред. Чини 1500 рубли (15 евра). Без организирана тура, во околината на кластерот можете да влезете бесплатно.

Видиковецот на ЦДМ

На покривот на Централната детска продавница е направен видиковец. Благодарение на позицијата на ЦДМ на снимката ќе се најдат сите главни знаменитости на центарот на руската престолнина. Влезот е на шести кат, а билетот чини 199 рубли.

Филмските сценографии на „Мосфилм“

Ако веќе имате фотографии со позадина модерна Москва, можете да отидете во павилјонот на познатото филмско студио „Мосфилм“. Таму ќе ја најдете филмската сценографија на московските и петербуршките улици од XIX век. Во „Мосфилм“ може да се влезе само организирано, а кога ќе се формира голема група, билетот чини до 750 рубли.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња