Новодевичи манастир: Како изгледа едно од најубавите места во руската престолнина

Legion Media
Манастирот е активен, се наоѓа на Списокот на светското културно наследство на УНЕСКО, и едноставно е едно од најубавите места во руската престолнина.

Уште од крајот на деветнаесеттиот век Новодевичиот манастир се наоѓал среде полиња на западната периферија на Москва.

Поглед на селото Лужники и Новодевичи манастир, деведесеттите години од 19 век.

Подрачјето околу манастирот денес е густо изградено, направени се патишта и надвозници. Ова место, навистина, денес важи за центар на градот и за елитен крај.

Поглед на Новодевичи манастир од покривот на стадионот Лужники

Целосниот назив на манастирот гласи Московски Богородичен Смоленски Новодевичи ставропигијален женски манастир.

Го основал во мај 1524 година великиот кнез Василиј Трети, таткото на Иван Грозни, а поводот бил што во руско-литванската војна (1512-1522) Стара Русија го повратила градот Смоленск кој повеќе од еден век му припаѓал на Литванското кнежевство. Манастирот е осветен во чест на најголемата светиња на Смоленск – Смоленската икона на Мајката Божја Одгитрија.

Лево: Смоленска икона (Дионисиј, 1482). Десно: „Мајка божја Одигитрија Смоленска“ во оков, втора половина на 15 век

Новиот манастир е изграден на свиокот на реката Москва, историскиот назив на ова подрачје бил Девиче поле. Според легендата тука се собирале девојки кои потоа заедно со данок се испраќани на Татарските Монголци. „Новодевичи“ значи „нов женски“ манастир, зашто на просторот на Девичето поле постоел уште еден, Зачатаевски манастир.

Најпознатата и најстара црква на манастирот е посветена токму на Смоленската икона на Мајката Божја. Не се знае точно кој е архитектот, но со оглед на тоа што храмот потсетува на Успенската соборна црква во московскиот Кремљ, им се припишува на италијанските градители кои работеле на кремљовскиот ансамбл (меѓу другите на Алевиз Нови).

Смоленска црква

Во манастирот се зачувани фрески од 16 век чија реставрација е во тек.

Фреска од 16 век пронајдена за време на реставрација зад тулите од 17 век

За време на наездата на кримскиот хан во 15 век манастирот го зафатил голем пожар, па била донесена одлука манастирскиот комплекс кој се наоѓал на западната граница на Москва да се утврди и да се обвие со моќни ѕидови со шилци и со пушкарници што не е карактеристично за женски манастири.

Манастирските ѕидини според обликот потсетуваат на неправилен триаголник (еден од аглите е искосен, одејќи според релјефот на Новодевичето езеро). По кругот на ѕидините се наоѓаат 12 утврдени кули.

Новодевичи манастир и истоименото езеро

За време на Иван Грозни манастирот имал неофицијален статус на дворски, тука се повлекувале вдовиците од великокнежевските семејства (да кажеме вдовицата на синот Иван, кој според мислењето на Иљја Репин, Иван Грозни самиот го убил).

Никољска кула

Подоцна тука живеела и царицата Ирина Годунова, вдовицата на Фјодор Иванович. Одаите на Ирина Годунова се сметаат за едни од најстарите манастирски градби.

Палатaта на Ирина Годунова

Зградата се наоѓа до Амвросиевската црква изградена на преминот од 16 во 17 век.

Амвросиевска црква

Братот на Ирина, Борис Годунов, токму тука го прифатил изборот за цар и бил мошне наклонет на манастирот во кој монахиња била неговата сестра, извојувајќи солидна сума пари од државната каса.

И подоцна во манастирот живееле многу високопозиционирани монахињи од угледни болјарски и кнежевски семејства, а се издржувал со државни пари. Тука во 17 век како монахиња живеела сестрата на Петар Велики, Татјана, како и неговата прва сопруга Евдокија Лопухина.

Лопухинскa палата

Во Смутната доба и за време на полската интервенција манастирот бил во средиштето на борбите и практично бил урнат и опљачкан. Бројни цркви и манастирските одаи изградени се подоцна, кон крајот на 17 век, за време на Романови. Да кажеме Црквата на Преображението Господово во барокен стил, над северната порта, која ги пречекува посетителите.

Надвратната црква Преображение Господово

Кон крајот на 17 век изградена е и Успенската црква и трпезаријата околу неа.

Црквата на Успението на Пресвета Богородица

Барокната камбанарија е подигната во 1690 година. Подоцна се изградени уште неколку административни згради и палати.

Во манастирот последните денови ги минала кнегињата Софија, постарата сестра и регент на Петар Велики. Таа како и многу други угледни монахињи е погребана во Смоленската црква. Во храмот почиваат повеќе од 50 монахињи со царска, кнежевства и болјарска крв.

Во манастирот со текот на времето се погребувале не само монахињи, но и угледни московјани, а на територијата на манастирот никнала цела некропола (на почетокот на дваесеттиот век имало речиси три илјади гробни места).

Мавзолејот на Волконски

Неоготичката капела-гробница на фабрикантот Прохоров е изградена во првата деценија од 20 век и е еден од последните новоизградени манастирски објекти.

Колумбариум на Новодевичите гробишта

Новодевичиот манастир и паркот во близина на Новодевичето езеро денес се омилено место за прошетка на московјаните.

Владимир Федоренко/Sputnik

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња