Тука можете да ги видите митскиот змеј Зилант и крилестиот коњ, а и да научите да кажете нешто на татарски јазик.
Метрото во Казан, главниот град на Татарстан, е скромно по големина, но многу живописно. Казанското метро е едно од седумте активни метроа во Русија. Свое метро имаат и Москва, Петербург, Нижни Новгород, Самара, Новосибирск и Екатеринбург. Досега ова е единственото метро отворено по распадот на Советскиот Сојуз.
Работата на проектот за подземен сообраќај во Казан започна на крајот на осумдесеттите, а изградбата започна во тешките деведесетти, за време на економската криза во земјата. Сепак, метрото е завршено.
Отворено е во 2005 година. Настанот се совпадна со прославата на 1000 години од постоењето на Казан.
Денес, метрото се состои од една линија долга речиси 17 километри со вкупно 11 станици.
Секој ден казанското метро превезува околу 100 илјади патници. Во 2020 година започна изградбата на втората линија на Казанското метро. Според планот, таа ќе има 4 станици и ќе биде долга 5,7 километри. Отворањето е планирано за 2027 година.
Во многу метроа во Русија станиците се најавуваат на руски и англиски јазик. А во Казан, дополнително, станиците се најавуваат и на татарски, кој во Република Татарстан има статус на државен јазик заедно со рускиот. На татарски јазик се слуша женски глас, а на руски и англиски машки глас.
Во 2021 година патниците можеа да се возат и со специјален воз посветен на јазиците на народите на Русија и да научат неколку фрази на татарски, маријски, чувашки, мордовски и удмуртски.
Тврдината од бел камен е една од главните знаменитости на Казан. И тоа може да се види не само на површината на земјата, туку и во метрото.
Станицата „Кремљовска“, недалеку од Казанскиот кремљ, е вистинска подземна палата. Нејзините ѕидови потсетуваат на ѕидините на Кремљ, а на перонот се поставени минијатурни копии на кулите на тврдината, џамиите и „кривата кула“ на Сјујумбике.
Таванот на станицата „Кремљовска“ е украсен со источни орнаменти со митскиот змеј Зилант, симболот на Казан, кој потекнува уште од времето на Казањскиот каганат (овде пишувавме повеќе за тој историски период). Во метрото, змејот го „чува“ влезот на станицата. Неговата фигура се наоѓа на улицата веднаш до буквата „М“.
Патем, да напоменеме и дека една станица на втората линија ќе се вика „Зилант“. Според проектот, дизајнот на станицата ќе личи на змејска крлушка.
Друга станица во изградба, наречена Тулпар, е именувана по бајковитиот крилест коњ кој се појавува во многу туркиски легенди.
Бајковита тематика може да се види и на станицата „Плоштадот на Тукај“, која го доби името по татарскиот поет Габдула Тукај. Обложена е со бел и зелен мермер и украсена со ликови на јунаци од татарските приказни.
Казанското метро е единственото во Русија каде што на станиците нема да видите часовници кои покажуваат кога заминал претходниот воз. Интервалите помеѓу поаѓањата на возот се 5-6 минути дури и во шпиц.
Иако со скромни димензии, метрото во Казан е многу модерно. Користи автоматизирани системи за управување. Сепак, машиновозачите се задолжително присутни и нивна задача е да ја контролираат работата на автоматскиот систем. Покрај тоа, во Казан е планирано и тестирање на целосно автоматски возови без присуство на машиновозач.
Возењето во казанското метро може да се плати со сообраќај или кредитна картичка. Се користат и бесконтактни смарт-жетони со чип. Таквиот жетон важи само еден ден.
Цената на производство на таков високотехнолошки жетон се повисоки од цената на возењето, па раководството на метрото на тој начин се обидува да го ограничи количеството на жетони по лице. За оние кои сакаат да понесат со себе жетон за спомен, има и разнобојни „сувенирски“ жетони без чип.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче