Со автостоп низ Сибир: Епско патување на еден Швајцарец

Приватна архива
Шеесет возила, 8.400 километри, над два месеци авантура и, пред сé, бројни впечатливи средби и незаборавни доживувања – така изгледаше патувањето на Етјен, студент од швајцарскиот кантон Во, кој помина пат од Алтај до Владивосток, потпирајќи се исклучиво на љубезноста на руските возачи. Ова е приказна за неговата неповторлива Одисеја.

„Во Русија е многу полесно. Тоа е исклучително едноставно. Секогаш го бројам времето што го поминувам чекајќи и, навистина, за растојанието што го поминав и бројот на автомобили во кои се возев, не сум поминал многу време во чекање во споредба со другите земји. Најчесто уште првиот автомобил застануваше да ме земе“, вака Швајцарецот Етјен Штајнеман го опишува стопирањето во земјата на царевите. На 25 години веќе има значително искуство во овој начин на патување низ светот. Така веќе ги има обиколено Шпанија, Австралија и Нов Зеланд.

Одамна бил заинтересиран за Русија, но дури во 2022 година, за време на една година студирање на Рускиот економски универзитет „Плеханов“ во Москва, доби можност да ја запознае. Префрлувајќи дел од предавањата онлајн, идниот меѓународен стручњак за менаџмент кон средината на мај се осмели да тргне на незаборавно патување до рускиот тихоокеански брег. 

Потпирајќи се на великодушноста на локалното население

Со само еден ранец на грбот, Етјен сосема спонтано тргна во авантура од Алтајскиот крај. Иако веќе нејасно фантазирал за автостоп од Москва до Владивосток, тој никогаш немал можност да го оствари тоа. Меѓутоа, кога бил на гости кај пријател во Рубцовск, во близина на границата со Казахстан, почувствувал дека дошол часот.

„Кога стигнав таму, си реков: „Сега одам во Владивосток“, вели тој небаре се работи за патување до соседното село. Меѓутоа, од целта беше оддалечен 3.850 километри по воздушна линија, бројка што речиси двојно се зголеми со патот што младичот го помина.

Владивосток

Вкупно се возел во 60 возила, грубо следејќи ја трасата на Транссибирската железница, со неколку свртувања патем, меѓу другото, до Република Хакасија и Тува.

„Искусив сé, кратки возења од 10-20 минути, но и најдолги од 26 часа. Тоа беше возење со камион од Чита до Благовешченск. Беше нешто посебно, да се помине толку многу време во камион со некој што не го познаваш. Еднаш запревме да ручаме и еднаш да спиеме“, вели Етјен и додава дека можел да ужива во креветот на возачот додека тој бил зад воланот.

Без однапред одредена рута, уживал во слободата на движење, патувајќи низ Сибир и низ рускиот Далечен Исток согласно своите желби и расположението. „Планирав да останам во Краснојарск само 3-4 дена, но останав две недели.

Краснојарск

Поминав една недела во Абакан. Секој пат кога си велев „Всушност овде ми е многу убаво“, а бидејќи немав резервација за авион или воз, се водев од моите желби. Кога некаде ќе се чувствував добро, го продолжував престојот“, опишува студентот.

Што се однесува до сместувањето, Етјен можел да се потпре и на гостопримството на Русите.

„Секогаш спиев во куќите на луѓето. Го користев сервисот „каучсурфинг“. Понекогаш не наоѓав ништо на тој начин, но возачите ќе ме поканеа кај нив. Понекогаш некој кај кого ќе престојував ќе ми речеше: „Чекај, ќе бидеш во тој град, јас познавам некого, ќе ти дадам контакт, можеш да спиеш кај нив“, а еднаш некој дури ми плати и хотел“.

Авантура со човечко лице

Блискоста со луѓето е она што го направило ова патување навистина незаборавно, бидејќи Етјен имал можност да го сподели секојдневието со многу различни луѓе. На пример, кога бил во Иркутск, запознал човек од Швајцарија и учествувал во проектот „Големата бајкалска патека“, чија цел е да се направи пешачка патека околу „бисерот на Сибир“, додека во Рубцовск времето го поминал во опкружување на семејство со многу деца.

Бајкал

„Навистина се чувствував како дел од семејството. Мојот руски е прилично слаб, но можевме прилично добро да се разбереме. Тоа беше убаво искуство. Го посетив и тамошното училиште, каде што разговарав со учениците и им објаснив што правам во нивниот град. Беа изненадени што гледаат турист“, се сеќава тој.

Во Новосибирск, на Етјен му укажал гостопримство младич кој ја споделува неговата страст за автостоп. Го запознал со своите пријатели, со кои оттогаш е во постојан контакт.

„Интересно е, бидејќи многу брзо почувствував дека сум дел од целата група. Тоа го сметам за импресивно, бидејќи не сум сигурен дека во Швајцарија странец би можел толку брзо да ѝ се приклучи на група“, вели овој авантурист.

Швајцарецот сигурно го забележал интересот што мештаните го покажале за него.

„Претежно беа многу изненадени што гледаат странец, особено во ова време. Секојпат ми го поставуваа прашањето: зошто си дошол во Русија? Секогаш го чувствував интересот на луѓето, сакаа да знаат што правам во нивната земја, бидејќи таа за нив не е ништо посебно“.

Хабаровск

Љубопитноста на околината го достигнала својот врв во Хакасија. Тој сакал да ја види познатата Сајано-шушенска брана на најмоќната хидроцентрала во земјата и речиси цело село тргнало со него на велосипеди за да му прави друштво.

„Во Европа сметаме дека Русите се многу затворени, многу ладни и не многу гостопримливи; но тоа навистина не е точно! Ќе ме видат на пат и веднаш ќе ме земат. И толку многу нешта сакаа да ми подарат. Ми даваа многу храна, сувенири, беа многу дарежливи, подготвени да помогнат во секоја прилика“, истакнува Етјен.

Промени во природното и културното опкружување

Патувањето значи и откривање на нова средина, како визуелна, така и социјална. Од пространството на тајгата до бреговите на Бајкалското Езеро, преку бескрајните степи на јужен Сибир, нашиот автостопер набљудувал различни пејзажи, имајќи особено среќа да ги посети „Краснојарските столбови“ и националниот парк „Ергаки“.

„Бев импресиониран од тоа колку различни пејзажи можете да видите и колку брзо се менуваат пределите. Понекогаш за 10-15 минути целата глетка околу вас се менува целосно. Тоа е фасцинантно. Уживав во тоа и би сакал да го повторам ова патување“, ентузијастички заклучува Етјен.

Благовешченск

И попатните градови му оставиле впечаток, без разлика дали тоа било Благовешченск, каде што бил изненаден што преку реката ја гледа Кина, или Чита, главниот град на Забајкалскиот крај, за која, и покрај предупредувањата што ги добил, се покажал дека е исклучително пријатно место.

Оваа разновидност можела да се забележи и во мноштвото култури во Русија, земја во која живеат заедно речиси 190 домородни народи.

Кизил

„Посветував внимание на различни култури, особено во Кизил и Улан-Уде, кои се будистички градови. Или кога бев во Абакан отидов на излет со лицето кај кое престојував и таа ми објасни нешто за нивните шамански ритуали кои ги правевме заедно и беше многу интересно. Таму имаше менхири, камени култни споменици. Ставивме малку леб како жртва, а жената одеше околу каменот изговарајќи некои зборови“, опишува Етјен.

Хакасија

По оваа незаборавна експедиција, Швајцарецот не сака да запре. Тој се подготвува во февруари 2023 година да го премине Арабискиот Полуостров, повторно автостоп, а потоа да се врати во Русија и да го повтори својот потфат, овој пат до Магадан на брегот на Охотското море.

Улан-Уде

„А зошто да не останам и да живеам во Русија некое време? Би сакал, особено во некој град во Сибир или на брегот на Црното Море, во близина на Сочи“, заклучува овој светски патник.

Владивосток

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња