Морничави пејзажи од кримската Долина на духови (ФОТО)

Legion Media
Кога покрива магла, овие бизарни карпести формации добиваат мистериозен изглед. Луѓето во нив забележуваат различни фигури: најчесто морски животни и птици, но понекогаш и самата царица Екатерина Велика.

Градот Алушта на јужниот брег на полуостровот Крим е опкружен со масивот Демерџи, каде што локалните жители и патниците сакаат да дојдат и да уживаат во величествениот поглед. Тука се наоѓа веројатно најнеобичниот мистериозен природен феномен на Крим - Долината на духовите.

Од научна гледна точка, оваа долина ја обликувале водата и ветрот, создавајќи бизарни форми во текот на неколку илјади години.

Во долината има над стотина вакви ерозивни столбови, секој со различна висина - од 10 до 25 метри - и со различна форма. Но, каква врска има тоа со духовите?

Мистиката започнува кога маглата ќе ги покрие планинските падини. Во зависност од аголот под кој паѓа светлината и временските услови, луѓето забележуваат најразлични сцени. А времето овде се менува неколку пати на ден!

„Ако се загледате во секој камен и ја употребите вашата имагинација, можете да забележите многу интересни работи: фигури со човечки облик, животни, лица. Како да сте зачекориле во светот на неподвижните џиновски суштества. А сето тоа е на голема височина, од каде што има прекрасен поглед на околината“, пишува интернет корисникот Сергеј.

А ова е уште еден впечаток на патник кој престојувал овде ноќе: „Многу морничаво место, видов најразлични бабароги и чудовишта. Ако случајно се затекнете тука ноќе, ви советувам да ја насочите светилката под нозете, за да не ги гледате страшните сенки наоколу и брзо да побегнете што е можно подалеку за да не ве опколат чудовишта. Меѓутоа, ако во животот никогаш не ви е доста од кошмари и морници, тогаш ова е местото за вас“.

Туристите дури им дадоа и имиња на некои планински „скулптури“. Тука е „профилот“ на сфингата, а има и џин, три џуџиња, орел, горила, па дури и Екатерина Велика. Една група карпи ја нарекуваат „ѓаволски прсти“.

Се разбира, постои и локална легенда поврзана со Долината на духовите. Името Демерџи на кримски татарски значи „ковач“. Во старо време на врвот на планината имало ковачница во која номадските освојувачи го ковале своето непобедливо оружје. Таму владеела таква топлина што ги пресушила сите потоци и градини. Една девојка се качила на планина и барала од главниот ковач да го напушти овој крај, а тој ја убил. Тогаш планината се затресла поради неговото злодело, а сите освојувачи се претвориле во камен. Инаку, овде имало повеќе земјотреси, последен пат во 1927 година.

Патот низ долината минува низ стара шума во која може да се видат ретки растенија и животни. Тука е и средновековната тврдина Фуна (називот е од грчко потекло со значење „која што се чади“).

Планинарењето по овој терен бара добра кондиција и квалитетни обувки, особено при дождливо време, кога карпите стануваат лизгави. Од најблискиот паркинг каде што можете да го оставите вашиот автомобил па до врвот на долината треба да пешачите околу 6 километри.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња