Водич низ понудата на далекоисточни остриги, потценетиот руски деликатес

Legion Media
Која руска острига има најубава лушпа, која крцка во устата како свежа краставица, а која оди најдобро со вотка?

Дивите остриги од Далечниот Исток на Русија се поголеми од обичните и не можат да се сортираат според меѓународните стандарди. На пример, хасанската острига може да тежи 400 грама, додека светски познатите остриги Фин де Клер тежат само 60 до 80 грама.

Тие не се специфични само во однос на големината. Далекоисточните остриги имаат поблаг вкус од нивните атлантски роднини. Но, дури и кај нив може да се разликуваат различни нијанси на вкус: од солено море до слатка ванила.

Уште во далечната 1904 година познатиот руски писател Антон Чехов ги опишал своите впечатоци од посетата на Далечниот Исток во писмо до својот колега Борис Лазаревски: „Во Владивосток, барем во време на мир, не се живее тажен живот, туку во европски стил... Остригите во целото приморје се крупни и вкусни“.   

Во други делови на Русија овие остриги се појавија на менијата од неодамна. Во советско време локалното население не ги доживуваше како деликатес, а до главниот град едноставно не ни стигнуваа. Затоа Јапонците со задоволство ги купуваа по многу ниски цени.

За тоа време Русите ги ценеа другите жители на морето: раковите, морските краставици и морските школки. Меѓутоа, во денешно време некои видови ги има сé помалку и помалку, европските остриги се прескапи, па интересот за домашните остриги е во пораст. Покрај тоа, развиена е логистика која овозможува да се служат свежи или обработени не само во рестораните на Далечниот Исток, туку и во Москва и Санкт Петербург.

Далекоисточната острига има импресивна разновидност на лушпата. Покрај убавината и необичниот вкус, далекоисточната острига е извор на микроелементи, вклучувајќи го и цинкот. Остригите се препорачуваат при анемија, бидејќи 6-10 парчиња можат да ја задоволат дневната потреба за железо. Богати се и со Омега-3 незаситени масни киселини.

Свежите остриги добро одат со сок од лимон, но може да се комбинираат и со сложени сосови со вино или жесток пијалок.

Најмногу остриги се ловат на бреговите на Сахалин, во Приморскиот и Хабаровскиот крај. Станува збор за диви остриги кои растат во природата, така што според меѓународниот систем не се класифицирани како одгледувани остриги. Во зависност од местото каде што се вадат, се разликуваат неколку видови. Еве некои кои ви ги препорачуваме.

5 видови далекоисточни остриги: 

1. Хасанска острига – најубава

Се сметаат за најубави меѓу далекоисточните остриги, но и тешко се собираат. Сакаат да се сместат длабоко под вода во основата на карпите, каде што течат бистри струи.

Ги вадат нуркачите во Амурскиот залив и заливот Петар Велики, недалеку од Владивосток во близина на населбата Хасан (оттука и нивното име). Се карактеризираат со брановидна лушпа, која така се обликува поради силните морски струи.

Лушпите се од снежно-бела до темна маслинеста боја. А месото е со крем боја. Просечната големина на остригите е 100-200 грама, но некои примероци можат да тежат речиси и 400 грама.

Како се користат: остригата има силен морски вкус и потсетува на краставица, дури и крцка кога се јаде. Се препорачува да се користи свежа, без термичка обработка.

2. Императорска острига – солена

Императорските остриги се вадат во северниот дел на заливот Петар Великог. Затоа понекогаш се нарекуваат остриги на заливот Петар Велики. Другите имиња им се: бисерни или руски.

Имаат малку сплескана форма на лушпата без брановидна форма. А сето тоа затоа што населуваат заливи со плитка вода и слаби струи.

Имаат кревки и лесни лушпи во светлобеж боја, кои се отвораат полесно од другите. Нивната просечна тежина е 150 грама. На вкус се посолени од нивните роднини, со лесна сладникава нота.

Како се користат: со императорските остриги оди сос од бело варено вино, шалот, босилек и пармезан. Или може да се послужат со ликер од цитрусово овошје.

3. Острига ромаринка – најсочна

Остригите ромаринки ги вадат нуркачите во Амурскиот залив. Тие се комбинација од императорска и хасанска острига. Горниот капак им е брановиден, а долниот е рамен.

Тежат 150-200 грама и имаат најдобар сооднос тежина-месо (околу 15%). По вкус потсетуваат на хасанските. Гурманите во нивниот вкус можат да препознаат и нота на орев и слива, како и лесен морски вкус кој се задржува во устата.

Како да се користи: оваа сочна, месна острига во својата свежа форма одлично се комбинира со лимон или соја сос. Што се однесува до пијалоците, оди со бело вино и шампањ. Нејзиното месо може термички да се обработи и да се користи како основна состојка во салати и супи.

4. Соловјовска/анивска острига – идеална со вотка

Овие диви остриги нуркачите ги вадат на еколошки чисто место недалеку од населбата Соловјовка на островот Сахалин во Анивскиот залив на Јапонското Море. Затоа и се нарекуваат соловјовски, анивски или сахалински.

Поради долгнавестата форма изгледаат како чамец со зеленикава боја, која ја добиваат затоа што живеат заедно со алги. Нивната тежина е 200-300 грама. Кога јапонските туристи доаѓаат на Сахалин не пропуштаат можност да купат ваков вид на остриги.

Како се користат: овие остриги се солени, така што одлично се комбинираат со жестоки пијалаци, на пример, вотка.

5. Посјетска острига – огромна

Посјетските остриги се вистински џинови. Во просек тежат 600 грама со должина на школката од 25 сантиметри, а особено крупните примероци достигнуваат килограм и половина.

Тие живеат во југозападниот дел на Јапонското Море на подводни ридови. Однадвор личат на обични камења и затоа само професионалци можат да ги забележат под вода.

Како се користат: имаат многу нежно месо и сладникав вкус. Се служат со светло пиво или бело суво вино.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња