Западното гратче Санта Каролина на Дивиот запад „никакна“ на Крим за време на снимањето на „Човекот од булеварот Капуцини“ (1987). Не стануваше ниту збор за патување во САД за снимање на филмот, така што соодветен амбиент се бараше во границите на СССР. Крим беше идеална варијанта зашто таму природата навистина потсетува на прерија на американскиот Див запад, а разновидноста на пејзажот овозможуваше материјалот да изгледа како да е снимен на различни места,
Клучна локација беше околината на Белата карпа на Ак-Кај и брегот на Тихиот залив кај Коктебељ. Тука се снимани сцените со Индијанците, нападот на бандитите врз дилижанса на мајсторот Феста и шетањата на главните јунаци.
Сиот овој труд не остана незабележан. На фестивалот „Златен војвода 87“ филмот доби специјална награда од жирито „За автентично прикажување на Дивиот запад во дивите услови на советската кинематографија.
Во потрага по соодветен замок за потребите за екранизацијата на романот на Агата Кристи “Десет мали Црнци“ (1987) филмската екипа го обиколи сиот западен брег на СССР, но не најде ништо. Бараниот амбиент беше забележан на Крим, и тука беше направен замок на дивиот ‘рт во близина на прочуеното „Ластовичкино гнездо“.
Алпинистите помогнаа во подигнувањето на замокот на мистер Овен, во кој се одвива дејствието. Замокот е подигнат на пуста карпа што ја заплискува морето.
Другите сцени се снимени во самото „Ласотивичкино гнездо“, псевдоготски замок од почетокот на 20 век. Но, овој замок му беше добропознат на советскиот гледач, па затоа внимателно беше маскиран и не е сниман на начин целиот да го собере во кадар.
За време на екранизацијата на „Тајните на косовите“ (1983), исто така според детективскиот роман на Агата Кристи, филмската екипа прибегна кон лукавштина. Имено, во Лондон беа испратени само тројца членови на екипата – снимателот, режисерот и асистент. Тие снимија панорама на градот, со што беше означено местото на дејствието, додека сцените со актерите се снимени во близина на естонскиот град Талин.
Соодветна локација беше имотот на Вазален. Тој почнал да се гради уште на почетокот на 18 век во стилот на англиски витешки замок, така што одлично се вклопи во дејствието на приказната на Агата Кристи,
Литванија исто така послужи како замена за Англија. Сцените во летувалиштето Сент Лу на југот од Англија, каде се одвива дејствието со познатиот детектив Херкул Поаро во делото на Агата Кристи „Опасност во Енд Хаус“ снимено е во Каунас, вториот по големина град во Литванија. Како брегот на Корнвол послужи Каунаското акумулациско езеро.
Гледачите високо ја оценија стилизацијата на режисерот Вадим Дербењов. Определени детали од ентериерот и од костимите беа навистина направени со големо внимание.
Во советскиот филм „Брилијантна рака“ (1969) градот Баку го „глумеше“ Истанбул, зашто на филмската екипа не ѝ беше дозволено да патува во Турција. Главна локација во Република Азербејџан беше старата населба Ичери-Шехер и нејзините знаменитости: Ширваншах палата, џамијата Џума и Девојчешката кула. Таму за што поавтентичен амбиент беа закачени табли на различни јазици, меѓу кои и на фарски, кој нема никаква врска со Истанбул. Но, така беше создаден впечаток дека дејствието на филмот навистина се одвива во странство.
Шпионската драма „Седумнаесет мига на пролетта“ (1971-1973) за советскиот разузнавач уфрлен во највисоките кругови на власта на нацистичка Германија делумно е снимена во Источна Германија, но улогата на Берлин ѝ беше доделена на Рига, омилениот град на советските режисери. Сцени од филмот се снимени на улицата Јауниела, која според сценариото служела како Цветната улица во Берлин.
Меѓу другото, оваа иста улица послужи и како лондонската Бејкер Стрит во советскиот филм за Шерлок Холмс.
Санкт Петербург е руски град кој поради својата архитектура најмногу „личи на Европа“. Во Советскиот Сојуз се нарекуваше Ленинград, а во него филмаџиите го „препознаа“ Лондон каде живее Шерлок Холмс.
На пример, карташкиот клуб „Багател“ каде Вотсон е сведок на кавгата помеѓу сер Роналд Адер и полковникот Морано е снимен во вилата на Матилда Кшесинска, примабалерина на Мариинскиот театар која денес определени кругови ја претставуваат како тајна љубовница на царот Николај Втори.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче