Точно ли е дека во Русија секогаш има СНЕГ?

Николај Михаљченко, Дмитриј Феоктистов/TASS
Русија е толку голема што сигурно некаде паѓа снег дури и во овој момент!

Еден од најпопуларните митови за Русија е дека таму е секогаш ладно и дека секогаш паѓа снег. Оваа слика за Русија активно се промовира во глобалните масовни медиуми и во холивудските филмови – дури и ако сцената се одвива надвор од Русија (на пример, во филмот „Ред“ (2010), кога ликот на Брус Вилис, Френк Мозес, оди во руската амбасада во САД насекаде има снег!)

Но, дали е навистина така? Може да се каже дека постојат голем број градови во кои практично нема зима – Сочи (Краснодарски крај), Елиста (Калмикија), Грозни (Чеченија)... Таму мразовите се навистина ретки.

Сепак, и во овие топли градови понекогаш знае да падне снег – а, за мештаните тоа е вистински настан кој веднаш се наоѓа во вестите и се шири по социјалните мрежи.

Генерално, климата во земјата е мошне разнолика и вистина е дека дури и налето има места каде може да падне снег.

Летен снег наместо летна жега

Видеото подолу е од Магадан, град на рускиот Далечен Исток. Патот е целосно покриен со снег, има снежна бура и температурата е близу до нулата. Не е снимено назима, како што можеби мислите, ами во средината на јуни 2022!

Неколку дена претходно температурата во оваа област беше +25° C, а потоа нагло премина на зимска. Една недела подоцна температурата порасна на +13-15° C и почна да паѓа дожд. Накусо, се сменија сите годишни времиња за неколку недели.

Времето може да изненади и во Јакутија, каде температурите назима редовно се спуштаат под -50° C, а налето се искачуваат над +30°. А, понекогаш, среде жежок ден паѓа снег и се задржува неколку дена.

Згора на тоа, додека регионалната престолнина Јакутск има летни жештини, на северот од регионот може да паѓа снег. А, тука се и глечерите кои се топат, каде мештаните одат во слободно време.

Замислете дека надвор е +30° C и дека гледате огромни покривки од мраз на река.

Најпознатата ваква покривка од мраз се нарекува „Булус“. Вистинска ледена плажа!

Мразот таму, по правило, не се топи, зашто топлото време во овој дел од Јакутија (од Јакутск е оддалечено околу 100 километри) трае само неколку недели. Меѓутоа, ако дојде до ненормално долг топлотен бран (што исто така може да се случи), тогаш во јули од „Булус“ останува само мало парче мраз. Но, не грижете се – до септември, кога снегот повторно ќе падне како што треба, повторно можете да се одморите на својот омилен мраз!

Во северна Русија – Нориљск, Воркута, Салехард – летата се обично студени, +10-15° C, иако во некои денови може да достигне +25° C, а следниот да биде околу нула. Се случува понекогаш во текот на годината снегот да не стаса насекаде да се растопи и уште да лежи поцрнет во јуни.

Во Москва, во Санкт Петербург, во Калининград и во други поголеми градови од европскиот дел на Русија времето, помалку-повеќе, им одговара на годишните времиња. Напролет е топло и врне дожд, налето е жешко и сончево, а наесен пожолтуваат лисјата и паѓа дожд и, секако, назима има снег и мразови. И дури и таму, летниот снег не се смета за ненормална појава; иако, секако, и понатаму е изненадување за локалното население!

Ни ден без снег

Во Русија постојат места каде снегот воопшто не се топи. Секако, тоа се оддалечени острови во Арктичкиот океан. Архипелагот Новосибирски острови, Земјата на Франц Јосиф, архипелагот Нова Земја – доколку некогаш ги посетите овие места налето, ќе видите поларни мечки и сјајни моржеви како се одмораат на мразот по капењето во благо ладната вода.

На некои острови снегот се топи налето, откривајќи го каменестото тло, но на многу од нив температурата се искачува над нулата дури во јуни и во јули, а во август повторно започнуваат мразовите и снегот едноставно нема време да се стопи.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња