Еден од најпознатите руски манастири се наоѓа на островите на Валаамскиот архипелаг во северниот дел на езерото Ладога. Според преданието, ова место го посетил апостол Андреј Првоповиканиот, кој подигнал камен крст и безмилосно ги уништил паганските храмови на боговите Велес и Перун.
Автентичната историја на Валаамскиот Спасо-Преображенски ставропигиски (директно потчинет на патријархот на Руската православна црква, а не на локалната епархиска власт) машки манастир датира од XIV век. И покрај бројните напади на Швеѓаните, тој успешно растел и се развивал.
Пред крајот на постоењето на Руската империја, манастирот бил еден од најголемите во земјата: 21 црква, 22 капели, 600 монаси, па дури и неколку фабрики и работилници за производство на свеќи, тули и кожа. По 1917 година и револуцијата, архипелагот со манастирот влезе во состав на Финска.
Враќањето на Валаамскиот манастир под јурисдикција на Москва по Советско-финската војна 1940 година значеше почеток на долгиот период на пад на светилиштето. Континуирано се изнесуваа вредни предмети и ретки книги, во манастирските згради прво беше сместено воено-поморско училиште, потоа совхоз, а по завршувањето на Втората светска војна, прифатилиште за инвалиди-ветерани.
Обновата на манастирот започна во предвечерието на распадот на Советскиот Сојуз, во 1989 година. Валаам, кој ја врати старата слава, денес е еден од главните центри на аџилак и туризам во Русија.
Во 1429 година на Големиот Соловецки остров во Белото Море пристигнале монасите Саватиј и Герман, каде што „поставија крст и направија ќелија“. По седум години, на островот дошол Зосима. Токму со овие тројца светци на Руската православна црква Почетокот се поврзува почетокот на историјата на Спасо-Преображенскиот Соловецки ставропигиски машки манастир.
Манастирот станал не само голем верски и културен центар, туку и едно од најважните руски упоришта при освојувањето на Северот. Добро утврден, тој успешно им одолевал на нападите на шведската војска.
Во 1668 година соловецките монаси влегле во конфликт со централната власт, одбивајќи да ги прифатат промените во литургиските книги и црковните обреди иницирани од патријархот Никон. Дошло дури и до вооружен судир. Неколку години царската војска го држела под опсада манастирот, кој на крајот паднал во 1676 година. Веднаш потоа 26 активни учесници во бунтот од редовите на монашкото братство биле погубени.
Во 1920 година болшевиците го затвориле манастирот и ги одзеле културните добра. Подоцна овде се наоѓал Соловецкиот логор за специјална намена (од 1937 година Соловецки затвор) за „непријателите на народот“, воено-поморско училиште и музеј-резерват. Обновата започна полека дури во 1988 година.
Преподобниот Нил поминал 27 години во целосна самотија на островот Столобни на езерото Селигер во Тверската областа. Неговите денови биле исполнети со тешка земјоделска работа и молитви. Заветувајќи се дека нема да лежи, спиел и се одморал на нозе, потпрен на дрвени куки во својата ќелија.
Нил се упокоил во 1555 година. Погребан е на својот остров, каде што почнале да се доселуваат монаси, инспирирани од неговиот подвиг. По речиси четириесет години, на Столобни е основан манастир.
За време на Руската империја, Нило-Столобенскиот манастир секојдневно го посетувале десетици илјади аџии сакајќи да го допрат ковчегот со моштите на преподобниот Нил. Манастирот уживал покровителство на членовите на царското семејство кое не заборавало да се грижи за неговото уредување.
Како и за другите православни манастири, советската ера стана време на сурови искушенија за ова светилиште. Манастирскиот простор се користел за различни намени, па така овде имало колонија за малолетни престапници, логор за полски затвореници, дом за стари лица и туристички центар.
Нило-Столобенската пустина во 1990 година беше вратена под јурисдикција на Руската православна црква. Пет години подоцна беа вратени и моштите на нејзиниот небесен заштитник, преподобниот Нил, кои по револуцијата беа ставени и чувани во локалниот роднокраен музеј во соседниот град Осташков.
На мал пуст остров во центарот на Вјатското езеро (денес Воведенско езеро во Владимирската област) кон крајот на XVII век, во потрага по осаменички праведен живот почнале да се населуваат монаси. Наскоро бил основан Покровскиот Свето-Воведенски Островски манастир.
На заодот на советската ера во која во манастирот имаше поправен дом за малолетници, спортска сала, кино и складиште за мебел, храмот беше вратен на Руската православна црква. Поранешната машка обител денес е женски манастир.
На влезот во манастирот, со благослов на игуменијата Февронија, во 2007 година е отворено прифатилиште-пансион за деца без родителска грижа „Ковчег“. Девојчињата им помагаат на монахињите во секојдневните работи, а тие, пак, им даваат духовна поддршка во барањето потпора во животот.
Иницијатор на основањето на Валдајскиот Иверски Богородичен Светоезерски манастир бил патријархот Никон, кој сонувал да изгради манастир во Русија „на подобие“ на Ивирон на Света Гора во Грција. Желбата му се остварила во 1653 година на Селвицкиот остров во Валдајското езеро недалеку од Велики Новгород.
На молба на Никон, монасите од тој светогорски манастир направиле копија на чудотворната икона на Пресвета Богородица. Во придружното писмо испратено заедно со иконата до руската држава, Грците тврделе дека иконописецот работејќи над иконата „јадеше само во сабота и недела, а браќата, двапати неделно служеа сеноќни бденија и литургии“. Имале потреба да нагласат и дека новосоздадената икона не се разликува од оригиналот, „ни по димензии ниту по приказот на Богородица“, и гордо заклучиле дека може да се смета за „истоветна“.
Откако станала главна реликвија на Валдајскиот манастир, Иверската икона се користела за осветување на Успенскиот соборен храм на манастирот, еден од најголемите во Русија во тоа време (ширина 42,8 метри, должина 44,9 метри, висина речиси 43 метри).
По затворањето на манастирот во 1927 година, по налог на властите, во неговите простории функционирале дом за воени инвалиди и училиште за деца болни од туберкулоза.
Во 1991 година запуштениот манастир премина под јурисдикција на Новгородската епархија, која веднаш пристапи кон негово обновување.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче