Мистериозни камени лавиринти на северот од Русија: Зошто научниците не ја знаат нивната намена?

Legion Media
Древните луѓе внимателно по земјата ставале камења во вид на спирални шари кои денес се пронаоѓаат во Карелија, во Архангељск и во Мурманската област. На намената на овие градби се посветени цели научни студии.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Големиот Зајачки остров е една од главните знаменитости на Соловецкиот архипелаг која привлекува туристи од целата земја. Далеку од цивилизацијата, на брегот на Белото море, тука се наоѓаат најголемите лавиринти во Европа, стотици камења распоредени во облик на спирали. Слични конструкции научниците и локалните жители наоѓаат на многу места на Рускиот север. Кој ги направил и која е нивната намена?

Кој ги изградил лавиринтите?

Слични лавиринти се наоѓаат низ целиот свет, меѓутоа, најголемиот број се сконцентрирани на Соловецките острови (Архангељската област), околу 35, од кои 14 на Големиот Зајачки остров. Покрај овие лавиринти пронајдени се стотици хумки, насобрани камења и долмени, што зборува за тоа дека овие острови во Белото море и претходно биле населени.

Како што е познато во првиот милениум пред нашата ера на Соловецките острови живееле лапонски номадски племиња кои не биле нивни први жители, зашто научните анализи на предметите потврдиле траги од присуство на луѓе уште во седмиот и во шестиот милениум пред нашата ера. Лавиринтите потекнуваат отприлика од периодот од вториот и од првиот милениум пред нашата ера, односно биле изградени пред Саам или Протосаам... Меѓутоа, определени камени композиции можеле да се појават и подоцна.

Лавиринтите често се пронаоѓани и на островите на архипелагот Кузов во Карелија и во близина на градот Кандалакаш во Мурманската област. Лавиринти се среќаваат и во некои региони во Сибир. Сите тие се наоѓаат на острови или на уријата на реки, односно покрај вода.

Постојат два вида лавиринти: со една спирала, со две, концентрични, со пресек во облик на крст. Нивниот дијаметар изнесува од 5 до 30 метри. Оддалеку тие не се забележуваат, најдобро се гледаат озгора. Камените, од кои се направени лавиринтите, не се зацврстени со никаков раствор. Самите камења исто така имаат природна форма и поголемиот дел од нив немаат траги од обработка.

Што велат научниците?

Првите описи на северните лавиринти датираат од почетокот на 19 век, иако се споменуваат, да кажеме, уште од средината на 16 век во определени преданија (едно од првите пронајдени во записите за преговорите со Швеѓаните од 1552 година). Претходно ги нарекувале вавилони поради сложениот облик. Еве што по тој повод во 1883 година има запишано лекарот и член на Руското географско друштво Александар Елисеев. „Според нашето мислење, овие лавиринти, како и други камени творби од нашиот север, треба да се вбројат во сосема оригинални мегалитски градби, а можат да бидат поставени покрај кромлех или обични камени кругови без централен објект, како и покрај великоруските кургани... Помалку или повеќе определената позиција на вавилоните укажува на тоа дека ѝ припаѓале на определена група народи. Сложената форма на конструкциите има, без сомнение, симболичко значење или митска подлога. Спиралата направена од камен, без крај, според аналогијата со симболичната бесконечна линија кај другите народи, аријските и црнечките, може да симболизира и бесконечност на светот, и змија, како принцип на злото“.

Тој исто така укажува на некои северни народи кои лавиринтите ги сметаат за свети места.

За овие лавиринти во 1925 година се заинтересирал етнографот Николај Виноградов кој на Соловецките острови се нашол на издржување казна, но му било дозволено да излегува надвор од затворските ѕидини. Тој внимателно се запознал со неколку острови, подробно опишувајќи го поголемиот дел од лавиринтите и истакнувајќи дека се разликуваат како по формата, така и по ориентацијата на определена страна на светот, па можеле да бидат подигнати за различни намени, како култни, така и симболични. И до ден денес ова е најдеталниот научен опис на лавиринтите.

Друг жител на Соловецките острови, свештеникот и филозоф Павел Флоренски, во триесеттите години од минатиот век, изнел претпоставка дека лавиринтите претставувале споменици кои не ѝ дозволуваат на душата да се врати во светот на живите. Археолошките ископувања ја отфрлија оваа теза.

Ритуали или секојдневие?

Научниците до денешен ден ја немаат откриено точната намена на споменатите лавиринти. Многумина современи истражувачи сметаат дека овие градби имале ритуална смисла. Спиралата е еден од најстарите симболи во целиот свет, на определени начини е присутна во сите култури и мошне често се поврзува со обредите, да речеме со иницијација.

Таканаречените искушенија на лавиринтите се присутни во старогрчкиот еп (се сеќавате на приказната за Минотауровиот лавиринт?) и во средновековната христијанска традиција како симбол за искупување на гревовите (зачувани се во катедралите во Шартро и во Амиен во Франција). Минувајќи низ лавиринт човекот се простува од своето минато, истовремено откривајќи нешто ново.

Меѓутоа, покрај ритуалот, лавиринтите, или барем некои од нив можеле да имаат практична намена. Советскиот археолог Нина Гурина, која ги проучувала карелиските и мурманските лавиринти, смета дека биле наменети за риболов. Претходно нивото на водата, најверојатно, било повисоко и така камените замки можеле да ги затворат рибите додека луѓето правеле нешто друго.

На оваа видеоснимка руски блогери се обидуваат да направат камена замка за риба според технологијата на индијанско племе од Канада, со нешто поинаква форма, но сепак лавиринт. Велат дека им биле потребни само 20 минути.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња