Средновековни бисери на мирот и тишината на само неколку километри од Москва

Ерван Пенсек
„Кога бурното темпо на руската престолнина станува неподносливо, понекогаш единствениот излез е најблискиот перон на железничката станица. Барем за мене тоа е идеален начин да отпловам во некои помирни хоризонти“, пишува нашиот француски колега Ерван Пенсек.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон!  Cо „Телеграм“ сме секогаш со вас! 

Москва е космополитски мегалополис, одраз на етничкиот мозаик што беше СССР и кој сè уште е Русија. Не престанува да воодушевува со убавината на градбите во стилот на сецесијата и пријатните дрвореди со внимателно уредени цветни леи, но и со вртоглавите булевари надвишени од импозантните советски згради и спомениците кои речиси допираат до облаците. Како и повеќето агломерации со овие димензии, Москва страда од непрестаната бучава и постојаното брзање, така што понекогаш е навистина потребно да се побегне во потрага по мир.

Живеејќи во руската престолнина неколку години, стекнав навика да ја напуштам неколку пати годишно: без разлика дали одам во будистичките земји на Бурјатија, ги обиколувам стрмните планини на Северна Осетија или ледените пространства на Арктикот. Меѓутоа, во оваа вечна потрага по необичното, секогаш ги занемарував областите во близина на Москва, а приори сметајќи ги за „недоволно егзотични“! Затоа овој пат решив да откријам некои од блиските средновековни градови.

Патувајќи со воз, штом ќе ги поминете последните згради на московските предградија, чувствувате дека времето забавува. Наидувате на бескрајни шуми, сè уште покриени во овој период од годината со  снег што се топи, а потоа во налети се појавуваат ситни хаотични села со дрвени ѕидови, лимени покриви и земјени патишта.

Прва станица: древниот кремљ на Ростов и разнобојните изби

Ростов е еден од најстарите градови во централна Русија, основан 862 година. Овој мал град со приближно 30000 жители се наоѓа на околу 186 километри североисточно од Москва. Неговата советска и не многу убава станица не ја одразува величественоста на самиот плоштад на Ростов.

Несомнено, центарот на овој град е вистинска ризница на наследство: зад низите покриви на ниските и шарени згради, штрчат џиновски сребрени куполи во вид на кромид. Веднаш штом ќе стапнете на новоуредениот главен плоштад, прекрасниот кремљ ќе ве собори од нозе. Со белите бедеми и кулите со различни форми, оваа импозантна цитадела го одзема здивот со својата големина.

Околните згради, иако денес во нив се сместени продавници, сепак го отсликуваат сјајот со кој некогаш зрачел овој првокласен кнежевски град. Извајани педименти, аркади со цврсти столбови и раскошни цркви; на градот не му недостигаат впечатливи реликвии од некогашната слава.

Со првите пријатни денови во годината, кон средината на пролетта, градот заживува, малку по малку, по долгата хибернација. Додека локалното население повторно ја открива радоста на активностите на отворено, езерото Неро, на чиј брег се протега Ростов, за еден ден ќе го изгуби слојот од кршен мраз што го прекриваше.

Восхитувајќи се на шарените изби (традиционални словенски селски живеалишта), со нивните фино извајани рамки на прозорците, додека го скенирате градот од врвот на неговата висока камбанарија или во далечината го набљудувате манастирот што стои на спротивниот брег, животот овде како да ја добива својата смисла.

Јарослављ, средновековниот бисер на мирот

Патот понатаму ме носи до Јарослављ (282 км од Москва), величествената „престолнина“ на туристичката рута Златниот прстен, во кој живеат околу 600 илјади луѓе.

Одејќи со тролејбус од станицата до центарот на градот, гледам широки авении, прошарани со трговски центри и други масивни згради, полни со луѓе. Пријавувајќи се во мојот хостел среде мрак, на високите брегови на Волга, по малку сум скептичен. Што ако е ова уште еден бучен град?

Меѓутоа, следното утро моите сомнежи набрзо се распрснаа. Истражувајќи го историскиот центар, класифициран како светско наследство на УНЕСКО, бев изненаден. Навистина, за разлика од другите руски градови, бучавата на луѓето е вешто „ограничена“ на периферијата на градот, додека во центарот нема густ сообраќај и бучава, малку има минувачи, а многу пешачки и зелени површини.

Шетајќи по неговите живи улици, маѓепсан од мноштвото соборни храмови, капели и споменици од некоја друга доба, ја замислувам сласта на животот во овој град, на само три часа со воз од Москва, со сите погодности на нашето време, кој успеал да го задржи скапоцениот спокој во своето срце.

Некогашниот процут на овој поранешен трговско-занаетчиски центар е евидентен и денес. Тука дури и понатаму работи експозитурата на познатата и престижна продавница на прехранбени производи „Елисеев“. Позната е по својот луксузен ентериер и навидум елегантниот екстериер.

Нејзиното дрвено величество, Вологда

Едно магливо утро, го продолжувам своето патување понатаму, 180 километри северно од Јарослављ во областите на Вологда, градот познат по путерот и чипката. Како главен град на особено мочурлив крај, поради високата влажност, но и исклучителното наследство, со векови е заштитен со оваа природна бариера од непријателски напади.

Откако го поминав поплочениот мост, опремен со чуден дигитален панел кој го покажува нивото на радиоактивност во околината, на моите очи им се нуди неверојатен поглед. Опкружен со високи и дебели, бели бедеми, пред мене се појавува Вологдскиот Кремљ. Заобиколувајќи го плоштадот за да стигнам до влезот, воодушевен сум од неговата убавина. Пред мене стои елегантен архитектонски комплекс во пастелни тонови.

Она што го прави препознатлив овој град од 300 илјади жители, основан кон средината на XII век, е мноштвото дрвени куќички. Некои од нив, украсени со прозорски рамки, огради и други вешто изрезбарени елементи, изгледаат како вистински мали уметнички дела. 

Црвена мачка си лежи на симсот и ги гледа минувачите кои, како и јас, уживаат во прошетката, и покрај ситниот дождец и остриот студ. Додека некои ги хранат незаситните гулаби, други сонливо ги набљудуваат кривулестите и сè уште диви брегови. Конечно, засолнувајќи се во топлината на кафулето кое беше на ниво на оние во Москва, забележувам дека надвор, дури ни дождот што паѓа, не е во состојба да ги забрза чекорите на мештаните.

Велики Новгород, другата страна на медалот

Последната станица на мојот пат е Велики Новгород, престолнината на древната држава која некогаш (од 1136 до 1478 година) владеела со огромна територија на северот на денешна Русија, од Балтикот до Урал. Во тоа време, Велики Новгород бил член на Ханзетската Лига, здружение кое ги обединувало трговските градови од северна Европа, вклучувајќи ги Хамбург, Гдањск, Стокхолм, Бриж и Лондон.

Сè уште се видливи трагите од некогашната моќ, како што е локалниот кремљ, опкружен со длабок ров, и трговскиот кварт, со своите аркади и многубројните, со векови стари градби. Високиот статус на овој град се гледа и во белите соборни храмови и цркви, кои се меѓу најстарите во земјата.

Меѓутоа, додека хармоникашот со својот ритунел ја анимира околината, а младите си играат со топка на песочната плажа покрај тврдината, оваа сликовита живост ми буди злокобно чувство.

Оддалечувајќи се од овој музејски хипер-центар, каде што талкаат неколку луѓе, Велики Новгород, и покрај своите 225000 жители, е инертен град кој се претставува соодветно на тоа. На пустите улици и плоштади владее спокојна тишина. Се чини дека секоја активност е запрена. Мислам дека првпат го допирам тоа чувство што е толку типично за Русија, а тоа е копнежот, носталгијата за она што не се случило и (веројатно) нема ни да се случи.

Следниот ден, со неверојатна радост, ја дочекувам зората на железничката станица во Москва. Веќе има гужва и покрај раните утрински часови. Брзањето на метрото, брзањето на едни, вревата на други... Дали е можно дека сум го пропуштил сето тоа?

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња