Авантурите на едно руско семејство: Цели осум години заедно со децата на јахта во океан

travelyfamily.official
Со месеци живееја на јахта на отворен океан, имаа блиски средби со разбојници во Карипското море, го проучија Антарктикот и го соборија светскиот рекорд во патување со јахта со деца. Сето ова го искуси руското семејство Клочков од Новосибирск.

Капетанот, таткото во семејството, 47-годишниот Андреј, неговата сопруга Марина и ќерките Анастасија (20) и Лада (10) на 26 ноември 2021 година го завршија својот пат околу светот на својата јахта. Меѓутоа, крајот на патувањето не значи дека се вратија дома. Клочкови едноставно ги проширија сите планови на маршрутата и сега полека се движат накај дома.

На пат тргнаа во 2014 година и ја обиколија Земјата од запад на исток и назад. Морепловците ги минаа сите меридијани и океани, освен Северниот леден океан, пет јужни ‘ртови, вклучувајќи ги ‘ртот Хорн, ‘ртот Добра надеж, Магелановиот залив, беа на Антарктикот, двапати минаа преку Екваторот.

Воопшто земено Клочкови во океанот поминаа околу осум години и поставија светски рекорд (најјужен пат околу светот на јахта со деца). Се чини дека тоа не е нивното последно патување.

Љубов во пицерија и првите тешкотии

Марина во 1999 година работела во еден од рестораните за брза храна во Новосибирск, а Андреј бил постојан посетител на тој угостителски објект.

И двајцата уште од детството сонувале за патувања и читале авантуристичка литература. Првпат запловиле на јахта во двеилјадитата година во родното Новосибирско езеро. Десет години подоцна Андреј добил диплома за скипер по завршената школа за јахтинг и започнал да учествува во трките со јахти. Клочкови зимата ја минувале во југоисточна Азија, а налето патувале низ Русија и живееле под шатор.

По едно патување Андреј и Марина го продале својот бизнис и почнале да го издаваат канцеларискиот простор. Паралелно започнале обука и подготовки за јахта за премин преку Атлантикот и за пат околу светот со поддршка на поволни топли ветрови.

Марина и Андреј запловија во Средоземното море со Настја и со Лада (која имаше една и пол година) на рацете. Првата година беше тешка, како што вели Марина, најтешка. Некои членови на семејството страдаа од морски болести, сите се чувствуваа осамено поради отсуството на јасна врска со надворешниот свет, а и секојдневните конфликти стануваа сè повеќе.

„Се чувствуваш како во празен простор, со оглед на тоа што не можеш да излезеш и да ја треснеш вратата, не можеш да ѝ се пожалиш на другарката, нити со пријателите да одиш во сауна и да заборавиш на семејството“, вели Марина. „Андреј мошне строго се однесуваше првата зима, од нас се обидуваше да направи спортски екипаж. Еден ден му соопштивме дека ние сме и семејство на кое му е потребна љубов, а не само цврста рака. Нашиот капетан три дена молчеше, тензиите некако спласнаа, па започнавме да градиме односи на поинаков начин“.

Секојдневието и Нова година на отворен океан

Еден сосема обичен ден на семејството Клочков на океанот не започнува наутро, ниту со почеток, ами навечер. Да кажеме, некаде околу осум часот навечер Настја заминува на дежурство, ги прегледува инструментите во кабината, едрата, и на дваесет минути излегува на палубата за да ја види ситуацијата надвор. Меѓу полноќ и еден часот, па сè до четири-пет часот наутро Андреј води сметка за јахтата и за времето, а рано наутро го заменува Марина.

Во десет часот наутро се буди „бродскиот помошник“, малата Лада, на која Марина ѝ посветува дел од денот, гледајќи со неа цртани на англиски и пиејќи чај. Потоа се будат Настја и Андреј и дури тогаш појадуваат. Јадењето на палуба зависи од времето и од тоа колку дена јахтата е оддалечена од копното. Клочкови таму набавуваат овошје, јогурт, кашкавал и други деликатеси кои брзо се расипуваат и затоа нив прво ги јадат. Подоцна користат храна со подолг рок на траење, во која спаѓаат каши или, да кажеме, суво овошје.

По појадокот се читаат писма кои стасуваат по сателитска електронска пошта од нивните фанови, пријатели и блиските луѓе на копно. Семејството минува и по два-три месеци на отворен океан без комуникација со други луѓе, па тој ритуал е мошне важен.

Настја и Лада учат во Географското училиште „Апостол Андреј Првозвани“ на оддалеченост и преку ден учат со помош на електронски учебници и лекции кои претходно ги симнале од Интернет. Марина за тоа време се занимава со монтажа на видеоснимки, пишуваа написи или нови поглавја за својата книга за семејното патување. Андреј ѝ помага и води сметка за јахтата.

Во пет часот попладне семејството прави вечерна гимнастика, вечера, се бања, Андреј набргу заминува на спиење, а денот повторно започнува со дежурството на Настја.

„Во секој момент можеме да се префрлиме на итен ремонт на дејствување на јахтата, да ги промениме нагодувањата на едрата, кога и да дојде до промена на времето да ги прекинеме сите работи и да се занимавање со бродот“, објаснува Марина.

Кога ќе дојдат до копно ги дополнуваат резервите од храна и вода, купуваат делови за јахтата и патуваат низ околината, а во тоа најчесто им помагаат мештаните и водичи. Така имаат стекнато пријатели од Колумбија, од Малта, од Австралија и од многу други земји, но поради патувањето тешко им е да одржуваат постојан контакт.

Речиси сите празници Клочкови ги минуваат на отворен океан. Така новата 2019 година ја дочекаа на таканаречената точка Немо, место во јужниот дел од Тихиот океан кое е најоддалечено од копно на целата планета.

На ова подрачје од орбитата обично се фрла космичкиот отпад, да кажеме станици или бродови кои веќе си го отслужиле своето. „На Нова година го молевме Дедо Мраз никој да не ни фрли космички отпад врз глава“, вели Марина.

Пирати и коронавирусот

Летото 2017 година Клочкови повторно минаа преку Карипското море, меѓу Мексико и Колумбија по должината на работ на ураганот Ирма. Од најблиското копно ги делеа најмалку 60 милји, целото семејство беше изморено од брановите и реши да се одмори на малите острови јужно од Јамајка, кои на картите се означени како пусти. Кога се приближија кон еден од нив видели стари бетонски кутии и рибари кои повеќе личеле на банда насилници, во износени маици и со скинати панталони. Некои беа без заби.

„Рибарите ја опколија јахтата со шест силни моторни чамци. Тие покажуваа каде е најдобро да се застане, бараа виски и цигари, свиркаа и навредуваа кога Настја излезе на палубата. Десетина мажи, без жени и деца, изгледаа страшно“, вели Марина. „Долго кружеа и дури на зајдисонце отпловија на брегот, ние вечеравме и тивко отпловивме во морето“.

Ограничувањата поврзани со пандемијата со коронавирусот излезе дека се тешко искушение. Семејството мораше да остане во западна Австралија една и пол година. Во 2021 година Клочкови решиле да го продолжат патувањето за да се вратат дома. По повеќе од 70 дена самостојна пловидба, им беа потребни вода и овошје, но ниту една земја не сакаше да го прими нивниот брод поради безбедносните правила.

„Претходно преговаравме да нè примат на Велигденскиот остров, но дента кога стасавме таму нè одбија дури и за дополнување на резервите со вода. Немаше ниту една причина да не нè примат, властите знаеја дека долго време се наоѓаме на море без контакт“, револтирана е Марина.

На крајот семејството собра слатка вода од едрата и сега се наоѓаат на пат кон дома..

Едно разочарување и планови за иднината

Доаѓањето на морското пристаниште Владивосток Клочкови го планираа за април оваа година. Следната една и пол година планираат да ја минат дома во Новосибирск, да се одморат, да реновираат, можеби да ја сменат јахтата и да го испланираат следното патување. Марина сака да ја доврши книгата, а Лада сака да оди во обично училиште, мечтае да се занимава со танц, со цртање и со коњички спорт.

Настја во текот на патувањето во Кејптаун доби капетанска дозвола и во догледно време мечтае да се врати на Арктикот и на Антарктикот и да вози туристи во едрилица на екскурзии.

„Таму веќе добив понуди за работа. Еден дел од годината сигурно ќе работам таму, а останатиот дел од времето ќе го минам дома. Исто така имам намера да се запишам на факултет, а дефинитивната одлука со сите детали ќе ја донесам откако ќе видам како ми оди со јахтингот“; објасни Настја.

Антарктикот ја воодушевил зашто не знаела дека таму постои уште нешто освен санти мраз.

„Замислував и очекував ледена снежна пустина. Тоа е токму така, но не на сите места. Онаму каде што одевме имаше и планини, и ледници, а мразот има исклучителна сина боја и има луѓе, поларни истражувачи, сето тоа ме фасцинираше и ми разбуди желба на сето тоа да се навраќам уште многу пати“, откри Анастасија.

За време на повеќегодишното патување секој член од екипажот има свои лични откритија. Да кажеме, Клочкови во близина на Огнената земја за првпат виделе бели делфини со црна глава и со перки кои по бојата потсетуваат на панди. Никој од семејството не ни знаел дека такви делфини воопшто постојат.

Клочкови имаат спроведено и едно истражување. Имено, тие допатуваа точно до онаа точка на која треба да биде островот Марија Терезија кое се споменува во романот на Жил Верн „Децата на капетанот Грант“. И тогаш сфатиле дека островот е всушност само една убава легенда и ништо повеќе од тоа.

На крајот, нивното најважно откритие не е од областа на науката, ами од сферата на човечките можности.

„Нашето најважно откритие е дека човекот може сè. Најважно е да веруваш и да почнеш да повлекуваш потези во таа насока. Секој нов чекор ќе ти открие дека исполнувањето на твојот сон е поблизу одошто ти се чини. Дека соништата не ги реализираат само некои небесни, големи луѓе. Мечтите ги остваруваат оние кои навистина го сакаат тоа“, убедена е Марина Колчкова.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња