„Поминувајќи со автомобилот помислив дека тоа е пештерско сликарство на праисториските луѓе, а всушност е интересен арт-проект“ - вакви и слични коментари оставаат туристите кои случајно ќе минат низ „Долината на зајаците“.
Природата на Карелија, регион на северот на Русија, се состои од зимзелени шуми и карпести предели. На една таква карпа покрај патот, на неколку километри од Петрозаводск, главниот град на Карелија, се појавија врежани фигури на неколку стотици зајаци. Летаат, трчаат, мавтаат со шепа, се чешкаат зад ушите, весело намигнуваат или замислено гледаат во минувачите. Но, тоа воопшто не се стари петроглифи, туку арт-објект чија цел е да ја штити природата од вандалски чкрабаници.
Автор на оваа менажерија е карелискиот скулптор и галерист Сергеј Гапановиќ. Со години ги гледал стрмните падини на карпите осакатени со хулигански натписи и решил да создаде таква слика на карпа која нема да го расипе амбиентот, туку, напротив, би го украсил. Решил на тој украс да има зајаци, од едноставна причина што ги сонувал.
„Главна цел ми беше да пробам нешто што никогаш претходно не сум го направил. Сакав да создадам нова точка на гравитација и да видам како ќе се менува“, вели Сергеј. Својот уметнички објект во природата го нарекол „Долина на зајаците“.
Планот на Сергеј бил прво да ги исчисти сите вандалски натписи, а потоа наместо нив да ги украси карпите со своите зајаци. Три години ја координирал идејата со управата на Карелија, за во 2018 година на карпа да се појават првите фигури, направени со шаблон и брусилка. На една фигура се трошат 2-3 часа, во зависност од идејата и нејзината позиција. За горните фигури на овој барелјеф уметникот користел скеле.
Во Карелија временските прилики често се менуваат, а може да се работи само кога нема дожд или влажен снег. Проектот не е од комерцијален карактер и затоа Сергеј за барем делумно да ги надомести трошоците им предложил на своите следбеници на социјалните мрежи да го поддржат и да си купат свој личен зајак. Една фигура чини 5000 рубли (65 долари).
Таа идеја им се допадна на многумина, така што денес на карпата веќе има околу 600 зајаци. Многу од нив имаат свој број и сертификат кој Сергеј му го праќа на „сопственикот“.
„Имаше многу интересни ситуации поврзани со тие фигури. Кога ќе ѝ пријдам на карпата, секогаш знам како се појавил некој зајак и со што е поврзан“, вели скулпторот.
Внимателен набљудувач ќе забележи на ѕидот и фигура што личи на древен рептил.
„Неодамна го изрезбав и го викам Васја Карп, не знам ни зошто. Би сакал да направам уште многу различни ликови кои би биле поврзани со некоја приказна“.
„Долината на зајаците“ денес е своевидна туристичка, но и романтична дестинација. „Не знам зошто, но луѓето сега почнаа да ја запросуваат својата сакана под таа карпа. Знам за три такви случаи во последната година“, вели Сергеј.
Мештаните ја поддржаа иницијативата на уметникот да ги исчисти овие карпи. Многумина велеа дека не мора да се декорира ништо посебно, доволно е само да се отстранат чкрабаниците.
„Ги читав сите тие коментари и во 2019 година предложив проект за чистење на карпите, бидејќи веќе имав искуство во тоа. На крај администрацијата на Карелија издвои пари за чистење и ангажираше луѓе, така што оваа година сите карпи во нашата република се чисти“.
Меѓутоа, Сергеј не е целосно убеден дека вандалите повеќе нема да ги расипуваат карпите, но се надева дека на луѓето ќе им дојде идеја да се афирмираат на некој друг начин (на пример, да прават некои интересни уметнички објекти на карпите како врежани зајаци).
Сега уметникот го усогласува украсувањето на многу поголема карпа, на која би издлабил многу различни цвеќиња. „Тоа дело ќе се вика „Мила, го направив ова додека чекав да ми се јавиш“. Тоа е приказна за љубовта“. Сергеј ѝ предложи на администрацијата на Петрозаводск да го уреди и паркот во центарот на градот. „Имаме многу добра зелена зона, каде што може да се направи премин до кејот, но никој и не знае за тоа.
Уметникот не може да ја заузда својата креативност, па на улиците на Петрозаводск овде-онде често се појавуваат разни камени скулптури што ги прави „онака, по пат“.
„Им велам: дајте да го направиме Петрозаводск престолнина на културата, да одржуваме сликарски фестивали овде. Го имаме Екатеринбург, кој е престолнина на уличната уметност и сите мислат дека таму секој студент црта графити, иако тоа, се разбира, не е така. Тоа беше група сликари кои започнаа и организираа сè. И јас би сакал да започнам нешто слично во Петрозаводск“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче