На Арктикот забележан СВЕТКАВ СНЕГ (ФОТО)

Александар Семјонов
Во Беломорската биолошка станица на Московскиот државен универзитет на Арктикот такво нешто не е видено во текот на сите 80 години од нејзиното постоење.

Микробиологот Вера Емелјаненко забележа слаба синкава светлина во снегот покрај брегот на Белото море. Овој ефект го предизвикуваат необични организми. 

Една декемвриска ноќ рускиот биолог Вера Емелјаненко тргна на прошетка покрај брегот на Белото море во друштво на Михаил Неретин, син на нејзин колега во истражувачката станица, и две кучиња.

Во еден навев Неретин забележа синкаво светкање што личеше на новогодишни сијалички. Емелјаненко зеде во раката снег. Кога го стегна, светлината стана поинтензивна. Кучињата трчајќи по снегот оставаа зад себе блескава трага. Во Беломорската биолошка станица на МГУ на Арктикот, каде Емелјаненко и Неретин работат, такво нешто не е видено во текот на сите 80 години од нејзиното постоење.

Неретин го повика фотографот на станицата Александар Семјонов да го забележи овој феномен.

„Заедно околу два часа газевме по снегот за светлината да стане посилна“, вели Семјонов.

Микробиологот реши да го земе снегот на анализа и во него откри неколку ситни биолуминисцентни ракчиња долги само неколку милиметри, наречени копеподи. Станува збор за посебниот вид Metridia longa, кој обично се среќава на Арктикот и во околните води, како и во северниот дел на Атлантикот и Тихиот океан. Тие обично се наоѓаат подалеку од брегот, во текот на денот престојуваат на длабочина од 60 до 300 стапки (18 до 90 метри), додека ноќе се креваат на длабочина од неколку стапки (половина метар до метар) од површината на водата.

Копеподите сјаат благодарение на супстанцијата луциферин, која во контакт со кислород оксидира, добива боја и почнува да свети. Копеподите ја користат оваа светлина како заштита, бидејќи таа може да ги избрка грабливците.

Според Ксенија Кособокова, експерт за арктичкиот морски животински планктон на Руската академија на науките во Москва, овие метридии најверојатно се нашле во моќната струја која секоја година на почетокот на декември допира до бреговите на Белото Море. Копеподите не можеле да ѝ одолеат на струјата која ги исфрлила на брегот.

Ракчињата пронајдени во снегот веќе изгубиле малку боја, но сè уште биле живи, претпоставува Кособокова, додека други научници сметаат дека тие можат да испуштаат светлина и по смртта, дури и ако ги згазат.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња