За кои земји на Русите не им е потребна виза?

Александр Кислов
Иако на Русите им е потребна виза за да патуваат во земјите на Северна Америка и поголемиот дел од Европа, има многу места во светот кои руските туристи можат да ги посетат без виза.

Општо земено, има голем број на дестинации кои имателите на руски пасош можат да ги посетат без да аплицираат за виза. Меѓу нив има егзотични места како Јужноафриканската Република или Јамајка, но најпристапни се сепак соседите.

За кои земји на Русите не им треба дури ни пасош?

Некои земји им дозволуваат влез на Русите не само без виза, туку и без меѓународен пасош. Тоа се претежно постсоветските земји тесно поврзани со Русија. Тука спаѓаат: Белорусија, Казахстан, Киргистан и две држави кои не се целосно признати: Јужна Осетија и Абхазија [за разлика од САД и некои други земји, Русија ги признава како независни]. Кога патуваат во овие земји, Русите се чувствуваат речиси како дома, бидејќи личната карта им е доволна за да ја поминат границата.

Сепак, водете сметка! Поради пандемијата на Ковид-19, во моментов се во сила некои ограничувања. 

Каде можат Русите да патуваат без виза?

Списокот на земји кои им дозволуваат на Русите влез без виза е долг и ги опфаќа речиси сите континенти освен Северна Америка.

Освен преостанатите постсоветски земји како Ерменија, Азербејџан, Грузија, Молдавија, Таџикистан, Узбекистан и Монголија, на листата се наоѓаат и некои егзотични дестинации како Боцвана, Јужноафриканската Република, Зеленортските Острови, Маврициус, Намибија, Есватини и Тунис во Африка.

Русите можат да ги посетат без виза и Боливија, Бразил, Венецуела, Колумбија, Костарика, Гвајана, Гватемала, Хондурас, Доминика, Доминиканската Република, Гренада, Куба, Никарагва, Панама, Перу, Парагвај, Ел Салвадор, Чиле, Еквадор и Јамајка во Јужна и Централна Америка, како и Карибите и некои островски земји во Океанија.

Во Азија, безвизни дестинации се: Брунеи, Виетнам, Хонг Конг, Индонезија, Лаос, Малезија и Филипини.

Уште некои земји кои им дозволуваат на руските граѓани слободен влез за краток престој се Бахамите, Босна и Херцеговина, Израел, Катар, Макао, С. Македонија, Малдивите, Сејшелите, Србија, Турција, Украина и Црна Гора. Ова не е комплетната листа.

Не заборавајте дека сите овие земји бараат руските граѓани да имаат виза доколку планираат да останат подолго од одредениот период. Во некои случаи тоа се 90 дена, а во други само 30, 21 или 14 дена.

Кои земји им издаваат виза на Русите на граница?

Некои земји бараат виза за руските граѓани, но процедурата за нејзино добивање е многу едноставна. Руските граѓани едноставно можат да се појават на граница, да платат такса и да добијат виза на лице место. Таквите земји ги вклучуваат Бангладеш, Бахреин, Хаити, Гамбија, Египет, Зимбабве, Танзанија, Уганда, Индија, Јордан, Ирак, Иран, Кенија, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Сирија, Шри Ланка и Етиопија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња