5 факти за стоболките, прекрасните „разбојници“ на Далечниот исток на Русија

Екатерина Штукина/TASS
Овие мали животни ги воодушевуваат туристите на Чукотка и Камчатка. Луѓето се подготвени да им дадат каква било храна што ќе најдат при себе, но тоа сепак не треба да се прави.

Секој турист кој лете оди да ги посети вулканите на Камчатка или природните убавини на Чукотка ризикува да се сретне со овие мали животни. Високи се 30-40 см, тежат помалку од еден килограм и имаат меко, густо крзно. Надвор од Русија, тие се познати како стоболки, а во Русија како американски или беренгиски верверици (суслики), бидејќи ги населуваат Далечниот Исток, Канада и Алјаска. Меѓу жителите на Русија се познати под името „јеврашка“.

1. Интелигентен разбојник

Туристите на Далечниот Исток најчесто ги среќаваат токму овие глодари, а не мечките или поларните лисици. Стоболката често ја нарекуваат разбојник, бидејќи може да го чека човекот во заседа на неочекувани места. Има само една цел: да дојде до храна. Навистина, таа тоа го прави многу културно: кога ќе застанете да се одморите на некое ритче, најпрвин ќе ви пријде една стоболка и ќе ве гледа со тажни гладни очи, а потоа друга. И додека правите снимка за вашиот тик-так, нема ни да забележите дека сте останале без храна. Имаат разработена тактика.

2. Нема страв од луѓе

Обично, дивите животни се кријат и бегаат од луѓето, чувствувајќи дека се опасност. Но, не и таа! Меѓу сите диви жители на Далечниот Исток, стоболката е најкомуникативна. Веднаш им приоѓа на луѓето. А не сака кучиња и се крие од нив во своите дупки во земјата. Туристите раскажуваат како стоболките ги иритираат кучињата: „кучето ќе види стоболка, трча кон неа, таа ќе свирне и ќе се завлече под земја, додека од друга дупка излегува друга стоболка, ќе свирне, кучињата ќе ја видат и ќе трчаат кон неа. Така половина час задеваа две кучиња пред мене, додека целосно не го изгубија интересот за нив“, пишува еден турист.

3. Црцори како птица               

Гласот на стоболката многу потсетува на глас на птица, што изгледа прилично необично. Како по правило, тие испуштаат глас кога ќе почувствуваат опасност, предупредувајќи ги другите. Но, на оваа снимка животното одговара на човечки говор.

Запомнете дека не треба да галите диво животно, бидејќи може да ве касне!

4. Сака да спие и да јаде   

Стоболката има две омилени активности. Всушност, може да се види само за време на краткото поларно лето, бидејќи во зимски сон спие 8 месеци годишно. Заспива во септември, а се буди во мај. Сето тоа време го поминува во своето дувло на длабочина од 3 метри под земја. За време на спиењето губи околу половина од својата тежина, па штом ќе се разбуди почнува да бара храна. Таа е сештојад, т.е. се храни и со бобинки и со инсекти. Но, нема да одбие ни „човечка“ храна, ако им се укаже можност.

5. Можат да умрат од прејадување

За туристите, хранењето на стоболките е дел од атмосферата на патување. Но, зоолозите велат дека е подобро воопшто да не се хранат, бидејќи ќе почнат да се размножуваат во туристичките места, наместо да бараат храна во природата. Со текот на времето, ќе привлечат и грабливци на тие подрачја, што може да доведе до истребување на популацијата на стоболките.

Стоболките генерално се подготвени да јадат сè што мириса убаво и што може да се јаде, но тоа не е добро за нив. Од туристите земаат сирење, чоколадо, јаткасти плодови, а особено ги сакаат слатките крцкави бисквити. Меѓутоа, експертите велат дека воопшто не треба да им се даваат слатки, иако ќе бараат. Не се работи само за тоа што јадат, туку и за количината. Имено, животинчето може да се прејаде и да умре од тоа. Доколку сепак не можете да ги одбиете, најдобро е да им дадете малку јаткасти плодови, но само сурови.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња