За Алекс А. сè започнало со една фотографија. Тој ја нарекува „Појадок на балконот“. Ова не е типична Инстаграм-фотографија со кроасани на чинијата и со Ајфеловата кула во позадината. Сепак, Алекс бил маѓепсан.
„Ја најдов случајно на Инстаграм и ми остави голем впечаток. Сакав да ја видат што повеќе луѓе. Сликата како да зборуваше: 'удобноста е онаму кадешто ќе си ја создадеш'. Истиот ден се појави профилот Uyutniye E6enya“ (во слободен превод – удобност на Бога зад трегерите или удобност вуко*ебина - заб. ред.), вели Алекс, еден од двајцата анонимни сопственици и менаџери на оваа мошне популарна Инстаграм-страница.
Во времето кога се пишуваше текстов, профилот што објавува фотографии полни со душа од места кои се на Господ зад трегерите во Русија имаше 294 илјади следбеници, иако неговите сопственици првобитно го промовираа само меѓу пријателите и познаниците.
„Им испративме покани на нашите пријатели кои им испратија покани на своите пријатели. На луѓето им се допадна нашата содржина, почнаа да реобјавуваат и така стасавме тука каде што сме“, вели Алекс.
Сопствениците на профилот објавуваат фотографии од различни автори и фотографи, означувајќи ги авторите онаму каде што се познати и барајќи од посетителите да им помогнат да ги идентификуваат оние што не се познати. Ова обезбедува разновидност и различна естетика на нивната страница.
„Не е важно каква опрема е користена за фотографирање. Можете со часови да барате агол, осветлување, да користите скап фотоапарат и да добиете навистина добра фотографија, или можете да користите камера на телефон и да добиете ремек-дело“, вели Алекс кој редовно сурфа по Интернет во потрага по уникатни глетки од оддалечените краишта на Русија.
Естетиката на руските дрвени куќи, на запуштените градови и зимските пејзажи ги привлекува следбениците од целиот свет.
„Луѓето што нè следат се мошне различни. Од млади до угледни универзитетски професори. Еден од нашите омилени и најактивни следбеници е една 70-годишна директорка на библиотека некаде на Урал“.
„Поголемиот број луѓе што нè следат се од Русија, но речиси секој ден добиваме писма од различни краишта на светот. Од некаква причина особено се активни луѓето што нè следат од Јужна Африка и од Австралија. Луѓето ни праќаат свои фотографии од локалната архитектура, од начинот на живот и од природата. Наскоро ќе направиме голем пост за оддалечените места од целиот свет. И тука има што да се види!“
И Алекс, како и оние што го следат, е фасциниран од селските пејзажи.
„Темата за руското село е особено популарна кај жителите од градовите. Некои жители од градовите потекнуваат токму од такво опкружување и со текот на времето почнуваат да чувствуваат носталгија, додека други, напротив, ги имаат напуштено големите градови и се нашле места кои се за нив егзотични, мошне различни од нивниот вообичаен живот. Кога ќе дојдат на село луѓето го забавуваат темпото, одвојуваат време за да 'дишат', да се одморат од френетичниот урбан ритам. Денес ова на многумина им недостасува“, вели тој.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче