Трговскиот град Рибинск, околу 320 километри северно од Москва во Јарославската област, ги врати своите централни улици 150 години наназад. Тука се зачувани голем број стари згради, а пред неколку години градската власт одлучи дуќаните што се наоѓаат тука да ги изработат ознаките над нивните врати во стилот на времето пред револуцијата. Денес туристите доаѓаат во градот само за да го фотографираат неговиот автентичен историски центар.
Сè започна во 2017 година, кога локалниот дизајнер и музичар по име Дмитриј Кузнецов дојде до идеја да му го врати на својот град некогашниот отмен историски изглед.
Дотогаш старите згради беа покривани со модерни имиња на продавници и институции, создавајќи неусогласеност меѓу различните архитектонски периоди и стилови.
Кузнецов предложи да се направат натписи со старата азбука, кои би изгледале како од времето на Руската империја, и тоа да се направи рачно, за центарот повторно да го добие изгледот што го имал на првите фотографии од крајот на XIX век. Својот проект тој го нарекува музеј на стари натписи на отворено.
Спортска обложувалница и салон за убавина први се согласија на овој експеримент. „Дрвото и галванизираниот челик ја сочинуваат основата“, објаснува Кузнецов. „Користиме акрилни наместо маслени бои, како што било порано. Најважна е рачната работа, уметниците кои работат“.
Оваа креативна идеја беше поддржана од локалната администрација, која ги обврза сите компании во реонот да направат натписи на ист начин. Кузнецов и неговиот тим го развија стилскиот изглед за овие натписи.
Дизајнерите го проучија начинот на пишување на руски со помош на книги од почетокот на XX век. Можно е дури ни сите современи Руси веднаш да не разберат што пишува, но тие сметаат дека брзо ќе се досетат. А сè изгледа многу автентично!
Досега се заменети над 200 натписи, а трошоците делумно ги покри градската управа.
Некои компании отидоа чекор подалеку. Сервисот за испорака на храна одлучи Delivery Club дека овој ретро град треба да има курири со ретро изглед. Модерните јакни со качулки ги заменија со класични капути, а наместо модерни ранци, сега носат кутии со кожни ремени. Да имало достава на храна во царска Русија, куририте веројатно ќе изгледале токму така. Сепак, од компанијата истакнуваат дека куририте нема секогаш да се облекуваат вака, со оглед на тоа дека модерната униформа е позгодна и поудобна, туку повремено ќе се појавуваат во ретро стил.
Патувањето во XIX век започнува на патот за Рибинск. Во сабота, имено, од Јарославл поаѓа приградски ретро воз со парна локомотива што ве води директно во Рибинск. Уживајте во патувањето во минатото!
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче