Во Русија има мноштво најневеројатни места кои природата несебично ѝ ги подарила оваа земја, но оваа магична дестинација не е едно од нив. Чемпресовата шума во долината на реката Суко на југот на Русија не е чудо на природата, туку дело на човечка рака и поради тоа не е ништо помалку впечатлива. Впрочем, погледнете самите:
Мочуришните чемпреси (Taxodium distichum), всушност, никогаш порано не растеле овде и тешко дека некогаш би ги имало овде, да не бил советскиот експеримент. Според една верзија на приказната, садниците биле донесени во Советскиот Сојуз од Северна Африка во 1930-тите, со надеж дека споменатата култура ќе се зафати и ќе се развие тука.
Чемпресите се засадени на 14 километри од Анапа во долината на реката Суко, опкружена со ридови, недалеку од истоименото село.
Далеку од својата татковина, садниците успешно се зафатија и станаа главни херои на безброј телевизиски емисии и фоторепортажи. Чемпресите се најдоа и на насловната страница на списанието National Geographic.
Со текот на времето локалниот релјеф се смени и 32 чемпреси се најдоа во вода. Дотолку подобро за нив, бидејќи во татковината растат во мочуришни предели и подрачја под вода.
Шумата отсекогаш ги привлекувала туристите, особено наесен, кога лисјето на дрвјата попримува огнено црвена боја. Меѓутоа, топлата клима на Анапа и туристичката заинтересираност не им годи.
Повремено водостојот на езерото драстично опаѓа, а туристите влегуваат во шумата шетајќи по исушеното дно и се качуваат на корењата за да се фотографираат (корењата на чемпресот се протегаат хоризонтално и малку се издигнуваат над земјата). Кубањското Министерство за природни ресурси, за да се зачува ова уникатно дрво, наложи просторот да се огради со привремени објекти, а чемпресите да се полеваат еднаш неделно со специјална техника за гасење пожар.
Кога водата во езерото се враќа, долината на реката Суко станува локален забавен парк, со чамци, катамарани, кануа и даски, африканска забавна програма во таканареченото африканско село. Таму се одржуваат витешки турнири, се организира пејнтбол и ласер таг.
Во езерото не е дозволено капење, водата е матна и не е најчиста. Но, секогаш ќе се најде некој кој не се грижи за никакви забрани. „И покрај бројните табли на кои пишува дека капењето е забрането, луѓето сепак се капат. Чамците се наѕираат токму под чемпресите и тие секогаш ќе бидат на вашите фотографии“, вели Наталија, која годинава беше на езерото.
„Често нè прашуваат во кој период на денот е најдобро да се посети чемпресовото езеро, кога дрвјата можат да се видат во полн сјај. Значи, најдобро е во зори“, велат од екопаркот „Долината Суко“. „Тогаш има најмалку луѓе, на езерото е тишина и сонцето сé уште не е силно. Врз чемпресите струи блага светлина, а од водата се издига лесна магла...“
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче