Професионален водач целосно опремен за качување на Елбрус.
yanik88/Getty ImagesНоќта наспроти 23 септември група од 19 луѓе тргна во насока на превојот Седло на Елбрус, односно на 5,416 метри надморска височина. Од ова место започнува качувањето кон самиот врв. Дуваше силен ветар, но алпинистите сметаа дека времето е „стабилно“. Организаторот на искачувањето Денис Алимов подоцна ќе рече: „Одевме ноќе зашто времето тогаш беше погодно. Не беше идеално, не беше најдобро, но тоа беше единствената варијанта [да стасаме до врвот] во следните пет дена“.
Кога до врвот останаа 100 метри времето нагло се смени. Дувна силен ветар, а притисокот на воздухот падна. Во овие околности ѝ се слоши на туристката Ана Макарова, мајстор за маникир. Се спуштија назад на Седло, но и покрај тоа нејзината состојба се влошуваше. Изгуби свест и еден час подоцна почина на рацете на водичот. „Водичот ѝ даваше да вдишува амонијак и да пие чај, ништо не ѝ помогна“, раскажуваше Алимов.
За тоа време останатите членови на групата продолжија да се качуваат. Меѓутоа, набргу видливоста се намали на половина метар, почна да паѓа густ снег, температурата се спушти на -20 степени, а ветерот почна да дува со брзина од 40 до 70 метри во секунда. Без да стаса до врвот, групата почна да се симнува, а сите беа врзани со исто јаже. Но, нешто тргна наопаку. „Се изгубивме. Се лизнавме и летнавме 100 метри по мошне цврстиот мраз, никако не можевме да го забодеме држачот. Едно момче скрши нога. Веднаш испративме СОС-порака и координатите на спасувачката служба на Министерството за вонредни состојби. Чекавме два часа и [со оглед на тоа што помошта не стаса] почнавме да го симнуваме момчето надолу“, раскажува Дмитриј Парахин, музичар кој беше во оваа група.
Припадниците на Министерството за вонредни состојби спуштаат еден од качувачите-натпреварувачи во искачувањето на Елбрус. На надморска височина од 5.4 илјади метри, група туристи побара помош поради снежната бура. Пет лица од групата починаа, а останатите беа евакуирани на полјаната Азау.
SputnikЗадржувањето беше фатално. Додека повредената нога се фиксираше, членовите на групата почнаа да замрзнуваат. Од воки-токито немаше никаква корист. Врската со спасувачите беше воспоставена дури во 17 часот, и тоа успеа да го направи водичот кој уште во текот на денот се врати со несреќната туристка. Две лица изгубија свест и набргу починаа во снегот. Уште двајца подоцна починаа на спасувачките носила. Водичите добија силни измрзлини и рани, еден практично ослепе од силниот снег.
Искачувањето на Елбрус (височина од 5.642 метри), највисокиот врв во Европа, е прилично лажлив поради техничката едноставност. Човек навистина не мора да биде искусен алпинист. Ако не заталкате од патеката, нема да мора да се качувате по карпите, каде ви се потребни карабинери, куки и јажиња. Само се искачувате нагоре и толку. Поради тоа на Елбрус често се искачуваат луѓе на кои ова им е прва планина во животот. Се искачуваат канцелариски работници, и на овој начин прават „корпоративна журка“, се искачуваат пензионери и тинејџер. Тоа секој ден се десетина луѓе од целиот свет. Бизнисот кој нуди комерцијални услуги за искачување на Елбрус цути. Но, оваа планина секоја година носи во просек 15-20 животи, и оваа бројка повеќе не се поклопува со леснотија на искачувањето за која многу се зборува.
Постојат неколку патеки на Елбрус: од север, од исток и од запад, а најлесен е низ селцето Терско, од југ. Најголемиот број групи тргнуваат на експедиција од таа страна (тоа во септември годинава го направи и споменатата група во која имаше жртви).
Русија, Кабардино-Балкарија, 5 февруари 2016 година. Спасувачка станица на Седло на Елбрус.
Владимир Смирнов/TASS„Се смета дека нагорнината на Елбрус е поедноставна пред сè поради тоа што постојат жичарници“, вели алпинистот Александар Јаковенко, судија на трките Red Fox Elbrus Race. Со жичарница се стасува до висина од 3.850 метри, што значи дека повеќе од половина пат ќе поминете во удобно седиште. Ако некој сака, со моторна санка или со тапкач на снег може да се искачи на 4.800 метри, односно уште еден километар по жичарницата. Така излегува дека нема толку многу за пешачење. Јаковенко на врвот ја има водено и својата ќерка кога имала 14 години.
Александар Сухарев, сопственик на компанијата „Елбрус Клајмбинг“ (претходно се нарекуваше „Страху нет“), во интервју за порталот Russia Beyond инсистира на тоа дека планината е лесна, зашто нема сложени технички елементи и нема зони во кои се заканува опасност од лавина. „Во секој случај, ги нема на патеките што ги користат туристите. Опасноста од лавина постои само во долините, онаму кадешто се собира снегот, а сите лавини почнуваат назима и во рана пролет. Но, тоа нема врска со качувањето. Според сложеноста, Елбрус спаѓа во категоријата 1Б, што значи дека практично секој човек, доколку е здрав, може да се искачи на врвот без специјална подготовка.
Алпинистка се аклиматизира пред искачувањето на Елбрус во близина на базниот камп Азау.
Антон Подгајко/SputnikСухарев се сеќава на едно момче без нога кое неодамна се искачило на планината, како и на уште двајца свои клиенти: едниот имал 80 години, а другиот уште повеќе. „Постариот се искачи со опрема со кислород, а тој од 80 години без ваква опрема. Зарем тоа ништо не ви зборува?“
Виктор Салеев, 29-годишен маркетинг-менаџер од Калининград, во август минатата година тргна на Елбрус во комерцијална тура. „Одев сам во планината со желба за авантура, естетика на поход и спортски предизвик“, вели тој. Немал искуство, но ја избрал источната патека зашто таа во поголема мерка е „спортска“, и сакал да ја мине целата патека со свои нозе. „Се смета дека оваа патека е 'подива' зашто таму нема одморалишта, жичарници и тапкачи на снег и целата патека мора да се мине со свои нозе во целосна планинска опрема“, вели Виктор.
Тој сфатил дека сите десет дена ќе носи ранец тежок 35 килограми. Половина година пред искачувањето започнал со кардиолошки тренинзи и вежбање во теретана. „Моите очекувања во целост беа оправдани. Но, кога туристичките фирми тврдат дека стазата е прилагодена за сите луѓе, независно од нивната кондиција, тоа може скапо да ве чини“, вели тоj. „Во нашата група сите стасаа до крајот, но поединци со болка и со страдање, на работ на своите можности“.
Бројот на жртви на Елбрус расте во последниве неколку години. Професионалците го објаснуваат ова со популарноста на планинарскиот туризам и со отсуството на какви било ограничувања за искачување. Во советско време за искачување на Елбрус потребно беше да ѝ се покаже на контролно-спасувачката служба потврда за степенот на квалификации, а сега никој не го контролира протокот на луѓе, а исто така и нивната здравствена состојба и физичките можности.
Секој не го разбира поимот „височина“. Јаковенко потсетува дека на пробните пилоти на височина од 3.000 метри автоматски им се вклучува кислород. „На оваа височина има двојно помалку кислород одошто тука долу, на земјата. Замислете како е на пет илјади метри? Тоа е оптоварување кое не може секој организам да го поднесе“, вели твој и тврди дека во тој случај е важно да се запре и да не се „предизвикуваш“ себеси, што некои не го прават зашто им е срам, зашто станува збор за „обична планина“.
Силуети на четири качувачи на падините, Елбрус, Кавказ, Русија.
WIN-Initiative/Neleman/Getty ImagesВо мај оваа година дописникот на нашиот портал Николај Литовкин тргна на Елбрус од југ, односно по најлесната патека, со преноќување во хотели. Половината од групата беа боксери, луѓе во добра физичка кондиција, кои постојано учествуваат на натпревари. „Имавме идеја да се искачиме на врвот, таму да направиме ринг и да организираме меч. Јас многу се занимавам со спорт и сакам вакви предизвици, но не знаев дека во поход на вакви височини се покажуваат сите болки“, раскажува тој.
По првите два дена аклиматизациски прошетки долги 15 километри во подножјето на Елбрус Николај почувствувал проблеми со менискусот. Вели дека „нозете му откажале“. Еден боксер на височина од 4.800 метри имал напад на „висинска болест“. Излегол од просторот каде било одморалиштето и решил малку да „прошета“ среде ноќ. Пропаднал во снег и не можел самиот да се извлече. Кога го нашле одвај бил свесен. Друг на височината добил температура од 40 степени, кашлица и проблеми со дишењето. Излегло дека има коронавирус, а не знаел за тоа. Симптомите на болеста се покажале токму таму. „Јас мислев, 'силно момче може малку да се напрегне и да се искачи'. Но, Елбрус е нешто сосема друго. Воопшто не е пријатно да ти откажат нозете или кога човек ќе почне да халуцинира поради недостаток од кислород. Не знаев дека такво нешто воопшто постои. На крајот морав да се откажам веќе на првото одморалиште“, раскажува Николај.
Уште еден фактор е наглата промена на времето. Сè може да се смени за буквално половина час. Виктор, кој се има искачено минатата година, не стасал до врвот: „Тоа често се случува, нè пречека циклон (веавица, без видливост, ветрот дува 50 метри во секунда), успеавме да стасаме на 5.100 метри за време на аклиматизацискиот поход, а потоа времето се расипа. Чекавме неколку дена во шаторите, во базниот камп, а потоа тргнавме назад“.
TripAdviser, популарен сајт за мислења за сè живот, е полн со приказни како следнава: „Бевме на западниот врв на Елбрус во септември 2014 година. <...> Имаше мокар снег, а на 4.500 денари започна бура, ни леташе облеката, ни летаа капите и палките. Ги врзувавме прикачувачите и палките за јаже, па трчавме надолу колку што можевме бргу за да стасаме до засолништата, додека секаде околу нас молскаше и грмеше. Таму сретнавме една госпоѓа од странство во придружба на водич. Тие се вратиле по неуспешниот обид и се спуштиле од Седло. Ги прашавме како е таму, на врвот, а таа ни рече: „It is the hell“ („Тоа е пекол“).
Сепак, ниту висинската болест, ниту лошото време не треба да бидат причина за нечија смрт, па дури ни на Елбрус. Затоа туристите треба да „обезбедат“ квалификуван водич. А, тука исто така постојат проблеми.
„За жал, сега секој може да се претстави како водич. Кај нас на Елбрус во овој поглед е вистински хаос. Тоа воопшто не е регулирано, никој тоа не го проверува“, раскажува Сухарев. Тој вели дека на Кавказ има многу вакви компании и водичи „приватници“. Многумина работат без туристичка лиценца и немаат квалификација за инструктор за алпинизам.
„Некој неколку пати ќе се каче на Елбрус по убаво време и ќе му се причини дека тоа не е ништо комплицирано и дека веќе може да ги води луѓето на врв. И започнува да води групи“, објаснува Сухарев.
Група качувачи на патот за Елбрус.
kozak_kadr/Getty ImagesСпоред него, она што се случило во групата каде петмина го загубија својот живот и можело да се очекува: „Ним во еден поход им се имаат случено две трагедии и тоа не може да биде случајно“. Првата смрт, вели Сухарев, воопшто не е поврзана со смртта на останатите, но имаат едно нешто заедничко, а тоа е ниската квалификација на организаторите. И тој ги набројува прашањата кои сега истрагата веројатно ќе ги постави: Зошто водичите немале телефон со сателитска врска и GPS, ами некакви воки-токи? Зошто во комерцијалната група немало ниту една опрема со кислород? Зошто групата не се вратила кога времето почнало да се расипува?
Истата ноќ, на 23 септември, таму била и група на компанијата „Елбрус клајмбинг“. Прогнозата, вели Сухарев, беше таква што воопшто никаде не требаше да се оди, но туристите молеа да направиме обид, во голема мера зашто другите групи се обидоа.
„И нашиот водич одлучи да се обиде, зашто во тој момент имаше кус период мирно време. Но, тој е професионалец и може да ја процени тековната ситуација. Веднаш ја врати групата штом виде дека времето се расипува. Тие [другите водичи] велат дека времето се сменило молскавично. Тоа не се случува на планина, времето не се расипува со притискање копче“ негодува Сухарев. „Се случува водич кој не е професионалец да не препознае дека времето се расипува, и нему оваа промена навистина изгледа како да е 'молскавична'“.
Сухарев смета дека и Ана Макарова веројатно би била жива доколку добиела кислород. „Но, луѓето и понатаму ја избираат поевтината понуда и на тој начин ги финансираат идните трагедии. Уште такви работи ќе има“, смета тој.
Четири дена по смртта на петтемина туристи на Елбрус Истражниот комитет на Русија го уапси Денис Алимов, организаторот на ова качување. Тој е сопственик на компанијата „Елбрус гајд“ чие седиште е во Пјатигорск. Истражниот комитет соопшти дека Алимов самиот си ја признал вината и детално ги опиша сите околности. Тој, наводно, рекол дека за време на подготовките за искачувањето не ги зел превид временските прилики карактеристични за ова време на годината. Алимов беше ставен во истражниот притвор на два месеца, а неговата компанија, судејќи според сајтот, и понатаму формира групи, сега веќе за 2022 година.
На својот Јутјуб-канал компанијата има многу видеоснимки на кои Алимов раскажува за подготовките за искачување, за изборот на организаторот и за висинската болест. Тој советува дека во случај на потреба се пие студен чај од хибискус, а за шишињата со кислород изнесува негативен став. „Мислењето на нашиот тим за искачување со кислород е мошне негативно. Не затоа што тоа е нешто лошо. Не, тоа е нормално. Но, лошо е од гледиште на искуството на престојот на височина. Организмот нема да го стекне ова искуство, нема да формира висинско памтење“, вели тој.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче