Бајконур е град на југот од Казахстан каде се наоѓа и истоимениот космодром од кој Русија од 2016 година ги врши сите вселенски лансирања. Русија го закупи заедно со космодромот и со околината од Казахстан до 2050 година, што фактички го прави Бајконур руска територија. Тој има статус кој е идентичен со статусот на град од федерално значење во Русија. Тука во оптек е руската рубља, важат руските закони, сите табли се исто така на руски, а на централниот плоштад и денес стои статуа на Владимир Ленин.
На ова место се собираа стручњаците од целиот СССР, а по распадот на земјата, градот и сета негова вселенска инфраструктура се најдоа на територијата на суверен Казахстан. Прашањето беше решено во 1994 година со склучување договор за закуп, за што Русија му исплаќа на Казахстан околу 200 мили американски долари годишно.
Сега во Бајконур може да се дојде само со специјална пропусница. Сепак, дури ни за странец не е многу комплицирано да се добие. Тоа може да се направи врз основа на покана на познаник кој живее во градот или преку туристичка агенција. Турите во Бајконур опфаќаат набљудување лансирање ракета, така што не се евтини: за Русите изнесуваат 95 илјади рубли (околу 1.100 евра), а за странците 5 илјади американски долари.
Овие 495 квадратни метри во швајцарските Алпи ѝ припаѓаат на Русија од крајот на 19 век. Во 1799 година рускиот војсководец Суворов заедно со коалициската војска на Австрија тргна во поход во Швајцарија и руската армија на превојот Сен Готард изгуби две илјади војници. Војсководецот тогаш не ја постигна својата цел: да ги протера Французите од територијата на Швајцарија и војската мораше да се повлече поради големите загуби. Но, историчарите сметаат дека овој неуспешен поход на руската војска ѝ донесе повеќе чест, одошто втората најблескава победа.
Така неколку векови подоцна швајцарската општина Узерна на Русија за изградба на споменик на загинатите борци бесплатно им отстапи парче земјиште на алпските карпи, мала површина поред него и пат што води до него. Патем, во таа пригода за тоа не беше известена владата на Швајцарија и за руското „островче“ таа дозна дури во седумдесеттите години од дваесеттиот век.
Руската рударска населба Баренцбург постои на територијата на Норвешка врз основа на одредбите од Шпицбергенскиот договор од 1920 година, според кој секоја држава учесничка во договорот (а, го имаше над 50) има право на архипелагот Шпицберген да извршува стопанска дејност. Меѓутоа, ова право денес го користи само Русија.
СССР на архипелагот имаше три вакви населби, но две беа напуштени кога беше запрена експлоатацијата на јаглен. Остана само една населба која опстојува на државни дотации.
Тука живеат околу 400 луѓе, на државјаните на Русија за доаѓање во Баренцбург не им е потребна виза, а тука доаѓаат да работат главно работници во смени. Исто така, во последниве години тука се развива туризмот. За туристите во 2010 година беше поставена и плочата со натпис „Нашата цел е комунизмот“, пронајдена во магацин, со цел да го долови советскиот амбиент. Населбата има свое училиште, ресторан, музеј, болница, градинка, хотели, хостели, одгледувачница на кучиња за влечење санки и занаетчиски центар.
Во 2010 година Русија на тендер ги победи Канада и Саудиска Арабија и откупи земјиште на левиот брег на Сена, недалеку од Ајфеловата кула и за него плати 75 милиони евра (според тогашниот курс 100 милиони американски долари).
На 4.245 квадратни метри на кејот Бранли според проект на францускиот архитект Жан-Мишел Вилмот подигната е православна црква Света Тројца, изложбен центар, училиште и управа на епархијата со концертна сала и сместување за свештениците. Правно сето тоа е дел на амбасадата на Русија во Франција, ака што територијата поседува дипломатски имунитет.
Во 2008 година Русија си поврати три парцели земјиште во Јерихон на западниот брег на реката Јордан.
Нив уште кон крајот на 19 век ги имаат купено руски свештеници од прилозите на аџии, но потоа земјиштето неколку пати преминуваше од еден претседател на Императорската православна палестинска општина (хуманитарно-научна организација основана во Русија) на друг. На крајот, по смртта на еден од претседателите, беше комплицирано земјиштето да се препише како сопственост на Русија или како хуманитарно друштво. Ова прашање беше решено дури по повеќе од еден век.
На површина од над 12 илјади квадратни метри се наоѓа, меѓу другото, христијанската светиња – библиско дрво „Захеевската смоква“. Според Евангелието по Лука, под ова дрво се сретнале Исус Христос и цариникот Захеј.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче