Каде во Русија можете да ручате и да преноќите во летачка чинија?

Getty Images
Не станува збор, секако, за вонземска цивилизација, ами за интересни дела на архитектурата. Во Русија ги има три.

Еден од најпознатите пејзажи на кавкаскиот зимски центар Домбај е погледот на „летачката линија“, која се наоѓа среде снежните планини. И тоа не е единствен објект од овој вид.

Градбите во облик на летачки чинии ги има смислено финскиот архитект Мати Суронен кон средината на шеесеттите години од минатиот век. Тоа беше време кога луѓето беа воодушевени од летовите во вселената и размислуваа за иднината на човештвото. Така се појави серијата „Футуро“. Куќата со пречник од 8 метри е тешка најмалку 3 тони, ја има проектирано Суронен, направена е од метален костур и пластика, се грее со камин однатре и има автономна бања и кујна. Таа беше мобилна, лесна за подгнување и згодна за користење назима зашто на покривот не се задржува снег.

„Летачките чинии“ добија свои обожаватели ширум светот, од САД до Тајван, но поради нафтената криза од седумдесеттите години од минатиот век, кога цената на пластиката скокна неколкукратно, производството на куќите „Футуро“ беше запрено поради неисплатливост. Денес на светот има останати, според приближни процени, околу 60 вакви куќи. Поголем дел од нив денес се авангардни напуштени објекти. Најмалку три „летачки чинии“ се наоѓаат во Русија!

Хотелот во Домбај

Хотелот во високите планини во Домбај претставува еден од ретките случаи кога оваа градба се користела онака како што нејзиниот автор ја замислил, како куќа за скијачи. Се има појавено на ова место прва од сите три руски објекти како подарок на премиерот на Финска Урхе Кеконен, голем љубител на нордиското скијање. Домбај отсекогаш бил популарно место за одмор кај советските туристи, а во шеесеттите години од минатиот век тука е подигнато современо одморалиште со одлична инфраструктура. Кеконен ова место го има посетено повеќе пати и му го има подарено овој необичен подарок.

Неодамна објектот беше пренесен 250 метри повисоко од претходната локација, до 4 линија на жичарницата. Хотелот работи и денес, при што и кога е многу студено внатре е топло. Може да прими 6 гости и се издава само во целост. Цената за еден ден е 15.000 рубли (околу 200 американски долари). Во цената се вклучени и два оброка.

На прашањето од каде се појавиле останатите две „чинии“ постојат неколку варијанти на одговорот. Според првата, Кеконен на Русија не ѝ подарил само еден, ами три објекти. Според друга, Советскиот Сојуз за Олимпијадата во 1980 година одлучил да купи неколку куќи „Футуро“ и во нив да смести киосци за сувенири и кафулиња, но поради воените дејствија во Авганистан на земјата ѝ беа воведени санкции, па успеа да ги добие само овие објекти.

Диско-барот „Тарелка“ („Чинија“) во Гурзуф

Кафулето со очигледен назив се наоѓа на Крим, во градот Гурзуф (улица Набережнаја 7)

„Чинија“ се има појавено тука пред повеќе од 30 години, кон крајот на советската епоха. Околу него е преубавиот парк на брегот на Црното море, дел од некогашниот Сесојузен младински центар „Спутник“ (денес овој дел од „Спутник“ е дел од одморалиштето „Пушкино“).

Во деведесеттите години од минатиот век ова беше елитен ресторан, но со текот на времето го изгуби статусот и стана диско-бар со електронска музика и со алкохолни пијалаци. А, колку прекрасен поглед на морето има од терасата!

Различни приватници повеќепати се обидоа да го обноват ова место, но на посетителите тоа сепак не им се допаѓаше.

Денес диско-барот е отворен и во својата понуда има раженчиња.

Кафулето „Чајнаја тарелка“ (Чајна чинија) во Краснодар

„Чинијата“ стана впечатлива знаменитост на обичниот станбен реон. Како и објектот во Гурзуф, се наоѓа на високо ниво.

На почетокот ова беше кафе-слаткарница „Спутник“, прилично популарна кај населението. А, во деведесеттите години од минатиот век тука се наоѓаше кафеана во која се собираа „љубителите на добрата капка“. Во текот на следните години кафулето го менуваше називот и сопствениците. Тука имаше дискотеки, магацин, па дури и продавница за домашна хемија.

Во последниве години „Чинија“ работи како чајџилница со широк асортиман чаеви. Имаше „космички“ уреден ентериер: црвено-жолти ѕидови и удобни ниски софи со разнобојни перници. Реакцијата на посетителите беше позитивна. Гостите ја истакнуваа разновидноста на чаевите и пријатната атмосфера.

За жал, чајџилницата е затворена. Денес во просторот под „чинијата“ се продава овошје и зеленчук.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња