Вилата на последниот руски цар во Турција станува хотел

Аљона Палажченко/Sputnik
Ловниот дом на рускиот император Николај II во турскиот град Сарикмаш, здание со исклучителна архитектура, опкружено со недопрена природа, ќе биде реновирано и претворено во хотел, пренесува турскиот весник Sözcü Gazetesi.

Како што се наведува, турското Министерство за култура и туризам објави тендер за закуп на вилата на 49 години, во кој од инвеститорите се бара да го реновираат замокот и да го претворат во хотел.

Историското здание е подигнато во 1897 година на територија што припаѓаше на Руската империја. Меѓутоа, по Револуцијата 1917 година, болшевиците им го дадоа регионот на североистокот на Турција на Турците, кои пак го претворија во провинција Карс, каде што денес се наоѓа ски-центарот Чибилтепе. Од центарот до Ловниот дом може да се стигне по шумска патека. Интересно е што до 1994 година замокот е користен за воени цели, а потоа почнал да пропаѓа. Со години беше актуелен само кога се бараше локација за снимање историски филмови.

Ловниот дом се наоѓа на 2100 метри надморска висина опкружен со борови шуми и ридови. Како што се предвидува со проектот, во новиот хотел ќе може да се сместат сто луѓе.

Преубавата, неповторлива архитектура на замокот изграден во балтички стил од крајно нетипичниот за оваа област жолт бор, ќе биде реконструира и сочувана. Куќата е изградена исклучиво од руски занаетчии кои не користеле ниту еден клинец во изградбата. Ловниот дом има две помошни згради. Особено импресивно е решението на системот за греење што руските инженери го сместиле во бетонските столбови. Градбата има вкупно 21 соба. Царското семејство примало гости во Ловниот дом, а главната вила имала улога на центар за рехабилитација и дворец. Многу современици и историчари ги зачудил фактот дека царот имал намера да лови далеку од престолнината, изложувајќи си го животот на сериозна опасност. Меѓутоа, причината била обидот за лекување со локалната клима на наследниот, принцот Алексеј, кој боледувал од хемофилија. Како што пренесуваат руските медиуми, нема сигурни потврди дека Николај II престојувал во својата турска резиденција.

Бидејќи куќата е оддалечена само четири километри од ски-центарот, среде недопрената природа, Турците веруваат дека таа ќе биде исклучително примамлива за туристите.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња