Вакви „речни трамваи“ би можеле да се појават во Москва веќе во 2022 година (ФОТО)

Национальный центр промышленного дизайна и инноваций 2050.ЛАБ
Футуристички дизајн, панорамски прозорци и појадок на брод – погледнете како ќе изгледа речниот јавен сообраќај на иднината.

Националниот центар за индустриски дизајн „2050.ЛАБ“ изработи концепт на електрични „речни трамваи“ во кои жителите на главниот град на Русија ќе можат да се возат по реката Москва. Фотографиите од концептуалното решение вработените во центарот ги објавија на својот сајт.

Во студијата се претставени три вида бродови за речен градски сообраќај со панорамски прозорци, за да можат патниците детално да го набљудуваат брегот. Во сите таканаречени „речни трамваи“ се предвидени рампи, уреди за инвалидски и детски колички, како и одделенија за велосипеди и друг крупен багаж.

На секое пловило ќе функционира автоматско пребројување на патници за во секој момент да се знае колку е оптоварено возилото. Седиштата, според главниот дизајнер на центарот Алексеј Шаршаков, ќе бидат ергонимични.

„Растојанието меѓу седиштата е одредено така што човек со секаква телесна градба може лесно да се смести“, изјави Шаршаков во интервјуто за агенцијата „Москва“.

Трите типа „речни трамваи“ се разликуваат според дизајнот, објасни Шаршаков. 

„Првиот тип има мошне опуштен дизајн на екстериерот: тоа е модерен брод на кој на патниците ќе им биде пријатно и удобно. Втората варијанта се издвојува според негативната наклонетост на стаклата и по издвоената кабина за капетанот: таа ќе се наоѓа над водата на предниот дел од патничкиот салон. Тоа го зголемува видното поле и му дава футуристички изглед на бродот. Ноќе ваквиот трамвај ќе биде видлив благодарение на специфичните светла напред“, објасни Шаршаков.

Кај третиот тип на брод кабината на капетанот ќе се наоѓа на второто ниво што, според мислењето на дизајнерот, уште повеќе ќе го прошири видното поле на патниците.

По посебна цена патниците ќе можат да појадуваат на бродот. „Трамвајот“, како што е замислено, ќе се запира на покриени станици со седишта, каде што ќе има паркинзи и возила за каршеринг. Исто така, од станиците ќе поаѓаат линиски автобуси кои ќе ги превезуваат луѓето до најблиската метро-станица и назад. Притоа возниот ред на „речните трамваи“ и автобусите ќе биде усогласен, нешто што патниците ќе можат да го следат преку апликација на нивниот мобилен телефон, која ќе овозможува и набавка на билети.

Редовниот електричен воден сообраќај би требало да стартува во Москва 2022-2023 година, соопшти заменик-градоначалникот на Москва за прашања од сообраќајот Максим Ликсутов во интервју за радиостаницата „Шансон“.

„Во моментов во главниот град сообраќаат само бродови на туристичките и рекреативните речни линии. Исто така, планираме да воведеме и редовни линии на градски сообраќај. Бродовите ќе бидат во согласност со најдобрата традиција на нашиот град: еколошки, без испуштање на штетни материи во воздухот и водата. Ќе користат електрична енергија. Таков речен сообраќај засега нема ниедна земја во светот“, објасни Ликсутов.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња