Петте НАЈВИСОКИ споменици во Москва

Legion Media
Големината е важна кога станува збор за спомениците. За да го покажеме ова, избравме некои од највеличествените ремек-дела на архитектурата во рускиот главен град кои досегаат до небото и зборуваат за руската историја, култура и наследство.

Споменик на Победата на Поклонаја Гора

Со 141,8 метри, ова е највисокиот споменик во Русија. Но, оваа бројка не е случајна. Тоа го симболизира времетраењето на Втората светска војна: 1418 дена. Секои десет сантиметри претставуваат еден ден во разорната војна која ги однесе животите на околу 27 милиони советски граѓани.

Споменикот има два дела. Долниот сегмент се состои од скулптура на Св. Ѓорѓи кој го убива змејот. Зад скулптурата се наоѓа обелиск во вид на бајонет, на кој се испишани имињата на најважните советски градови во кои се водеа борбите. Блиску до врвот е скулптурата на Ника, грчката божица на победата. Со златен венец во раката и два ангела со златни труби од двете страни, таа тежи околу 25 тони.

Но, се разбира, овој споменик е повисок отколку што изгледа на прв поглед. Основата на обелискот, висока само 8 метри, оди 3,7 метри под земја, каде што е поврзана со бетонска плоча со пречник од околу 40 метри. Во внатрешноста на обелискот има лифт кој се крева 87 метри двапати неделно, наменет за техничкиот персонал кој работи на одржување на споменикот.

Споменикот на Победата е идејно решение на Грузиецот Зураб Церетели, чии дела се наоѓаат на бројни локации ширум светот, вклучувајќи го и „Солзата на жалоста“ во Њу Џерси, кој Русија им го подари на САД, а е посветен на жртвите на терористичкиот напад на 11 септември.

Споменикот на Победата на Церетели е отворен во Москва 1995 година по повод одбележувањето на 50-годишнината од завршувањето на Втората светска војна.

Споменик на освојувачите на вселената

Навистина не можете да го одминете. Ја носи титулата втор по висина споменик во Русија. Оваа импресивна конструкција, која се наоѓа пред главниот влез во ВДНХ (огромен забавен парк и саемски простор во Москва), е висока 107 метри.

Споменикот е подигнат 1964 година во чест на советските успеси во истражувањето на вселената. И покрај својата големина, Споменикот на освојувачите на вселената (проектиран од скулпторот Андреј Фајдиш-Крандиевски и архитектите Михаил Баршч и Александар Колчин) не изгледа тежок и масивен. Реализиран во стилот на советскиот модернизам, тој покажува траекторија на ракета во лет под агол од 77 степени. Структурата тешка 250 тони беше составена рачно на земја, а потоа со дигалки подигната на предвиденото место. Со цел вистински да се доживее нејзината величественост, најдобро е да се погледне од различни агли.

Споменик на Петар Велики

Лесно ќе го забележите овој необичен споменик. Со импресивни 98 метри висина, поголем е од Статуата на слободата во Америка.

Џиновскиот споменик го прикажува рускиот цар Петар I на прамецот на брод. Подигнат 1997 година, предизвика многу контроверзи. Споменикот, креиран од плодниот уметник Зураб Церетели, се наоѓа во реката Москва, на вештачки остров. Тешко е над 2000 тони и се состои од три дела: постамент, брод и фигурата на Петар Велики.

Работник и колхозничка

Делото на Вера Мухина изработено од не'рѓосувачки челик претставува нејзин одговор на соцреализмот со цел да ја симболизира идеалната симбиоза на работничката класа и селанството.

Овој суштински советски споменик е висок 58 метри и всушност е направен за Светскиот саем во Париз 1937 година. По изложбата скулптурата беше пренесена во Москва, каде што беше поставена пред влезот на паркот ВДНХ, станувајќи магнет за туристите и жителите на градот.

Споменик на Јуриј Гагарин

Статуата е посветена на еден од најзначајните космонаути во светската историја. Направена е од титаниум кој се користи во изградбата на вселенски бродови.

Споменикот на Јуриј Гагарин, подигнат во јули 1980 година, е висок 42,5 метри и ги величи особините што го красеа советскиот космонаут: самодовербата, енергичноста и храброста.

Се наоѓа во центарот на плоштадот и остава впечаток небаре Јуриј Гагарин полетува кон небото. Може да се види од голема далечина. Фигурата на космонаутот е направена од 239 блока заварени меѓусебно.

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња