Необично убава населба близу злогласниот советски „Пат на коските“ (ФОТОГРАФИИ)

Речиси напуштената населба на Колима и понатаму е една од најубавите во Русија. Становите тука чинат по 670 долари.

Синегорје во извесна смисла потсетува на Припјат, град во близина на Чернобилската нуклеарка.

И тука на сите страни има напуштени висококатници без прозорци и врати, како и патишта кои повеќе никаде не водат.

Но, за разлика од Припјат, животот тука воопшто не згаснал. Населбата покрај бурната река и планините (кои изгледаат како да се сини, па затоа и населбата го има добиено називот Синегорје) претходно имала речиси 12.000 жители.

Сега не се ниту две илјади. Преостанатите жители и понатаму живеат тука, во овој необичен декор, среде напуштените згради и глетките од кои престанува здивот.

Селото на брегот на Колима се појавило во 1971 година. Тука луѓето доаѓале да ја градата Колимската хидроелектрана на која ѝ немало рамна во Советскиот Сојуз.

На триесет километри од Синегорје минува Колимскиот пат, некогашниот злогласен „Пат на коските“.

„Претходно Колима било место на прогонства“, потсетува 22-годишната Полина која од раѓање живее во Синегорје. Затворениците на Гулагот дваесет години го граделе патот од Магадан до Јакутск долг 2.000 километри, како и друга инфраструктура, и тоа во нечовечки, тешки услови на вечно замрзнатото тло. Назима температурата паѓа на -40 степени Целзиусови. Се проценува дека во текот на постоењето на логорот животот го имаат изгубено над 125.000 луѓе.

Но, неколку децении подоцна луѓето веќе по сопствена желба почнаа да доаѓаат во Синегорје.

„Моето семејство, како и многу други, се имаат преселено тука за да го 'покорат северот', привлечено од романтичната претстава за овој крај, а воедно и од можноста за вработување во единствената хидроелектрана“, вели за Russia Beyond Михаил Скворцов. Тој е роден во 1983 година во единственото родилиште во Синегорје. Неговите родители се преселиле тука од Санкт Петербург. На таквите тука им биле доделувани станови. Низ прозорецот можело да се види феноменална глетка.

„Снежна долина облеана со сонце и опкружена со висини“, оваа слика од Синегорје му се врежала на Михаил во сеќавањето.

Додека се градела и започнувала со работа хидроцентралата, Синегорје било мошне живо место.

Изградба на Колимската хидроелектрана, Далечен исток, Магаданска област, Синегорје.

Тука постоел и јахтинг-клуб, патека за скијање со ски-лифт, детски камп, парна бања, кино, дом на културата, теретана, па дури и сопствен аеродром со зграда на кат и со бифе, мозаик, огледала и телевизори.

Изградба на Колимската хидроелектрана.

Еднаш во 24 часа оттука полетувал авион за Магадан, најблискиот град оддалечен 480 километри.

„Секако, тука никогаш немало клубови, луксузни ресторани и трговски центри. Ова е мало населено место. Но, беше многу убаво. Големиот дом на културата, за жал, изгоре, на тоа се сеќавам. Имаше и едно мало кафуле, одамна е затворено. Сега имаме кафе-бар каде се собираат младите, мал Дом на културата и ништо повеќе. Имавме и најдобар базен во Мадаганската област, но и тој е запуштен“, раскажува Полина.

Кога хидроелектраната беше целосно воведена во експлоатација луѓето почнаа да заминуваат од Синегорје. Михаил вели дека „северниот“ романтичен ентузијазам во Синегорје спласнал кога започнала перестројката, а потоа и дефицитот во продавниците. Но, не е вообичаено да се уриваат старите згради, тие стојат празни.

Жители на Синегорје, Магаданска област, 1984 година.

Бројот на жителите толку се намалил што во населбата се напуштени околу две третини од зградите.

„Сега нема што друго да се прави, освен да се оди на работа. Природата тука е многу убава, но нема никаква забава. Луѓето се обидуваат да се преселат во цивилизација, барем во Магадан, па затоа ги продаваат становите за 50.000-200.000 рубли (670-2.700 американски долари).

„Гласовите дека населбата се затвора кружат уште додека одев на училиште“; вели Полина.

Михаил одамна заминал. Тој е уверен дека во Колимската хидроцентрала ќе биде воведен режим на сезонска работа, така што на крајот нема да има ни потреба од оваа населба.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња