Москва во првите години на советската власт: Низ објективот на Наум Грановски (ФОТОГРАФИИ)

Галерија Лимијер
Главниот фотограф на архитектурата на престолнината Наум Грановски со децении правел снимки на главниот град. Еве ги неговите најдобри фотографии од дваесеттите и од триесеттите години на минатиот век.

Денес според фотографиите на Наум Грановски може да се следи развојот на главниот град на Русија и неговата архитектура од дваесеттите до осумдесеттите години од минатиот век, односно градбите кои на почетокот од 20 век ги финансирале успешните трговци со „Сталиновиот ампир“ и модернизмот.

Наум Грановски. Сухаревски пазар и Сухаревската кула во текот на дваесеттите години од минатата години.

Интензивното преуредување на Москва започнало во 1918 година кога ѝ бил вратен статусот на главен град. Тогаш од Петербург во Москва се префрлени и институциите на советската власт. Било планирано старата руска престолнина да стане центарот на земјата на Советите и воедно главен град на првата социјалистичка држава во светот.

Во текот на дваесеттите години од минатиот век започнало интензивно преуредување на градот и ново планирање. Но, на фотографиите на Наум Грановски од тој период нема градилиште и речиси да нема нова архитектура, така што може да се види како изгледал градот во царскиот период.

Наум Грановски. Каланчовски плоштад, 1929 година.

„Тој брза да ја овековечи старата Москва која исчезнува. Кога се гледаат овие фотографии се добива впечаток дека Грановски слика типични глетки со кои ќе се спореди секоја подоцнежна состојба“, вели Елизавета Лихачова, директорка на Државниот музеј за архитектура „А. В. Шчусев“.

Наум Грановски. Храмот на Христос Спасителот, подигнат по повод победата во Татковинската војна во 1812. година. 1927 година.

Грановски во текот на дваесеттите години од минатиот век бил помлад дописник на „Фотохрониката“ во агенцијата ТАСС. На почетокот од кариерата тој само испробува различни фотографски методи. Во неговата архива можат да се најдат работи во стилот на конструктивизмот.

Наум Грановски. Шуховска кула, 1929 година.

Во текот на триесеттите години од минатиот век архитектурата станува дел од политиката. Новите зданија, улици и плоштади треба да станат видливо воплотување на успехот на младата советска држава. Сега Грановски веќе намерно го следи процесот на изградба на новата Москва.

Наум Грановски. Зградата на издавачката куќа „Правда“, 1934 година.

Славата на Наум Грановски како „московски хроничар“ започнува во 1934 година, додека работел како фотограф во издавачката куќа „Изогиз“ каде еден од приоритетите бил фотографирање на архитектурата на земјата која „расте и цути“.

Наум Грановски. Големиот камени мост, крај на триесеттите години од минатиот век.

Постепено кон крајот на триесеттите години од минатиот век се формирале препознатливите црти на градските фотографии на Наум Грановски: добро проверена композиција, длабинска перспектива на улиците и висока линија на хоризонтот.

Наум Грановски. Москворецки мост и московскиот Кремљ, 1939 година.
Галерија Лимиер

Градот станува едно огромно градилиште. Се проширува улицата Горки (денес Тверскаја), се појавува зданието на хотелот „Москва“, Лениновата библиотека, зградите на кејот. На местото на старите населби Охотни Рјад, Китај-город и Зарјадје се појавуваат нови плоштади и улици.

Наум Грановски. Манежниот плоштад и хотелот „Москва“ во текот на триесеттите години од минатиот век.

Во тек е големата изградба на московското метро. Врвот на целиот овој процес ќе биде усвојувањето на генералниот план за реконструкција на Москва во 1935 година. Овој план со определени корекции ќе важи до почетокот на седумдесеттите години од минатиот век. Во Москва настапува периодот на Големиот стил кој подоцна ќе биде наречен „Сталинов“.

Наум Грановски. Хол на влезот во станицата на метрото „Динамо“ во текот на триесеттите години од минатиот век.

„Кога се гледа проектантската графика што советските архитекти ја истакнале за разгледување, се стекнува чуден впечаток дека овие прекрасни зданија се наменети за некој друг град. Тие се огромно и оптоваруваат. Автомобилите и луѓето, па дури и авионите во споредба со овие џиновски градби изгледаат како играчки“, пишува Елизавета Лихачова за монографијата „Наум Грановски 1920-1980“. Според неа, оваа архитектура не зборува за човекот и не му е наменета нему. Таа сведочи за величественоста и за моќта на државата.

Наум Грановски. Бољшој театар во текот на триесеттите години од минатиот век.

Но, на фотографиите на Грановски нема само „тоталитарна архитектура“. Тој го слика и градот, го следи неговиот развој и изгледот кој се менува. Повторно и повторно се прикажуваат едни исти плоштади и исти улици.

Наум Грановски. Изложба на достигнувањата на народното стопанство, Павилјон на централните области на Руската советска федеративна социјалистичка република, 1939 година.

Најважно, меѓутоа, е тоа што Грановски ги фотографира московјаните. Според Елизавета Лихачова, доаѓа до необична метаморфоза: „Она што во графиката изгледа како да оптоварува, во градот се доживува како природно. Грановски го поставува Големиот стил така што ќе биде приемлив за човекот“.

Ретроспективата „Москва на Наум Грановски 1920-1980“ по повод 110-годишнината од раѓањето на авторот ќе трае до 31 октомври 2020 година во Центарот за фотографија „Браќа Лимиер“ со поддршка на фондацијата Sill Art.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња