5 Инстаграм-профили со напуштено, но восхитувачко советско наследство (ФОТО)

Анастасия/@nakifaria; @p01ina
Костури на селски цркви, слоеви стари тапети, напуштени пионерски кампови и воени објекти – сето ова ќе го најдете на пет интересни профили на Инстаграм инспирирано од советската естетика.

@nakifaria: Мртви населби и советско индустриско наследство

Правничката Анастасија Рјаковскаја од Москва веќе три години снима ретки глетки од изминатата епоха. Напуштени болници, електрани, училишта, домови на културата и џиновски советски мозаици се само дел од она што можете да го најдете на нејзиниот профил, а вакви објекти во Русија има илјадници.

„Впечатоците од овие патувања спаѓаат меѓу најсилните во мојот живот. Погледнете го само напуштениот нуклеарен светилник Анива (Сахалин) или напуштената населба Кадикчан за неколку илјади жители (Магаданска област)“, вели Анастасија.

Таа истакнува дека набрзо сиве овие објекти ќе бидат урнати и дека ќе исчезнат засекогаш, никој нема да ги обнови. А, таа ги наоѓа на Интернет, ги запишува на мапата и ги посетува за да ги забележи последните моменти од нивниот живот, пред да ги разурнат булдожерите.

Нејзиното последно патување траело 2.5 месеци: со автомобил минала од Москва до Владивосток, 9.000 километри, при што посетила илјада „изгубени“ објекти.

@samasyava: Бавно изумирање на руската провинција

Ксенија Савина многу години патува по Русија и заедно со локалните жители ги истражува просторите со напуштени цркви и села.

По правило со тоа се занимава во текот на викендите, фотографирајќи празни села кај Твер и костури на пропаднати цркви во близина на Јарослављ.

Савина вели дека всушност таа го бележи бавното изумирање на градбите, а понекогаш и на цели населби.

Без разлика дали станува збор за напуштена болница во Рибинск или за замандалени изрезбарени прозорци, низ објективот на Ксенија сета оваа руска старудија изгледа како уметничко дело.

@p01ina: Реткости со историја

Фотографот и блогер Лина Резник ги истражува напуштените места по целиот свет, но на Русија ѝ посветува особено внимание.

Овие мозаички паноа таа, на пример, ги пронашла на зарасната патека на напуштениот пионерски камп „Чајка“ во Полушкино (200 километри од Москва).

Покрај многу објекти таа ја прилага и нивната историја и дава препораки за посета.

Еднаш за малку ќе ја заклучеле во напуштената железничка станица-музеј во населбата Ленински Горки.

„Некој одеднаш почна да ја затвора вратата однадвор. Првата мисла ми беше да потрчаме кон излезот, викајќи дека сме внатре. Но, сепак се притаивме зад столбовите. Навистина, не е баш убаво да се остане забарикадиран во напуштена железничка станица, но уште помалку сакав да ме фатат чувари или полицајци. За среќа, искористивме само еден клинец, што го извадивме и излеговме надвор“, пишува Лина на својот профил.

@anna_korob: Мрачна естетика и пејзажи од кои те лазат морници

Пред неколку години жителот на Татарстан Алексеј Ушаков започна на Јутјуб да снима материјали за „Напуштената Русија“. Посетуваше села и копаше по правливото минато за на корисниците на Интернет да им претстави интересни приказни. Романтиката на напуштените села на многумина им се допадна. А, сега Ушаков има цел проект под ист назив со фотографи, следбеници и со агенцијата за индустриски туризам.

Овој профил е еден од оние кои учествуваат во проектот со огромна база на „заборавени“ места.

Стар селски имот, дрвени изби со поцрнети прозорци и разурнати куќи од проектот „Напуштена Русија“ се нештата кои изгледаат пострашно од сценографиите во некои квалитетни хорори. Оценете сами.

А, на профилот можат да се видат и фантастични видеоснимки направени со помош на дрон.

@sovietinnerness: Уредување на пропаднати „хрушчовкиˮ

Ова е носталгичен Инстаграм-профил Soviet Innerness, на кој Италијанците Елена Амабили и Алесандро Калвареви ја истражуваат советската естетика низ напуштените ентериери, занимавајќи се конкретно со слоевите стари тапети во становите од градовите на Заедницата на независни држави.

Идејата за профил на Инстаграм со советска естетика настанала по нивната посета на Латвија во 2014 година каде се занимавале со индустриски туризам. Излегло дека уредувањето на напуштените истрошени „хрушчовки“ (згради со лош квалитет подигнати во времето на Хрушчов) е толку убаво и обемно што решиле да се сконцентрираат само на ѕидовите. Својот проект го нарекле „wallpaper journeys behind the Iron Curtain” (патувања низ тапетите зад железната завеса).

„Куќите често се празни и напуштени зашто нивните жители едноставно емигрирале на Запад или се отселиле во големите градови“, велат авторите на проектот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња